Дали „Законот за абортус“ е решение за бремените адолесцентки?

Од:

Пишува: Жарко Трајаноски, м-р по човекови права

На 11.07.2013 повеќе медиуми објавија идентичен наслов – „Законот за абортус решение за бремените адолесцентки“. Како повод за написите беше искористен Светскиот ден на населението (одбележуван од УНФПА – Фондот за население на ОН) во чиј фокус беше ставено прашањето на бременоста на адолесцентките.

ЗОШТО БРЕМЕНОСТА НА АДОЛЕСЦЕНТКИТЕ БЕШЕ ВО ФОКУСОТ?

Во сите написи со истиот наслов отсуствува одговор на ова клучно прашање. Објавена е информација дека Светскиот ден на населението е одбележан со следнава статистика на УНФПА:

„Околу 16 милиони девојчиња меѓу 15 и 19-годишна возраст раѓаат секоја година, а дури во девет од десет случаи овие девојчиња се веќе во брак.“

Но, голите статистички податоци воопшто не го идентификуваат ниту проблемот, ниту причините за него. Во изјавата на УНФПА „Светскиот ден на населението се фокусира на адолесцентската бременост“ се прикажани и статистички податоци и причините:

„About 16 million girls aged 15-19 give birth each year, and complications from pregnancy and child birth are the leading cause of death among girls in this age group, especially in developing countries.“

(„Околу 16 милиони девојчиња на возраст од 15 до 19 години се пораѓаат секоја година и компликациите од бременоста и пораѓањето се водечки причини за смртност кај девојчињата од оваа возрасна група и тоа особено во земјите во развој.“)

Само мал дел од медиумите го пренесоа битниот информативен дел од “ПОРАКА ЗА СВЕТСКИОТ ДЕН НА НАСЕЛЕНИЕТО – 11 Јули 2013“ на генералниот секретар на ОН:

 „Компликациите предизвикани од бременоста и породувањето можат да предизвикаат тешки пречки во развојот, како што е породилна фистула и тие претставуваат основна причина за смртност кај овие ранливи млади жени.“ 

КОЈА Е СТАПКАТА НА АДОЛЕСЦЕНТНА БРЕМЕНОСТ?

Во написите „Законот за абортус решение за бремените адолесцентки“ е најавена информација за стапката на бременоста на адолесцентите, а се дава податок за стапка на новородени деца (чии мајки се адолесценти):

“Во Македонија оваа стапка изнесува 20 новородени деца на 1.000 чии мајки се адолесценти, а таквата појава ја има и во Битола.“

Веднаш потоа се објавува изјава на доктор од болницата „Плодност“ во Битола која практично ги доведува под сомнеж горенаведените статистички податоци:

„Од околу 450 новородени имаме само една пациентка која се породи во адолесцентна возраст. Раѓањето заврши успешно, бебето беше здраво и живо“.

Во повеќето написи посветени на Светскиот ден на населението читателите се информираат дека:

„Стапката на адолесцентна бременост во регионот сè уште е над просекот на земјите од Европската унија, каде што изнесува 15,2 отсто.“

Но, во написот објавен во „Дневник“ се објавени сосема поинакви информации:

„Стапката на адолесцентна бременост во регионот е над просекот од земјите од Европската Унија и изнесува 15,2 отсто. Во Македонија стапката на малолетничката бременост е пониска.“

Ниту „Дневник“, ниту другите медиуми не се повикаа на официјални статистички податоци на Државниот завод за статистика. Во поголем број написи се наведуваат статистички податоци на UNDESA без истите да се споредат со други статистички податоци за Македонија (На пример, „adolescent fertility rate is 17.8 births per 1000 live births“, за 2012, според Human Development Report 2013).

Само „Дневник“ се обиде да добие податоци за бројот на абортуси кај малолетни девојки од портпаролката на Kлиниката за гинекологија:

„Во 2012 година од 280 абортуси две биле на малолетни девојки, а во 2011 година од вкупно 278 абортуси дури пет биле на девојчиња“. 

Во услови кога новинар(к)ите се соочуваат со сериозни тешкотии да обезбедат релевантни податоци за адолесцентна бременост и мајки адолесцентки, логично е да се постави прашањето зошто такви податоци не се достапни на сајтот на Државниот завод за статистика. Имено, зошто во соопштението за наталитетот во Република Македонија нема податоци за мајки од 15-19 години, иако има податоци за процент на живородени деца од мајки на возраст 25-29, 30-34, 20-24, како и податок дека

„Во 2012 година се регистрирани 26 живородени деца од мајки на возраст под 15 години“?

Ниту еден медиум не го покрена прашањето дали адолесцентките од одредена етничка припадност се повеќе изложени на ризиците од несакана бременост.

ДЕФОКУСИРАЊЕ ОД ПОТРЕБАТА ЗА СЕКСУАЛНО ОБРАЗОВАНИЕ НА ТЕМА „ЗАКОН ЗА АБОРТУС“

Ниту во изјавата на УНФПА, ниту пак во дваесетината написи што известија за Светскиот ден на населението 2013 година, воопшто не се спомнува абортусот, ниту, пак, се сугерира дека прекинувањето на бременоста (согласно новиот Закон) е решение на проблемот на адолесцентна бременост.

Клучната порака што ја зајакнаа одредени медиуми е:

„Потребно е да инвестираме во образованието, здравјето и човековите права на адолесцентките за да можат да го остварат својот потенцијал“.

