Министерот за внатрешни работи Наќе Чулев не даде никакви дополнителни информации на денешната прес-конференција во врска со акцијата за заплена на кокаин во Крушопек – тој не одговори колкава е вкупната количина кокаин која била опфатена во меѓународната акција, кои држави учествувале во акцијата и дали во некоја од другите држави е пронајден остатокот од кокаинот, чија крајна дестинација била Македонија.
Она што официјално го соопшти е дека е запленет еден килограм кокаин во кутија со банани од магацин на фирмата увозник „Банекс компани“, приведени се четири лица кои во текот на денов ќе бидат изведени пред судија на претходна постапка и ќе се отвори финансиска истрага за фирмата која досега во 120 наврати вршела увоз на банани од Колумбија и од Еквадор.
„Одделот за сузбивање на организиран и сериозен организиран криминал, Единицата за недозволена трговија со дрога во период од 17 до 19 февруари 2020 година во координација со јавен обвинител од ОЈО за гонење на организиран криминал и корупција, а во рамки на меѓународна полициска соработка во која беа вклучени повеќе земји реализираше акција за недозволена трговија со дрога, при што во скопското село Крушопек беше запленет еден килограм кокаин, кои се само дел од поголема количина, која треба да заврши во нашата држава“, рече Чулев.
Околу девет часот синоќа на граничниот премин Ќафасан – Струга, според Чулев, било евидентирано товарно моторното возило „Ивеко“ влекач и приколка, управувано од 31 годишниот Ј.К. државјанин на Црна Гора, кој по завршувањето на царинските формалости се упатил во Крушопек.
Полицијата по претходно обезбедена судска наредба извршила претрес во магацинот за овошје и во моментот на пристигнувањето на камионот таму бил Ј.Е. (22) син на сопственикот на правното лице, кое е краен примач на стоката и Р.И. (51), кој бил вработен во магацинот и вршел истовар на робата.
Четириесет и седум годишниот сопственик С.Е. од Скопје во меѓувреме исто така пристигнал во магацинот. Четворицата се приведени и се чека судија на претходна постапка да утврди дали ќе им биде определен притвор.
„При извршениот детален претрес во еден од пакетите било пронајдено правоагаолно пакување со бела прашкаста материја, кое била залепена со зелена трака. Во операцијата се одземени мобилни телефони, околу три илјади евра, 700 долари и 188 илјади денари, „Ивеко“ товарното возило, заедно со 98 пакети банани, документација, технички уреди“, рече Чулев.
Тој нагласи дека деновиве МВР ќе преземе опсежни мерки за известување на земјите низ кои поминал транспортот, а освен меѓународни активности МВР ќе преземе и активности за останатите физички и правни лица кои евентуално се во корелација со ова правно лице. Операцијата, според Чулев, е меѓународна, но тој не сакаше да споменува конкретни држави кои се вкчучени во операцијата заради заштита на истрагата.
Чулев не сакаше да ги потврди информациите кои вчера беа објавени во јавноста дека станува збор за вкупна количина од 1,3 тони кокаин, туку само рече дека станува збор за „многу, многу голема количина“.
„Поминати се само 12 часа, следуваат опсежни акции а потоа ќе ги дознаете сите информации“, рече Чулев.