Анализата на спроведувањето на договорот од Пржино, што ја направија седум влијателни невладини организации: Македонскиот центар за европско образование, Хелсиншкиот комитет за човекови права, НВО Инфоцентарот, Фондацијата Отворено општество – Македонија, Транспарентност – Македонија, Фондацијата Метаморфозис и Институтот за човекови права покажува дека клучната улога во решавањето на предметите што ќе произлезат од евентуалните изборни нерегуларности, покрај Државната изборна комисија, ја има Управниот суд, но и дека постои директно влијание на извршната власт врз работата на Управниот суд, кој е надлежен да одлучува по тужбите на граѓаните и на партиите за повреда на гласачкото право.
Она што се покажа досега е дека Управниот суд не ја исполнува својата улога, а оваа оценка може да се најде и во извештаите на ОБСЕ и на ДИК, вели Уранија Пировска од Хелсиншкиот комитет за човекови права и посочува примери од првиот круг на минатите избори во 2013 година, кога Управниот суд разгледал 150 жалби, од кои 141 биле одбиени како неосновани, а 1 жалба била прифатена во општина Кичево и таа била од партијата ВМРО – ДПМНЕ.
– Поради ваквите одлуки и непрофесионалното работење на судиите кои ги донеле одлуките, тогашниот претседател на Управниот суд, Хусамедин Лимани, поднесе оставка. Судиите кои ги донесоа одлуките за општините Центар и Струга се осомничени за изборна измама од страна на Специјалното јавно обвинителство, во првиот случај покренат од оваа институција насловен како „Титаник“, вели Пировска.