22 март
Овие 40-мина беа римски војници. За време на гонењето од страна на Ликиниј кој владееше со источниот дел од Римското царство заедно со Диоклецијан, тие беа изведени пред суд заради нивната вера, а потоа ставени во замрзнато езеро и оставени таму преку целата ноќ.
Кога следното утро војсководецот ги најде живи, ги погуби и нивните тела ги фрли во водата за да останат непогребани. Но, три дена подоцна локалниот Севастиски епископ ги извади моштите од водата и чесно ги погреба. Пострадаа околу 320-та година.
Празник на младоста и љубовта
Празникот на пролетта 22 март (9 март, стар стил) младите го празнуваат како свој ден, како ден на младоста, љубовта и убавината. Истиот ден Светата православна црква го празнува споменот на четириесетте војници од Севастија кои маченички загинале за христовата вера.
Именден празнуваат: Младен, Младенка и др.
Житијата за Светите четириесет маченици како и повеќето народни преданија за нив меѓусебно малку се разликуват, но во сите се зборува дека четириесетте војници од Севастија маченички загинале не откажувајќи се од христијанската вера. Во 320 година четириесет војници од еден полк во Севастија је одбиле наредбата да се поклонат пред римските идоли и да им принесат жртви. Кога изјавиле дека тоа го прават бидејќи веруваат во Исуса Христа најпрвин биле повикани кај градоначалникот и биле убедувани да се откажат од христијанството и да му се вратат на идолопоклонството, а кога тоа го одбиле биле затворени, мачени и изведени пред суд. Биле осудени цела ноќ да стојат во вода што смрзнува. Во близината имало бања со топла вода, а на војниците им било речено дека ако некој се предомисли и се откаже од Исуса Христа да појде во бањата каде што го чекаат топла вода и вкусни гозби. Но момчињата храбро ги издржувале страдањата, молејќи се на Исуса и меѓусебно храбрејќи се. Само еден од нив не можејќи да издржи во водата што смрзнувала тајно го напуштил базенот и се упатил кон бањата, но на самиот влез во неа починал.
Ноќта сите стражари заспале, само еден останал буден. Во еден момент тој забележал светли венци над главите на војниците и бидејќи бил христијанин веднаш влегол во водата молејќи го Бога и нему да му даде таков венец. И навистина набргу над сопствената глава забележал ист таков венец. Утрото измрзнатите војници ги натовариле на кола и ги одвеле надвор од градот каде што ги запалиле.
Споменот за четириесетте маченици нашол одраз и во македонските народни преданија. Така на пр. преданието од Гевгелиско се раскажува дека во старите времиња кога неверниците го прогонувале секој што ќе се покрстел и ќе ја примел Христовата вера имало некој човек што имал 40 синови. Кога станале христијани ги оковале во синџири и ги фрлиле во темница, каде што и умреле. Но набрзо потоа христијанството зело замав и станало многу силно, поради што споменот за нив се празнува до денес. Преданието од Струшко, пак вели дека четириесетте маченици биле деца кои Евреите ги мачеле за да го кажат Исуса. Кога не успеале да ги придобијат ниту со ветувања, ниту со казни, решиле да ги погубат. Им дале црна волна и им заповедале со перење да ја направат бела, а потоа ги убиле осветувајќи им се за нивната приврзаност кон Исус Христос.
Поголем број обичаи што се изведуваат на овој ден се поврзани со бројот 40 во спомен на четириесетте маченици од Севастија. Собирачите на македонски фолклорни и етнографски материјали од половината на минатиот век до денес запишале повеќе вакви обичаи и верувања. Така на пр. Кузман Шапкарев сведочи дека „на 9 март (стар стил) поменот на 40-те маченици, се празнува со некои особености“. Тој сведочи дека спроти празникот собирале 40 полжави, потоа правеле 40 сарми со ориз и расол, а на ручекот пиеле по 40 чаши вино во спомен на 40-те маченици. И Ефтим Спространов запишал дека за овој празник во Охрид се правеле 40 сарми, се јаделе уште и 40 полжави, 40 ракови итн. Во Разлошко, во пиринскиот дел на Македонија, како што запишале браќата Костадин и Димитар Молерови секој требало да направи 40 метании пред Господ, од полето да донесе 40 прачки, 40 билки, и 40 ракови од реката, и тн. Миленко С. Филиповиќ запишал дека во Скопската Котлина пиеле 40 чаши ракија, а Стефан Тановиќ во богатите записи од Гевгелиско сведочи дека на овој ден береле и прачки „четрирасат биз едно-за сновајне”.
Од поновите записи ќе ги споменеме сведоштвото на Зорка Делиниколова, дека во Радовиш се варела пченка од која секој апнувал по 40 зрна за да се заварат (затечат) 40 бучуци жито во амбарите, а освен што пиеле 40 чаши ракија и саделе 40 корења во нивата. Во Кумановско пак, како што запишал Велимир Николов на овој ден ништо не се садело зашто немало да никне 40 дена. На овој ден интересни обичаи се правеле во Штип. Александар Донски пишува дека во овој град луѓето оделе на Исарот од каде што секој фрлал по 40 камчиња кон Брегалница, а дома правеле 40 теганици за јадење. Во селото Елешница, Разлошко, според еден современ запис вечерта спроти празникот од реката донесувале 40 камчиња и ги ставеле во ќошовите на куќата и откако тука ќе преноќеле утрото пак ги фрлале во реката. Тоа се правело за здравје на куќата. Во таа смисла камчињата што ги собирале задолжително требало да бидат бели.
