Македонија по којзнае кој пат ја заборави меморијата, заборави да се потсети на Холокаустот, да им одаде почит на жртвите на геноцидот, но и на македонските Евреи кои беа депортирани во Треблинка.
Според мене, Денот на меморијата или Шоата, односно, катастрофата, како што го нарекуваат Евреите, има огромно значење. Значењето го наоѓам токму во зборот „меморија“, сеќавање, односно, препознавање на историјата, на едно човечко зло кое навистина се случило и за кое не постојат гаранции дека нема да се повтори.
Но, она што е уште поважно, е фактот што не станува збор само за едно стерилно сеќавање! Истовремено, идејата е човек да се осврне и на прашањето – колкави злосторства, колкаво насилство, човештвото, односно, одредени луѓе, понесени од злокобни идеологии, се способни да направат и уште колку луѓе се подготвени тоа немо да го следат или да го дозволат.
Денес, во Македонија, каде меморијата е кратка, а свеста уште пократка, тоа е прашање кое се уште нема единствен одговор, бидејќи се уште постои магла околу нашата реакција кон насилството кое ние го живееме.
Видете, не станува збор за паралелизам помеѓу Холокаустот и Македонија, станува збор за есенцијалниот проблем на едно општество водено од фашисти, од насилни луѓе, луѓе кои мислат да владеат единствено со сила. Дали човек во таква ситуација ќе се спротивстави или ќе се предаде на судбината која му ја крои насилникот, дали ќе се покрене на Отпор или пасивно ќе учествува во своето уништување?
Искрено верувам дека многумина ја разбираат мојата поента, затоа што и многумина се запрашале: а зошто, како е можно толкав голем број Евреи да бидат убиени, што ќе беше ако таа маса народ се побунила, па тргнала на своите помалку бројни, но вооружени и жедни за крв касапи?
Една работа е проблематична во ваквото плитко размислување. Не се земаат предвид годините и годините на морална, материјална, правна и секаква анихилација на Евреите, фактот дека кога доаѓа моментот да се соочат со џелатот, тие одамна се изнемоштени и деморализирани, помирени со сопствениот геноцид, неспособни ментално и физички да се спротивстават на својот уништувач. Втор голем проблем е што не сите луѓе, впрочем, најголем дел од луѓето не се фашистички лудаци, не се дури ниту подготвени да помислат на нешто, што други се решени да го спроведат. Таа ментална бариера на толерантниот човек, таа цивилизациска пречка наспроти варваринот, го прави мирниот и добар човек прво неспособен да замисли и да разбере дека работите секогаш можат да бидат полоши, а второ, да се тргне во сопствена одбрана и отпор, за жал, се покажала како опција кога се веќе било предоцна.
Во таа насока ме натера да размислувам еден текст кој ми го испрати минатата недела Никола Гелевски и кој можете да го пронајдете на „Окно“. Текстот се вика – „Изборот е само активниот антифашизам.“
Авторот на многу интересен начин ја објаснува од една страна неспособноста на антифашистот, со својата толеранција, со својот начин на живеење и на размислување, да биде константен и консеквентен во одбрана на своите вредности и на својот начин на живеење. Од друга стана, пак, ја истакнува генијалната констатација дека еднаш кога антифашистот ќе се разбуди, тој со својот новоосознаен пркос се соочува со апсурдот, односно со измамата и со заблудата од страна на самиот фашист, дека улогите се изменети, дека сега вие сте всушност делумно фашист со самиот факт што му се спротивставувате на фашистот. На тој начин всушност и фашистот, оној вистинскиот, да се разбереме, го наоѓа горивото за својата постојана активност, ништожност, безобѕирност, односно како што вели самиот автор: „Не можете да ги убедите фашистите дека не се во право! Својот пораз го доживуваат како повод и како оправдана причина за одмазда. И приказната продолжува!“
Многу убави поенти произлегуваат од овој текст, но една од поважните е дека треба да се реагира, би требало да се реагира секогаш, но кога тоа веќе не е возможно, треба да се реагира со време. Јас сум убеден дека во Македонија се уште има време, има и доволно луѓе за соодветно да им се спротивставиме на нашите фашисти од владејачката партија.
Ако има време, бидејќи свеста се повеќе расте меѓу македонскиот народ, тогаш прашањето е: како треба да му се спротивставиме на насилникот, односно на фашистот? Мојата реакција, мојата мисла е истата која му ја напишав на Коља, веднаш откако го прочитав овој инспиративен текст.
Јас лично се сметам себеси за пацифист, но не можам да кажам дека сум апсолутен пацифист. Повеќе би рекол дека сум релативен пацифист, бидејќи апсолутноста не е во мојата природа. Од тој аспект, не сум ниту апсолутен левичар, ниту апсолутен либерал, едноставно, апсолутноста не е моја ментална состојба или категорија.
Не сум бил во војска, не сум носел оружје и секогаш кога настапувам, мојата првична реакција е ненасилна и помирлива. Но, убеден сум дека таа моја толеранција е сфатена како некој вид на слабост, а не како некоја сила. Оттука, со задоволство би се повикал на максимата: Подобро да умрам како Абел, отколку да живеам како Каин! Тоа е мотото кое со задоволство би го следел и го следам, јас како единка, која слободно и самостојно одлучува за личната судбина.
Но, јас не сум сам на оваа планета, живеам со многу други луѓе околу мене, најчесто различни, живеам и работам покрај други луѓе. Да бев сам, ќе трпев и ќе патев дур сум жив, но не сум, никој не е сам и никој не треба да го трпи или да замижува пред насилството и насилникот. Тоа што важи за мене, но важи и за сите останати во едно општество. Затоа, не може и не смее да се затворат очите и да се лаже мозокот кога секојдневно сме сведоци, а се почесто и жртви на насилникот. Затоа и најмногу ме нервираат, најмногу ги презирам сите оние луѓе релативисти, наводни неутралци и неопределени, затоа што таквите се најперфидните, најниските поддржувачи на насилството и одржувачи на истото.
Зарем и на сите вас, не ви дошол сомнежот, зар не ве јаде црвот дека тој кој застапува неутралност, а всушност е поборник за еден апсолутен пацифизам, една апсолутна индиферентност кон насилникот, дека токму таквите придонесуваат за насилството на насилникот да расте и да напредува? За таквите важи едно поинакво мото: Подобро фашист отколку мртовец!
Видете, вистинскиот проблем е што на нашата етика за мирни луѓе, за толерантни, ни недостасува од другата страна една етика на одговорност, па потоа тоа станува прашање и на наша одговорност – дали ќе реагираме, ќе трпиме или ќе влеземе во отворена борба со насилникот, дури и со ризик да заличиме на него?
Јас, лично, немам дилеми, ниту пак сум ги имал, со насилникот и насилно ако треба! Или, како што би рекол авторот: Наспроти фашизмот – постои само, антифашизмот!
Заради сето ова, почитувани луѓе, за да се сетиме и што беше нашата горда, храбра и народна Антифашистичка борба, важно е да се сеќаваме, да имаме меморија, која ќе не потсети како треба да дејствуваме.
Можеби зборовите на Фридрих Ниче најдобро ја доловуваат суштината: „Јас го сторив тоа“, вели мојата меморија.
„Невозможно е јас да го сторив тоа“, вели мојата гордост и тврдо стои на ставот.
На крај – меморијата прва ќе попушти.
Ивор Мицковски, политички аналитичар