Скопскиот кривичен суд утре ќе треба да донесе одлука по жалбите на СЈО за неодредување на мерка притвор за осум лица осомничени во случајот „Титаник“.
И наместо како досега, Советот да одлучува како што пристигнуваат жалбите, судот на свој начин го толкува и примени Законот за кривична постапка.
По жалбите на СЈО за неопределување притвор започна да одлучува откако стигнаа сите жалби. Законот за кривична постапка пропишува:судија по претходна постапка по сослушувањето да донесе решение во рок од 6 часа, на тоа незадоволната страна има право на жалба во рок од 24 часа до Кривичен совет, а Советот од тројца судии носи одлука во рок од 48 часа.
Претседателот на судот годишно прави распоред на судиите. Судот информираше дека Советот е формиран, а го сочинуваат тројца судии кои работат на организираниот криминал. Она што е сомнително за познавачите и експерти во оваа област е одлуката комплетно да се одлучува за сите осум барања. Тие се сомневаат дека се немало доверба во сите судии и дека можеби, во некој од Советите ќе се донела и одлука која не би била порачана. Според ова, велат експертите, за да не се „протне“ нешто ќе одлучува еден „подобен“ Совет за сите осум лица, осомничени за изборен фалсификат.
Покрај решенијата за пораншениот министер за транспорт и врски, Миле Јанакиески, градоначалникот на општина Пустец, Едмонд Темелко, Советот ќе одлучува и по жалби те на тимот на Јанева за отфрлениот притвор за поранешната министерка за внатрешни работи, Гордана Јанкулоска, за генералниот секретар на Владата, Кирил Божиновски и уште за две лица.
Ако веќе Кривичниот совет ги отфрли жалбите на Катица Јанева, што е повеќе од извесно познавајќи ги односите и влијанијата, тогаш СЈО имаат право повторно да побараат притвор, откако ќе соберат нови докази, со кои би се обиделе да го убедат судот дека е неопходно да се изрче мерката.