„Моето семејство е намерно избрано да биде прогласено за виновно за ликвидацијата на петтемина кај Смилковското езеро. Тоа се прави секогаш со жители на Арачиново кога ќе се случи кривичен настан“ – изјави Ќезмедин Демири, брат на Алил Демири, еден од главните извршители на убиството кој во моментов е во затворот во Приштина со барање да биде екстрадиран во Македонија.
Ќезмедин пред новинарите откри дека го посетил братот во притвор и дека зборувале како се наместени од полицијата дека тие го извршиле делото.
На прашање зошто се криел Алил Демири од полицијата, брат му одговори дека се плашел да дојде во Македонија затоа што знаел дека ќе биде малтретиран и неправедно осуден поучен од неговото искуство. Ќезмедин инаку е воено лице во АРМ и беше приведен за време на акцијата, но подоцна ослободен затоа што не бил вмешан во инцидентот.
Денеска тој се појави како сведок во судница во процесот „Монструм“ и зборуваше за околностите на ликвидацијата. Со оглед дека дента имал 36 часовно дежурство во касарната „Илинден“ тој не знаеше многу за инцидентот и зборуваше за роднинските и пријателските релации со обвинетите.
Инаку Алил Демири и Африм Исмаиливиќ се уште се во притвор и екстрадицијата ќе се спроведе откако прво ќе им се пресуди за поседување нелегално оружје кое косовската полиција им го откри при апсењето на Косово. Тоа, спроед очекувањата на адвокатот Насер Рауфи, ќе се случи пред летните одмори. Инаку судскиот процес привршува со испрашување сведоци.