Секуларизмот е движење кое се залага за одвојување и намалување на значењето на религијата во јавниот живот.
Во народот е познат под поимот „световност“ и претставува заложба за одвојување на Црквата од државата и слобода на верата и мислењето.
Изразот секуларизам (secularism) го сковал енглески филозоф George Jakob Holyoake во 19 век, кој се спротивставувал на воспоставувањето на државна религија или фаворизирање на една, запоставувајки ги другите религии кои постојат во државата.
Според Уставот на Република Македонија, член 19, став 3 „Македонската православна црква, другите верски заедници и религиозни групи се одвоени од државата и се еднакви пред законот.“ што значи дека Република Македонија е секуларна држава.
И сега поставувам прашање – дали навистина сме секуларна држава, дали навистина политиката не замешала прсти во црковниот (верскиот) живот, дали не постои спрега, политика – црква (вера) и обратно заради остварување на заеднички цели и интереси?
Последните актуелни случувања со „спонтани“ собирања на граѓаните со цел за заштита на рушење на световниот храм во изградба, урнисувајки ја притоа бараката, сопственост на граѓаните на општина Центар каде се држат седници на советот, покажаа колку има кординирана акција на невидливата спрега политика – црква (вера).
Полицијата, онаа платена од граѓаните која многу „успешно“ се справи со непослушните народни избраници на 24.декември минатата година, сега излезе со став дека „нема основа да им забрани на граѓаните да го искажуваат својот револт заради, најавите за уривање на црквата „Свети Константин и Елена“. А каде аргументирано ја прочитаа таа најава, во која кујна се скова овој план, во политичка или црковна?
Дали мислат дека граѓаните се и слепи и глупи но најповеќе послушни па ќе мораат и оваа партиско – црковна спрега да ја проголтаат како вистина. Уште згора на тоа Владиката Агатангел со закани со зборовите „Во 21. век во распарчена Македонија, тој сака да руши црква. Доколку почне со уривање, лошо ќе помине“. Но за среќа не мислат така сите Владици. На свој профил на Фејзбук Владиката Пимен го напиша следното;
„Вака ли го сведочиме мирот Христов верен народе? Рушиме општина во обид да спречиме „рушење“ на црквата. Дајте да ги наполниме црквите наместо опшинските дворови. Само така се чува и брани црквата и верата мој верен народе! Бог од нас бара милост, а не жртва! Сепак, фала Ти Господи за сè“, напиша владиката Пимен на Фејсбук.
Почитувани властодршци и вашите помагачи, очајна ви е режијата да ја маскирате криминалната проекција Скопје 2014?
Никој не е против градење за доброто на граѓаните, но криминалот во правната држава и тоа организиран од власта е нешто поради кое може и државата да ја снема.
Државата има свои граници, геогравски и правни и се организира во рамките на истите. За разлика од државата верата нема граници па ни Православната. Верата не може да се поистовети со рамките на државата, црквата треба да покрене акција за обединување на Православието, без затварање во геогравско-политички граници, треба да постои една, Православна цркава во таа и таа држава, а не М………а православна, С…..аправославна Р…а православна Б……а православна, Г…а православна и т. н.
Единството на верата без граници е моќта на верата која треба да ги исполнува верниците без оглед каде се наоѓаат, каде живеат и работат каде ќе се молат.Едино така не се губи чувството на припадноста на една вера.Едино така верниците од било која вера па и Православните ќе се чувствуваат сигурни во било кој дел на светот а не само во матичната држава.
Државата и црквата треба да имаат добри односи но не да ги злоупотребуваат своите позиции за остварување на партиските, црковните или лични цели. Народот ја сака државата си ја почитува верата, но бара да биде слободен, сигурен и уважуван од сопствената власт и со право за слободно и непречено однесување во рамките на државата и правната регулатива.
Последните случувања во општината Центар, носењето на законот за абортус, екстерното тестирање во школство, носење на закон за медиуми на мали врата и уште многу други збиднувања во последно време, кои ја брануваа македонската јавност, имаа за цел да ги дефокусираат вистинските причини поради кои е во големи проблеми актуелната власт, а тоа е решавање на перманентниот проблем со јавниот долг кој неконтролирано се зголемува и не води во пропаст, абнормално задолжување внатре и надвор за воглавно непродуктивни цели, неспособноста за справување со енормната сиромаштија и невработеност, одалечувањето од декларираната стратешка определба за влегувањето во НАТО и добивањето на датум за отпочнување на преговори за влез во Е.У. и конечно несогледување на можните последици за извесноста на иднината на сегашната уште недокрстена држава, ако во најскоро време не смогнеме сила да го решиме спорот со соседот а во врска со меѓународно признато име, како гаранција за наше впловување во мирни интеграеивни процеси и обезбедување на извесност за иднина на проектот наречен држава Република Македонија.
Правете држава, но не си играјте со неа, ќе стигне казна, од Господ или од народот – се едно.
Дипл ецц. Мирослав Трлин – Куманово
П.С. Досега се потпишував со име и презиме и како член на ЦО на НСДП. И понатаму ја имам таа функција, но со оглед дека во моите колумни го изразувам сопственото гледиште и став, кои не претставуваат усвоени партиски ставови, сакам да изјавам дека од сега ќе се потпишувам само во свое име, од превентивен карактер.