1.
Сите, без исклучок, имаат најлошо мислење за воените профитери. Тие, нели, заработуваат на туѓата несреќа, на потоците крв, на силувањата и убиствата, на сите можни трагедии што можат да го снајдат човека во виорни воени времиња. И по правило воените профитери завршуваат така како што треба да завршат – со најстроги казни, најчесто смртни, и тука нема пардон. Ниту ќе има, дури и во најдемократските општества.
За разлика од нив, нашиве „демократски“ интелектуални профитери како да се заштитена категорија. Бели мечки! Нив ретко кој ги смета за криминалци, за натрупувачи на богатства врз туѓата несреќа (главно политичка, но и секаква друга), за жнеачи на пари и благодети токму врз основа на одделни човечки трагедии, поединечни или групни. Тие политичко-интелектуални превртливци се секогаш на штрек, читаат и пред да биде објавено, наслушнуваат со три уши, гледаат и во темница, реагираат молскавично кога се работи за нивен интерес, или не реагираат кога не им е засегнат џебот …!
Кај нив нема пардон. Или образ. Такви изрази не познаваат, или ги заборавиле. Се’ е интерес, се’ е пари, па и туѓата судбина. Ако можат да прифитираат од истата. Профитот е крајна цел, а демагогијата основна алатка!
2.
Нашава транзициска „демократија“ просто коти демагошки профитери како зајци. А како што не’ дал Господ, тие кај нас секогаш има за што да се закачат. Дали тоа ќе биде промена на општествен систем, или промена на владејачка партија, или промена на градоначалник … или што е да е’ од богатиот арсенал на општествени збиднувања – внатрешна и надворешна политика, реформи, криминал, образование, култура и слично – се’ за што сме се покажале како вистински махери … тие реагираат. Или – не! Прво убаво наслушнуваат, по социјални и други мрежи и „мрежички“, па низ партиските штабови и центри, се консултираат … и, нормално, еве ти став! И ставот секогаш е корисен, за нив. Никогаш, или ретко, грешат. А всушност – секогаш грешат, зашто единствениот интерес им е џебот и профитот. Оној личниот!
3.
И повторно, за жал, нашево „демократско“ секојдневие им пружа десетици такви ситуации, стотици лични несреќи на коишто можат да се закачат како пијавици и да „сурфаат“ по често скандалозно големите бранови на темната страна на тековните случувања.
Последна ваква жртва им е трагичната судбина на новинарот Кежаровски, кој полека се претвори во контроверзен симбол на опречни ставови: званични, незванични, искажани, неискажани, јавни, приватни … На профитерите на ум не им паѓаше дека веста за апсењето на овој новинар ќе предизвика такви реакции во јавноста. Имено, реагираше, не само по службена должност, агилното во последно време Здружение на новинарите и, се разбира, неговата сопруга. Другите – мукла! Штама. И сигурен сум дека мислеле дека добил тоа што му следува. Ама тоа „нешто“ за што го теретат било пред цели пет години! Па што, нели правдата не застарува. И слепа е’, и глува, и глупа …! И нивните „аналитички“ профитерски умови воопшто не претпоставуваа дека „случајот“ ќе добие вакви размери.
Ама, кога снежното топче среде лето стана лавина, почнаа (божем) да се преиспитуваат, да се премислуваат, да се преслушуваат … Божем нивниот „демократски“ часовник повторно се придвижи во ритамот на вистинскиот ден. И почнаа да се премислуваат: па зашто е, па како е, па дали навистина требаше, па мораше ли баш така … Па зарем пред децата … Слушаат дека јавноста се бранува, се креваат разни гласови, се добиваат дури и поени … па ајде, можеби ќе се ќари нешто?!
4.
