Член на инспекциски совет напишал Прирачник, им се продава на инспекторите за 2.400 денари

Од:

Лавина реакции кај инспекторите во државата предизвика новиот Прирачник за примена на Законот за инспекцискиот надзор, чиј автор е Методија Димовски, член на инспекцискиот совет. Прирачникот се продава за цена од 2.400 денари и им е понуден на сите инспекциски служби во државата, па инспекторите го обвинуваат Димовски за конфликт на интереси, а му забележуваат и за тоа што од позицијата во државна служба ѝ го полни џебот на приватна издавачка куќа.

„Безобразно е да ја злоупотребиш позицијата член на инспекциски совет за профит. Без оглед дали тој или само издавачката куќа го наплаќа Прирачникот, тој е автор, а истовремено и член на инспекцискиот совет, позиција што му го овозможила искуството за кое сега се наплаќа“, вели револтиран инспектор до кого стигнала понудата да го купи Прирачникот.

Авторот и члан на инспекцискиот совет, Димовски, не гледа конфликт на интерес во целиот случај.

На забелешката од инспекторите дека им го полни џебот на приватниците, Димовски вели: „милион закони имаат прирачници што се наплаќаат, па нема проблем“

„Не мислам дека е конфликт на интерес. Ниту сум прв ниту последен што подготвил прирачник или толковник. Јас добив хонорар како автор, пријавен во УЈП и за него се платени даноците. Мојот договор беше само да го напишам Прирачникот. Го пишував попладне кога имав време. Не сум инволвиран во продажбата, тоа е дел за кој води грижа ‘Академик’ и немам приход од продажбата“, изјави авторот Димовски за „А1он“.

Тој нагласи дека во инспекцискиот совет, лани, пред да го напише Прирачникот, ја разгледувале можноста да направат обуки за примена на Законот за инспекцискиот надзор, но заклучиле дека нема начин да наплаќаат за обуките, па затоа и не ги направиле.

На забелешката од инспекторите дека им го полни џебот на приватниците, Димовски вели: „милион закони имаат прирачници што се наплаќаат, па нема проблем“.

Претседателката на инспекцискиот совет, Магдалена Филиповска-Грашкоска, не одговори на прашањата од „А1он“ за тоа дали на членовите на инспекцискиот совет им е дозволено да бидат автори на прирачници што на инспекторите им се продаваат по пазарна цена и дали има конфликт на интереси кај Димовски. Став за тоа дали постои конфликт на интереси во овој случај сè уште нема ниту од Државната комисија за спречување на корупцијата.

Авторот Димовски е член на инспекцискиот совет надлежен за областа на животна средина и заштита на здравјето на луѓето. Прирачникот што Димовски го изработил е помагало за примена на Законот за инспекцискиот надзор, кој почна да се применува од 30 ноември 2019 година, а наменет е за сите вршители на инспекциски надзор, за деловните субјекти и за физичките лица врз кои се спроведува инспекциски надзор. Целта на Прирачникот, според начинот на кој е претставен, е намалување на ризикот од погрешно разбирање или од злоупотреба на инспекциските надзори.

Прирачникот што Димовски го изработил е помагало за примена на Законот за инспекцискиот надзор, кој почна да се применува од 30 ноември 2019 година

Прирачникот е во издание на Агенцијата за интелектуални услуги „Академик“. Управителката на „Академик“, Маргарита Димитрова, вели дека внимателно го избрале авторот.

„Не постои никаков конфликт на интереси за авторот на Прирачникот затоа што неговата изработка не може да влијае врз непристрасното вршење на неговите службени должности како член на инспекцискиот совет. Авторот, освен изработката на Прирачникот, нема никаква улога, а уште помалку обврска за неговата продажба и во ниеден случај нема профит од продажбата на Прирачникот и нема што ‘Академик’ да дели во тој поглед со него. Покрај тоа, да ве потсетиме дека Прирачникот не е наменет исклучиво за инспекторите, туку и за деловните субјекти и физичките лица подложни на инспекциски надзор. При изборот на авторите за секое издание што го има објавено ‘Академик’ најважни се практичното искуство, познавањето на конкретната материја и кредибилитетот на авторот, што и во овој случај е целосно запазено“, вели управителката Димитрова за „А1он“.

Би можело да ве интересира

Заврши мерката „гарантирана цена“, најавени засилени инспекции против нечесни трговски практики

Горан Наумовски

Инклузивен прирачник за џудо со адаптирани техники за лица со интелектуална попреченост

Орце Костов

Методија Димовски е именуван за генерален секретар на Владата

А1он

Николовски: Е-инспектор почнува со примена во пазарен, трудов и управен инспекторат

Ана Ололовска

За една недела, биле издадени 13.957 решенија за изолација

Кристијан Ландов

Инспекциските служби извршиле 5718 надзори и контроли од 28 декември до 3 јануари

Ана Ололовска