Да ги спротивставиме аргументите!

Од:

Се радувам што нашиот извештај за трошењето на ИПА-средствата во Македонија насловен „Има пари ама…“ предизвика некаква реакција кај јавноста. Добро е што се уште има свесни граѓани кои се загрижени поради тоа што Владата со невидена леснотија ги задолжува идните поколенија, а не умее да ги искористи парите од ЕУ кои ги добиваме во форма на грантови односно средствата кои не мора да ги враќаме.

За жал, реакцијата од Владата е под секое ниво. Наместо да излезе со објаснување зошто Македонија не може благовремено да ја апсорбира европската помош, Владата реши да молчи (ама ова молчење не е од типот на „администрацијата молчи“). Сепак, вицепремиерката задолжена за евроинтеграции, Теута Арифи, се почувствува засегната и изјави дека, наводно, во регионот, Македонија била многу „солидна“ (што и да значи тоа) во однос на искористеноста на средствата и го наведе Таекс-инструментот како пример каде што сме биле први.

Згора на тоа, таа тврди дека слушала за разни изјави дека не се искористувале, но тоа воопшто не било вистина. Натаму продолжува таа, и вели дека „едноставно доколку ги зголемиме капацитетите наши како институции, како општество, како централна власт, но и како локална власт, јас мислам дека и таму е многу битно зајакнување на капацитетите, можеме да ја зголемиме искористеноста на фондирањето и на поддршката“. На промоцијата на француската билатерална помош не заборави да спомене дека се предвидени натамошни обуки и семинари и во втората половина од годинава и почетокот од 2013 година.

Оваа изјава на вицепремиерката Арифи е проблематична од повеќе причини. Прво, во однос на ТАЕКС-инструментот. Точно е дека Македонија е добра (а можеби дури и прва) во користењето на овој инструмент, но исто така е факт дека на ТАЕКС-от се трошат ситни пари. Колку да нема недоразбирање, станува збор за техничка помош за размена на информации и таа најчесто ја користат државните администрации, но и претставници од граѓанското општество во делот на акциите наречени „од луѓето за луѓето“.

Голем дел од активностите организирани преку ТАЕКС се сведуваат на регионални 2-3 дневни семинари и на студиски посети. Некои од покритичните оценувачи на македонското искуство со ТАЕКС сметаат дека со овој инструмент се развива таканаречениот „институционален туризам“ и дека нашата Влада масовно го користи за добро да ги награди истакнатите партиски дејци, вработените државни службеници испраќајќи ги на студиски посети и давајќи им двојни дневници (една дневница добиваат од ТАЕКС, а друга од централниот буџет на институцијата од каде што доаѓаат). Оттука, јавно го поставувам прашањето дали македонскиот успех во користењето на ТАЕКС-от е поради неговата полезност – што е неоспорно – или поради неговата податливост да биде (зло)употребуван од македонската Влада.

Второ, кога вицепремиерката зборува за зголемување на капацитетите на нашите институции, на општеството, на централната власт, но и на локалната власт за подобра искористеност на европските фондови, имам чувство дека, повторно, вината се префрла таму каде што ја нема. Со други зборови, во стилот на премиерот Груевски, Владата ја бидува, но што да прави кога сите други (општините, училиштата, синдикатите, фирмите, граѓанските организации, домовите за култура, професионалните здруженија, новинари, невработени, маргинализирани етнички групи, млади итн.) не ги бидува да ги повлечат средствата и да направат добри проекти.

Па колкупати досега сме го чуле ова? Не само од премиерот, туку и од министрите Јанакиевски, Ставрески, Сарачини… и сега од Теута Арифи! Па добро, бре, луѓе, како е возможно да имаме толку неспособни граѓани, а толку способна Влада? Не е ли ова директно признание дека немаме капацитети што се потврди и со нашата анализа „Има пари ама…“? Конечно, чија обврска е да ги развие капацитетите на сите претходно наведени групи?

Трето, во однос на градењето на капацитетите на централната власт за ИПА што вицепремиерката Арифи ќе ја обезбеди преку француската билатерална помош каде што биле предвидени обуки во втората половина од годинава и почетокот од 2013 година, би сакала да поставам едно прашање – дали вицепремиерката знае дека од 2014 почнува да се применува ИПА II односно новиот претпристапен инструмент што е во процес на дизајнирање сега. Ако знае, тогаш не е ли малку чудно допрва да се обучуваат државните службеници (повторно и само државните службеници, а не и некои од другите засегнати страни) за употребата на ИПА 2007-2013.

Што правела досега администрацијата? Но, бидејќи знам дека еден куп проекти од ИПА се занимаваат со градење на капацитетите на македонските институции (практично, целата I компонента), можеби треба да го преформулирам прашањето и да ја прашам вицепремиерката Арифи каде се резултатите од бесконечните обуки за користење на ИПА фондовите? Патем да споменам дека од ИПА-2007 беше спроведен проект за воспоставување на механизмот за ИПА-тренинзи вреден 1 милион евра (а не 50000 колку што вреди француската помош). Каде се резултатите од тие потрошени пари и зошто овој механизам не функционира денес? Ако ги побарате писмените белешки од МЦЕО во архивите на СЕП, ќе видите дека уште при програмирањето на средствата од ИПА-2007, тврдевме дека тоа ќе биде неуспешен проект. Не дека ние бевме визионери, туку од авион се гледаше она што не можеа да го видат тазе вработените партиски државни службеници.

И, конечно, во однос на изјавата дека не е вистина дека Македонија не ги искористува европските средства, само би сакала да потсетам дека нашиот извештај „Има пари ама…“ е преполн со бројки кои не ги измисливме ние, туку ги презедовме од евалуацијата на Европската комисија. Доколку вицепремиерката ( а и кој било друг) смета дека има проблеми со толкувањето на цифрите, тогаш можеме да развиеме дискусија во која би ги спротивставиле нашите аргументи и да видиме – еднаш засекогаш – дали македонската влада е кадарна да ги апсорбира европските пари, и ако не е, зошто не ја бидува?!

На крај, почитувана г-ѓа Арифи, би сакала да ви соопштам дека нашите предвидувања во извештајот се дека Македонија ќе изгуби многу пари на крајот на 2012 година токму заради сето погоре кажано. Сите недоветно испрограмирани проекти кои не се случуваа навреме, а беа „спасувани“ (да не речам покривани) од Мисијата на Европската комисија во Скопје, најверојатно ќе ги изгубиме во декември 2012 година. Интересно ќе биде – доколку се случи тоа – да се чуе што ќе кажете тогаш. Ќе имате ли доблест барем тогаш да признаете и да им се извините на граѓаните на Македонија поради (свесно) пропуштените можности? Декември не е далеку, ќе видиме!

Лидија Димова

Би можело да ве интересира

Реален здравствен систем, а не експлодирана ракета на годината-петарда

Ана Ололовска

Погледот на Балканот кон Брисел, а намигнувањето кон Москва не е добра можност

Наум Локоски

Блажески: Солза, лажеш, ти никогаш не би се качила на гајби и буриња, освен ако не мислиш дека тие се мостот до удобна фотеља

Ана Ололовска

Македонските политичари да не се прават Англичани пред Тереза Меј

Ана Ололовска

Врне во душите на македонскиот народ, ама здравството нема да потоне

Ана Ололовска

Азески, време е да се пензионираш, заедно со својот дијалект!

Ана Ололовска