Со наслов сакав да опишам накратко, во каква држава живееме. Бидејки сме во време на изборен циклус кој се одвива со невидени циркузијади, проблемот го лоцирам во Изборниот закон и неговата примена, како и од практицирањето на власт од страна на позиционерите.
Кај нас се изгледа легално и спроведено според закон. Избирачкото право го има секој државјанин на Р.М. па и оние од Пустец, Мала Преспа, Корча и други места од Албанија кои експресно добиа и државјанство и лични карти, ама и адреси во избирачките места кај е најпотребно да помогнат на владеачката партија да победи на овие избори, нормално и легално. А тоа што голем број на граѓани не можеа да се најдат на избирачките списоци на денот на гласањето, за тоа никј не сноси одговорност, ни кој ги бришел ни зошто ги бришел?
Изборните органи, односно нивните членови, ајде да веруваме дека се избираат во согласност со законот, но сигурно не се апсолутно пасивни кога е во прашање изборната активност, па да не помогнат, или зажмурат кога е потребно за да помине и „бугарски воз“ или режирано броење на ливчиња и толкување на важечки-неважечки и кој знае што уште не со само на нив знаени и незнаени методи, а се во интерес на „демократко“ освојување на власт од страна на една партија.
И огромен дел на државните и јавните службеници се мобилизирани максимално во давање допринос за освојување, односно одржување на власт, заради закана дека ќе бидат сменети или избркани од своите работни места ако дојде до промена на власт. А добар дел се нашле таму како разултат на некои поранешни свои активности во предизборието, и сега мора наградата да ја доодработуваат. Добиваат конкретни задачи, ги одработуваат, и со отчет се јавуваат кај претпоставените за да си ја оправдаат ветената или веќе добиената позиција.
Кога се во прашање Парламентарните избори, поделеноста на Р.М. на шес избирачки единици и примената на Донтовиот модел при обработка на резултатите од гласање ги форсира големите партии, а така наречени мали партии се однапред ставени во подредена улога зошто нивните галасови со кои не можат да обезбедат свој пратеник се прелеваат на конто на најмоќниот во дадена изборна единица. А зошто Р.М. не е една изборна единица, па да и најмалата партија подеднакво има шанси на цела територија на државата да си обезбеди свој претставник во Парламент и активно учествува во креирањето на државната политика.
Избраните Пратеници односно Советници, кои патем речено биле на затворените кандидатските листи на одредена политичка партија или коалиција, по чинот на изборот одеднаш се трансформираат во слободни играчи кои на „пазарот на Пратеници односно Советници“ можат да бидат предмет на непречено преминување од партија или коалиција во друга партија или коалиција, под сомнителни околности, обично за потребите на силните и моќните партии, во овој случај на партиите на власт, заобиколувајки ја вистината дека во тој случај е измамен гласач кој на денот на гласањето се определил за понудената политичка опција или групација, верувајки дека внатре на затворената листа се позиционирани најспособните од таа опција или коалиција да ги остварат ветувањата од предизборните програми. Со кое право лице избрано на затворена листа си располага со мандат даден од граѓаните како да е негова лична своина? Дали на граѓаните им е јасно дека се работи за голема измама ама во закон спакувана.
Избирачките комисии според законот, по завршувањето на избирачкиот ден составуваат и доставуваат записници со релевантни податоци и евентуални забелешки како од страна на комисијата, така и од страна на овластените претставници. И замислете, ако во самиот записник овластениот претставник не навел забелешка истата може да се достави во рок од пет часа од време на затварањето на избирачко место, време во кое се веќа познати резултати од гласањето. И сега како ја толкувате оваа одредба? Немам забелешки, ама ако губам е тогаш имам право да поднесам приговор? Веројатно и ова е една од демократските придобивки за еднопартиско владеење. Но ако и оваа не успее, е тука е последната инстанца, Управен суд, а тука се знае„ ко веже коња а ко јаше коња“ и жалење веќе нема.
Покачување на пензиите (номинално усогласување со порастот на цените на мало) над тој износ би било покачување, (а не ова нам што ни се случи – линеарно за сите) и тоа пред стартот на изборниот месец треба да го разбереме како редовна активност на Влада? А зар не е тоа директен притисок над огромен број граѓани- пензионери во правец на нивно определување за кого да гласаат на локалните избори? Како ги оценувате предвремено исплатените субвенции на обесправените земјоделци, лозари тутунари и други и тоа селективно во предизборието? И тоа се редовни активности на Влада?
Што станува со партиската растрчаност на Владините Министри и функционери во предизборието на локално ниво? Како може да се толкува присаство на Министри и други високи функционери пропратено со силно полициско обезбедување, на локално ниво, каде во најброен случај, истите немаат никаква врска со предметната Општина. Едноставно, демонстрација на сила и моќ, предизборен маркетинг со пари на граѓаните и злоупотреба на политичката позиција за партиски цели.
Ветувањата од страна на овие моќници дека ќе помогнат од централно ниво за остварување на предизборни ветувања ако победи нивната опција се директна злоупотреба од позицијата на власт и мешање во самостојноста на одлучување на локално ниво во услови на децентрализацијата на Власта. А партиска цел овде е препознатлива; еднопартиско владеење со тенденција за целосно инсталирање на едноумие. Накратко,тоа се дел од наши демократски закони за еднопартиски систем во кој опозицијата треба да биде статист, или демократски декор. На крај се прашувам до каде е граница на издржливоста на граѓаните на Република Македонија?
Мирослав Трлин, член на ЦО на НСДП