И некако преку ноќ, ете се вклучуваат во сите анкети, имаат мислење – иако сосема различно од се’ претходно – имаат став, сакаат да кажат нешто во знак на протест … Иако сето нивно кажување е така умешно закукуљено и замумуљено, без вистинска или само под притисок посочена адреса. Пред јавноста, онаа којашто сеуште докрај не ги прочитала, се надеваат да се прикажат како слободоумни, како демократи, како независни од партиските центри, како либерално ориентирани … А сето тоа е само маска, само „демократско“ профитерство, само лоша глума за во локалната селска крчма на некој партиски келнер.
Ниту ги интересира вистинската судбина на новинарот, ниту на неговото семејство, ниту пак го мислат тоа што го говорат! Тие едноставно си ја одработуваат „демократската“ ролја пред некоја полуписмена идиотска „јавност“, пред некои лични мецени и спонзори … И повторно се надеваат, како што вели Хосеини, на некаква награда за жртвувањето, дека некој тоа пак ќе го плати, на еден или на друг начин.
Зашто кај нив нема будење на совеста, нема грижи и ноќни мори заради стореното. Нивното основно лукративно битие одамна, со текот на времето, безмалу незабележливо, ги прифатило сите промени од човек во профитер, без вознемирувања, без втора мисла. Нивниот нов идентитет е веќе опробан низ транзицијава, на сите страни и за различни шефови, на сите партиски игранки и „демократски“ митинзи.
Како инаку да се протолкува фактот дека навечер седеа, или седат, по разни полуидиотски полноќни биртии и не’ убедуваа(т) дека сме далтонисти и не ги гледаме розовите бои на нашата ставрност, а сега, одеднаш, нешто баш и не е како што треба?! Како сега, одеднаш, „нам ни треба тој жив и здрав да се врати и да ги продолжиме професионалната работа и одговорноста што ја имаме пред јавноста“, вика шефот на новинарот. За да веднаш потоа итно се врати во демагошката улога и констатира дека „дваесет години градиме независни институции и можеме да констатираме дека дојде време кога политичките институции треба да се вмешаат во слободата на судството“. Машала!
Или оној „аналитичарон“, за кого сите либерални и демократски барања се „слатка музика од нивниот бес“, веднаш, преку ноќ, се престори „демократ“ и вели: „ Во Македонија никој веќе не смее да заврши во притвор или во затвор поради јавно искажан збор. Ние тоа веќе одамна го надминавме и не смее да ни враќаат овие дамка повторно. Затоа, во името на слободата, правдата и демократијата, се придружувам кон иницијативата новинарот Кежаровски да биде пуштен од притвор и да ја подготвува својата одбрана од слобода, како и да продолжи да се занимава со својата професија. Македонија заслужува многу повеќе, а ваквите состојби веќе никогаш да не ни се повторуваат“. Да се чудиш! И веројатно мисли дека некој му верува?
5.
Не знам кој, и зошто, упорно ни ги сервира нивните цитирани „ставови“, „мислења“ и слично. Толку ли не гледаат дека тие само ја разводнуваат ситуацијата, дека изгледаат смешно и глупаво среде колегите и пријателиоте на новинарот кои од се’ срце се трудат да му помогнат. Овие – одмагаат! Со самата нивна појава сеат сомнеж и неверување во целата кампања. Нивната „помош“, прво, е демагошки пресметана, и второ, е – контрапродуктивна!
Па сетете се на присуството на благонадежниот Љ.Г. (навистина ми е гадно и името да му го пишувам) на барикадите на довчерашниот „Отпор“!
Најжалното кај овие демагошки „демократски“ профитери е фактот дека тие всушност немаат став. Нивниот став секогаш зависи од ставот на другите – властодршците, партиите, еснафите, јавноста … а тие, како типични крвоследници, ги следат тие мириси. Тие мириси секогаш надвладуваат! Неколку телефонски јавувања и се’ им е јасно: ќе го биде или не! И така заземаат страна. Според потребата, според лукративноста, според личниот профит … Нема тука ни „д“ од демократија, ни „с“ од слободоумие, ни „л“ од либерално мислење. Уште помалку од некаква поддршка. Тука виреат законите на џунглата и демагогијата.
Златко Теодосиевски
Блог Теодосиевски