Институтот за општествени и хуманистички науки – Скопје (ИОХН-С), во соработка со Асоцијацијата за развојни иницијативи „Зенит“ и Институтот за европски политики (ЕПИ) организира дебата на тема „Реформа на следењето на комуникации – суштински или козметички промени?“ која ќе се одржи денеска во галеријата на Младинскиот културен центар во Скопје со почеток во 11 часот.
На настанот ќе бидат претставени клучните предвидени законски измени во системот за следење комуникации и ќе бидат изложени ставовите на претставници од граѓанските организации за тоа дали реформата обезбедува соодветна заштита на приватноста на граѓаните и ги исполнува барањата на Европската унија за функционален надзор над следењето комуникации. Присутните ќе имаат можност да го изнесат своето мислење за оваа клучна тема за демократијата, владеењето на правото и приватноста на граѓаните.
Настанот има за цел да поттикне широка јавна дискусија за предвидените реформи, нешто на што се обврза Владата во Планот 3-6-9, но што за жал изостана. Се надеваме дека трибината ќе ѝ овозможи на Владата да ги идентификува и отстрани проблематичните точки, а ќе поттикне и дебата кај пратениците за активно да се вклучат во моделирањето на реформата и на тој начин да ги заштитат интересите на граѓаните кои ги избрале.
Настанот е поддржан од фондацијата National Endowment for Democracy (NED).