Оттаму, пораката во идентичните наслови „Законот за абортус решение за бремените адолесцентки“ воопшто не придонесува за подигање на свеста за причините за проблемот и решенијата кои ги сугерираше УНФПА на „Светскиот ден на населението“.

ВРАМУВАЊЕ НА ИНДИВИДУАЛНО МИСЛЕЊЕ КАКО ОПШТ ФАКТ

„Новинарите имаат право на свое мислење, став и вредносен суд, но не смеат сопственото мислење да го камуфлираат како факти.“ (Прирачник за етиката во новинарството)

Како е дојдено до контроверзниот наслов „Законот за абортус решение за бремените адолесцентки“? Неколку медиуми објавија идентичен поднаслов (Канал 77, Макфакс):

„Познавачите на приликите сметаат дека Законот за абортус е решение за бремените адолесцентки, кога поради чувствителната возраст на самите адолесцентки има импликации самата бременост.“

Наместо повеќе изјави на „познавачи на приликите“, кои ќе аргументираат дека „Законот за абортус е решение за бремените адолесцентки“, во сите идентични написи е наведено само едно мислење на доктор од болницата „Плодност“ во Битола:

„Мислам дека со воведување на новиот Закон за абортус можеби ќе можеме да влијаеме врз овие пациентки, дали да ја носат бременоста, односно, да се осврнеме на нивниот психофизички развој, односно – дали тие се способни да ја носат бременоста. И, секако, ќе бидат построги контролите, затоа што ќе мора да ги контролираат нивните родители, односно да има потпис од нив. Со тоа мислам дека ќе се намалат нелегалните абортуси во дивите ординации“.

Контроверзното индивидуално мислење на докторот од болницата „Плодност“ е камуфлирано како факт во насловот „Законот за абортус решение за бремените адолесцентки“, наспроти етичкиот императив кој вели дека „новинарот треба да прави разлика меѓу фактите и мислењата…“.

ЗОШТО НОВИНАРИТЕ НЕ ОТВОРИЈА ДЕБАТА ЗА БРЕМЕНОСТА КАЈ АДОЛЕСЦЕНТКИТЕ?

„Новинарските гласила се платформа за јавна дебата… Дебатата треба подеднакво да обезбеди простор за различни гледишта и интереси…“ (Прирачник за етиката во новинарството)

Новинар(к)ите не би требало да ги земаат здраво за готово мислењата на индивидуи, особено кога истите се разликуваат од мислењата на експертите од Светската здравствена организација (СЗО) и од Комитетот за правата на детето (КПД).

Ако новинар(к)ите биле посветени на истражување за темата, ќе можеле да ги прочитаат укажувањата на експертите на СЗО дека:

 („Адолестентките можат да бидат обесхрабрени да ги побараат неопходните здравствени услуги ако сметаат дека ќе им биде неопходно да добијат дозвола од нивните родители или старатели, што ја зголемува веројатноста тие да појдат на места каде што абортусот се врши нелегално“ [Безбеден абортус: техничко и упатство за политиките за здравствените системи, стр. 68])

Ако новинар(к)ите истражувале што мислат за оваа тема експертите на КПД, ќе можеле да ги прочитаат согледбите во извештајот за Киргистан (каде што имало голема стапка на небезбедни абортуси кај малолетни девојки) дека:

 „… различни фактори, вклучувајќи и ограничена достапност на контрацепција, лоша едукација за репродуктивното здравје и барање на родителска дозвола резултираа со зголемен број на нелегални абортуси меѓу девојчињата.“

Во случаи кога признаени меѓународни експерти укажуваат дека  условот за родителска согласност или дозвола ја зголемува веројатноста за илегални абортуси (или доведува до зголемување на нивниот број), насловот „Законот за абортус решение за бремените адолесцентки“ е класичен пример за неетичко известување.

Наместо пропагирање на новиот „Закон за абортус“, етичка должност на новинар(к)ите требало да биде обезбедување платформа за различни гледишта и интереси, односно, за критичка јавна дебата на тема: Дали законското барање, односно согласност од страна на родителот или старателот за прекинување на бременост на малолетна бремена жена ќе доведе до намалување или пак до зголемување на „нелегалните абортуси во дивите ординации“? Дали „законот за абортус“ е решение, или поскоро дополнителен проблем за бремените адолесцентки?


Оваа анализа е изработена во рамките на Проектот на УСАИД за зајакнување на медиумите во Македонија – Компонента Сервис за проверка на факти од медиумите, имплементирана од Метаморфозис. Анализата e овозможенa сo поддршка на Американската агенција за меѓународен развој (УСАИД). Содржината на анализата е одговорност на авторот и не ги одразува ставовите на Метаморфозис, УСАИД или Владата на САД. За повеќе информации за работата на УСАИД во Македонија, ве молиме посетете ги веб-страницата (http://macedonia.usaid.gov) и Фејсбук-страницата на УСАИД (www.facebook.com/USAIDMacedonia).

 

Би можело да ве интересира

Реален здравствен систем, а не експлодирана ракета на годината-петарда

Ана Ололовска

Погледот на Балканот кон Брисел, а намигнувањето кон Москва не е добра можност

Наум Локоски

Блажески: Солза, лажеш, ти никогаш не би се качила на гајби и буриња, освен ако не мислиш дека тие се мостот до удобна фотеља

Ана Ололовска

Македонските политичари да не се прават Англичани пред Тереза Меј

Ана Ололовска

Врне во душите на македонскиот народ, ама здравството нема да потоне

Ана Ололовска

Азески, време е да се пензионираш, заедно со својот дијалект!

Ана Ололовска