Кражба на имагинацијата. Jared Rodrigues/Trouthout, јануари 2014
Сакам со време да предупредам – ТВ Телма и ТВ 24Вести се соочуваат со опасност да бидат избришани! Затоа што се добри. А добри се затоа што се професионални и не молчат кога ќе падне наредба да се молчи и не лажат кога ќе падне наредба да се лаже. Во ова време тоа е доволно добро и доволно храбро за на овие две телевизии да им се заканува одмазда.
Пишува: Тамара Чаусидис
Лапсусот што му се припишува на еден од нашите медиумски првенци искажан јавно во една пригода дека „Војната ја загубивме, ама битката не!“ како што поминува времето ми се чини дека воопшто не е лапсус или и ако бил кажан по грешка – на некое потсвесно, па дури и метапсихолошко ниво бил директен увид во суштината на состојбите кога станува збор за новинарството во Македонија.
Војната е загубена, одамна. Она што сега се случува се поединечни битки на изолирани групи на некогашната професионална армија, која, за волја на вистината, никогаш не ја краселе ред и дисциплина, па дури ни заедничко знаме, но, сепак, се препознаваа со заедничката лозинка: Вистината пред сѐ.
Како оние јапонски војници кои не чуле дека капитулацијата е потпишана, години по крајот на Втората светска војна, ми се гледаат храбрите, иако залудни, аргументации на ТВ Телма и ТВ 24Вести, со кои му се спротивставуваат на прекиот суд на првиот човек на новата Агенција за медиуми, Зоран Трајчевски.
Просто е невозможно да се парафразира цинизмот во „забелешката“ што стана дел од извештајот на регулаторот дека телевизиите Телма и ТВ 24ВЕСТ извршиле „изборна манипулација“ со тоа што објавиле „нереспектабилно истражување на јавното мислење“, а со цел „да се обезбеди победа на опозицијата“.
Тоа што двете телевизии веднаш реагираа со многу јасен податок дека никогаш не објавуваат анкети (ТВ Телма) односно дека за точноста на податоците одговорноста е исклучиво кај агенциите што ги спроведуваат истражувањата (ТВ 24 вести), како и повикувањето на наодите на набљудувачите од ОБСЕ/ОДИХР според кои токму овие две телевизии се издвојуваат по балансираното и професионално покривање на изборниот процес, ниту го сменија извештајот, ниту им се даде да бидат чуени на друго место, освен на обвинетите телевизии и независните портали.
Тоа што дури и за лаик е очебијно дека токму овие две телевизии се контрапункт на нескриената навивачка пропаганда или команден молк за теми за кои не смее да се информира што царуваат во телевизискиот простор – ништо не менува.
Не е до аргументите – до силата е
Чуму аргументацијата кога безмалку секој што ги чита повикувањата на професионализам, објективност, мерењето на минутажата во изборните блокови, се прашува и кога секому му е јасно дека не е до аргументите, оти да беше до нив таква глупост на Агенцијата за медиуми немаше да може да се вметне – ниту како издвоено мислење, па дури ни неофицијално, преку брифинг да биде искажана, а не да влезе во официјалниот извештај на регулаторот.
Чуму аргументите кога е јасно дека на ТВ Телма и ТВ 24Вести „црно им се пишува“, веројатно веднаш по изборите. Овој текст е обид да се пресретне намерата, да се понуди шанса одмаздата да се насочи кон аргументацијата на овие претпоставки, а не на единствените независни телевизии во македонскиот етер. И, затоа најмногу од се би сакала да не сум во право и победничката еуфорија по изборите комплетно да ме демантира.
Затоа сакам со време да предупредам – ТВ Телма и ТВ 24Вести се соочуваат со опасност да бидат избришани! Затоа што се добри. А добри се затоа што се професионални и не молчат кога ќе падне наредба да се молчи и не лажат кога ќе падне наредба да се лаже. Во ова време тоа е доволно добро и доволно храбро за на овие две телевизии да им се заканува одмазда.
Со „промена на сопственичката структура“, како што во последно време еуфемистички ги нарекуваме непријателските преземања, или со „преродба на уредувачката политика“, сеедно. Се сѐ тоа кодни имиња за една иста операција – замолчување на оние кои одбиваат дневникот да им се реди надвор од медиумот, на оние кои одбиваат во своите редакции да имаат луѓе што како свои ги читаат напишаните туѓи текстови добиени по мобилен и притоа бесрамно се нарекуваат „новинари“.
Новинарството во Македонија, ако под новинарство подразбираме критичко промислување и информирање на јавноста за злоупотребите од позициите на моќта, е заразено со страшен вирус што се шири низ редакциите, со автоцензура! Неа, повеќе од половина од новинарите признаваат дека ја применуваат. Имено, во анкетата на Синдикатот на новинарите и медиумските работници, спроведена врз досега најголем репрезентативен примерок се покажа дека 53% од испитаниците потврдиле дека практикуваат автоцензура.
Парадоксално: загубената војна – добра вест!
Парадоксално, но тоа сѐ уште е добра вест. Тоа значи дека повеќе од половина од новинарите во македонските редакции, претворени во истурени одделенија на партиски центри и оние кои сѐ уште жилаво опстојуваат како независни, уште се кадарни да ја препознаат Многу повеќе загрижува онаа бројка новинари кои воопшто и не ја препознаваат автоцензурата, веќе ја сметаат за нормална, за нешто што се подразбира.
Се некако ми се чини дека доколку оваа окупација на професијата продолжи, за година-две анкетата ќе покаже отсуство на автоцензура и цензура воопшто. Ќе нема кој да ги препознае. Па и во извештаите на меѓународните организации, кои го мерат степенот на слободата на медиумите, ќе почнеме да се искачуваме, од проста причина што ќе нема кој да проговори!
Затоа и во услови на „загубена војна“ редно е да ги поздравиме оние што во мали групи остана низ џунглите на нашиот медиумски простор, за оние врз кои ловната сезона е постојано отворена, а на ловџиите им е дозволено да користат и автоматско оружје. Нивната борба не е лесна, таа се сведува на преживување, но во услови на систематско истребување, голото преживување и самото постоење се огромна победа. Кога војната ја загубивме, барем таа битка да ја добиеме. [●]
Оваа новинарска лекција е изработена во рамките на Проектот на УСАИД за зајакнување на медиумите во Македонија – Компонента Сервис за проверка на факти од медиумите, имплементирана од Метаморфозис. Новинарската лекција e овозможенa сo поддршка на Американската агенција за меѓународен развој (УСАИД). Содржината на новинарската лекција е одговорност на авторот и не ги одразува ставовите на Метаморфозис, УСАИД или Владата на САД. За повеќе информации за работата на УСАИД во Македонија, ве молиме посетете ги веб-страницата (http://macedonia.usaid.gov) и Фејсбук-страницата на УСАИД (www.facebook.com/USAIDMacedonia).