Денот на пролетната рамнодневица според многумина е вистински почеток на пролетта. Наголемениот ден во однос на оној во текот на зимата, посилното сонце, појавата на птиците преселници, враќањето на вегетацијата, во свеста на човекот создавале мислење дека е поминат критичниот период и дека во секој поглед доаѓаат поубави денови. Во таа смисла се и повеќе обичаи верувања поврзани со некои птици и растенија. Се мисли дека до овој празник денот е зголемен толку колку што може да скокне петел од прагот. Во врска со верувањето дека со овој ден започнува вистинската пролет е и обичајот да се јади нешто зелено (зелен ручек) со што се означува сиромашкото лето, период во кој, како што се вели не се умира за храна зашто таа може и на трн да се најде. Некои со ова верување ја поврзуват и пословицата: „Не умри магаре до зелена трева“.
Во повеќе краишта на Македонија со овој ден е поврзано враќањето на птиците преселници. Во Велешко како што забележал Д. Матов на овој ден ластовиците иделе од арапска земја, во с. Елешница, Разлошко, секогаш на овој ден доаѓал штркот, а и во струшки Дримкол на овој ден се очекувало доаѓањето на птиците преселници. Во врска со тоа е и верувањето дека ако човекот гладен (на гладно срце, како што се вели) слушне пеење на овие птици, (ластовици, кукавица, пупунец и др.) ќе биде разбиен од нив, ќе се разболи или не ќе има напредок во текот на целата година. Во таа смисла е и записот на Јордан Хаџи Константинов-Џинот објавен во „Цариградски весник“ од 1852 година: „Деветти Март кога ќе влезе, сите, мали и големи треба уште во постела да каснат по еден залак леб, за да не ги „пробие“ ненадејно ластовица, дури до Благовец. Исто така, ќе се чуваат и од штрк, да не го видат со боси нозе, т.е. без чевли“ Во Скопско верувале дека ако ги разбие пупунецот ќе им смрди душата, а ако ги разбие грлицата многу ќе кршат садови во текот на годината. Колку ластовици ќе видел човек на овој ден со толку облека ќе се подновел во текот на годината.
Извесен број обичаи и верувања се поврзани со растенијата. Во таа смисла интересен е записот на Стефан Верковиќ од Долновардарско, егејскиот дел на Македонија, во кој се вели дека „Спроти Свети четиријсат (9 марта) през ноќта секое дрво и растение си наведува врвут да си бакнува коренут. От тоги веке факе да расте“. И други запишувачи на македонски народни верувања забележале дека до тој ден на растенијата растеле само листовите, а од овој ден растеле гранките откако ќе им се поклонеле на корењата и ќе ги бакнеле.
Празникот на Светите 40 маченици, познат во народот и како Маченици но и Мучејнци, а најчесто како Младенци се држи како тежок празник и тогаш ништо не се работи. на овој ден се вели дека и пилците не правеле седело. Во Разлошко не смееле да фатат гребни, конци, игла или метла за да не гледаат змии. Сепак во други краишта жените пред сонце ги метеле дворовите за да ги затече чисти сиромашкото лето. Особено жените внимаваат да не месат зашто во текот на летото ќе имаат многу стоногалки во ношвите и на другите места каде што се чуваат лебот и брашното. Во некои места пак иако на овој ден не се работи чинело да се калеми. Исто така, мажите прошетувале низ полето да ги видат посевите, да позавршат некои работи и да испијат за адет, 40 чаши ракија. Во Гевгелиско над вратите обесувале коприви како растение кое ги одбива несреќите. Исто така, утрото луѓето каснувале лук и се намачкувале со него под мишките за да не се потат при работата и да бегаат од нив змиите.
Како период кога се затоплуваат воздухот и земјата во некои краишта се верува дека на овој ден излегуваат змиите од дупките. Интересни обичаи поврзани со култот кон змиите, и со верувањето во нивната исцелителна моќ се уште се изведуваат во с. Орман кај Скопје. Според записите на повеќемина истражувачи, во минатото Миленко Филиповиќ, Христо Вакарелски, во наше време Лепа Спировска и др. во местото Змијарник, кај црквата што го носи името „Свети четириесет маченици” во близината на селото на овој ден се собира многу народ не само од ова и соседните села туку од цела скопска котлина. Особено доаѓаат лица на кои им се потребни лек и друга магиска помош: болни, жени што немаат деца, девојки што не можат да се омажат или момчиња што не можат да се оженат и сл. Тие, пред дупките од каде што се очекува излегувањето на змиите, ставаат разни нишани, најчесто облека (кошули, џемпери и сл.) и со нетрпение очекуваат змиите да излезат и да поминат преку нишаните. Некои луѓе дури без страв со гола рака ги фаќаат змиите што се обидуваат да ги заобиколат нишаните и ги ставаат врз нив. се верува дека ако змијата мине преку нишанот и болниот ќе оздрави, жената без деца ќе роди, девојката ќе се омажи, момчето ќе се ожени итн.
Во врска со култот кон змиите во ова и соседните села има и други верувања. Така на пр. неженети момчиња и немажени девојки носат во себе зрно грав проврено низ устата на пресечена змиска глава и веруваат дека со тоа побрзо ќе се оженат и омажат. Исто така, момче што ќе најдело змиска кошула и ќе ја ставело врз своето тело ќе се оженело со девојката што ја сакало.
Вечерта спроти празникот младите, девојките и момчињата изведувале повеќе обичаи т.н. гатање за брак, преку кои настојувале да ги дознаат своите идни брачни другари. Тоа го правеле на различни начини. Во Гевгелиско како што пишува Стефан Тановиќ вечерта спроти празникот, во мракот, девојките сечеле прачка од дудинка (црница, муренка) и ја ставале како мост преку некоја бразда или поток велејќи: „Који ми е удилен ваја вечер нека дојде на воја мост да пумине и уф нас да дојде!“ Овие зборови ги повторувала три пати и верувала дека ноќта ќе го сони момчето за кое ќе се омажи. Некои пак ова гатање го правеле на следниов начин: Вечерта спроти празникот земале три стракови коприва, секој посебно го врзувале со црвен конец и го наменувале на по едно момче. Утрото викале некоја своја другарка да одбере еден страк од копривите што ќе означува нејзиното момче, идниот брачен другар.
Слични обичаи и верувања се правеле и во Разлошко. И тамо девојките оделе надвор од селото кај некоја вода и плетеле мосчиња од врбови прачки. Притоа велеле: „Тој што ми е на касметот, да ме преведе преку мостот“. Вечерта на вечерата првиот залак скришум го вадела од устата и го ставала под перницата. Верувала дека ноќта ќе сонуваат како стои на мостот, а момчето како и вика: „Мори дај рака да те преведа, ти нема да минеш по тој мост”.
Во Штип од 40-те камчиња што од Исарот ги фрлале кон Брегалница младите неженети и немажени оставале едно за себе, го носеле дома и вечерта го ставале под перницата. Верувале дека тој што ќе го сонат таа вечер ќе биде нивниот иден брачен другар.
Имало и други начини младите да го дознаат својот иден брачен другар. На попретки земале памук, усукувале два конца, ги ставале еден до друг и заедно ги запалувале. Ако изгореле до крај значело дека сигурно ќе се земат.
Сонот таа ноќ никогаш не лаже, верувале во Гевгелиско, се вели во еден запис од Гевгелиско објавен во „Македонски преглед” од 1926 година, каде што е објавено и едно интересно кажување на баба Марија од село Милетково, која кога била девојка врзувала по две прачки со црвен конец и вечерта ги ставала над браздата како мосче, верувајќи дека ќе го сони момчето за кое ќе се омажи. „Три години по ред како мома правев мосчиња и трите години го сонував мојов дедо. И ми беше многу мака, зашто не го сакав, друг си имав на ум. Божичко колку сакав да го сонам тој што ми беше на ум, но не се случи. Мојов дедо го сонував и за него се омажив. Сонот во тој ден не е лажовен“.
Со празникот Свети четириесет маченици или Младенци се поврзани и други обичаи и верувања. Така на пр. во Радовиш овој ден бил празник на ковачите и тогаш се одело на визита кај членовите на овој еснаф. За таа цел во семејствата на ковачите се набавувала пченица, половината ја мелеле брашно и меселе проскури, а другата половина ја вареле. Оделе во црква, а по службата раздавале од пченицата и проскурите.
На овој празник се изведувале и обичаи со кои се прогнозирало колку ќе биде родна годината. Утрото веднаш по станувањето се земала првата гранка до која ќе се потпрел човекот, таа се горела и пепелта од неа се сеела. Потоа се гледале покрупните остатоци во ситото. Ако личеле на пченица таа година повеќе ќе родела пченицата, ако личеле на пченка, просо или нешто друго значело дека овие земјоделски култури ќе родат повеќе.
Во минатото овој празник во Македонија го празнувале не само македонското христијанско население туку и муслиманското кое го именувало како „Султан Нефруз“.
Очигледно е дека во минатото во Македонија со празникот „Свети четириесет маченици“ биле поврзани голем број обичаи и верувања. Еден дел од нив се поврзани со споменот за Светите 40 војници од Севастија, а другите со пролетната рамнодневица, со денот на пролетта и повторното оживување на природата.
Денес многу од овие обичаи се заборавени. Но сепак празникот Младенци е целосно посветен на младите, на младоста и љубовта, и со него се поврзани многу желби за среќен брак и убава иднина. Од понов датум е обичајот на Младенци да се оди на гости и да се носат подароци кај младите што стапиле во брак меѓу двата празника.
(За МИА подготви д-р Марко Китевски)