Поднаслов: Статистичките податоци и истражувањата на јавното мислење медиумите си ги толкуваат како сакаат без да се согледа што значат бројките и без да се погледне методологијата зад резултатите.
Пишува: проф. д-р Мирјана Најчевска, експерт за човекови права
Како што веќе видовме, бројките сами по себе можат да претставуваат факти, меѓутоа за да можат да добијат некакво значење тие треба да бидат соодветно прочитани, анализирани, поставени во контекст, вкрстени. Со други зборови, тие треба да станат статистика.
Прикажувањето на статистичките податоци е многу посложен процес отколку прикажувањето на бројките и претставува посебен предизвик за секој новинар. Новинарите многу ретко ги читаат статистиките. Тие вообичаено се задоволуваат со едноставно пренесување на веќе направена статистичка анализа, без самите да се впуштат во поопстојна анализа на понудените статистики, односно во вкрстување на податоците добиени од различни извори или, пак, адресирање на методологијата искористена во веќе направените анализи.
На пример, само многу мал број медиуми се заинтересира за анализата направена од страна на радиото “Слободна Европа“ за разликата меѓу поимите: просечна и средна плата. Медиумите не се обидоа ова разликување да го искористат во анализата на претходно дадениот предлог на Сојузот на синдикатите на Македонија за поинакво претставување на потрошувачката кошничка во Македонија и за поинакво мерење на стандардот на македонските граѓани (анализа направена во 2011 според која начинот на пресметување на потрошувачката кошничка на Заводот за статистика ни од далеку не ги опфаќа минималните трошоци на едно семејство).
Наспроти отсуството на поширок медиумски интерес и вкрстено читање на вакви анализи, медиумите спремно дистрибуираат резултати од многу тесни истражувања кои навистина звучат атрактивно, меѓутоа, имаат специфична вредност единствено доколку бидат поставени во една поширока рамка на податоци.
НИСКИТЕ ЦЕНИ СЕ РЕЗУЛТАТ НА УШТЕ ПОНИСКИОТ СТАНДАРД
Таков е примерот со едно од многуте истражувања кои се прават од страна на ЕУРОСТАТ. Имено, во значаен број медиуми во Република Македонија, се појави една од овие анализи под наслов “Македонија со најниски цени во Европа“.
Прво што паѓа во очи е изборот токму на оваа, наспроти други, многу пошироки анализи (на пример: за доходот по глава на жител, глобалната положба на државата, социјалната ситуација и сл.).
Второ е начинот на претставување на оваа статистика кој создава лажна слика за стандардот во Република Македонија. Имено, во дел од медиумските претставувања (наспроти оригиналниот текст на анализата) се истакнува дека “Во анализата е земена предвид куповната моќ на граѓаните во државите кои се вклучени во анализата. Куповната моќ на граѓаните е пресметана според методолошкиот прирачник на Еуростат и ја потенцира точноста на статистиките“.
Наспроти на ова, во анализата објавена од „Дојче Веле“ под наслов “Цените во Македонија се ниски поради нискиот стандард“ не само што е направено соодветно вкрстување на податоците, туку е дадено и експертско објаснување кое е неопходно за приближување на материјата до пошироката јавност. За разлика од овој пристап, наведените македонски медиуми можеби дури и свесно направиле тнр. „замена на теза“ и висината на цените ја прикажале како единствена основа за утврдување на куповната моќ.
Посебно паѓа во очи податокот дека во исто време во дел од медиумите е пренесена една друга анализа на Еуростат (оригиналот дава многу широк дијапазон податоци) која дава потполно спротивна слика на таа која се поврзува со цените на одредени продукти во државата.
Заеднички проблем карактеристичен за сите медиуми, поврзан со пренесувањето на овие анализи, е отсуството на врска (линк) со изворот на информацијата, што ја оневозможува проверката на податоците, но и можноста за вкрстување на истите и поставување прашања за отсуството на одделни податоци.
МАКЕДОНИЈА ГО „ШИЕ“ ЕВРОПСКИОТ ПРОСЕК
Сличен облик на дезинформација преку погрешно читање/претставување на статистички податоци, претставува написот под наслов “Евробарометар: Македонија подобра од европскиот просек“. И насловот и отсуството на соодветна анализа на прикажаните податоци го насочуваат читателот кон заклучок дека во Македонија реално подобро се живее отколку во државите на ЕУ. Всушност станува збор за прикажување на перцепции на населението, без посебна анализа на: околностите во кои се собрани/искажани перцепциите, на општата клима на страв, незнаење и неинформираност кои владеат во Македонија и без вкрстување на овие перцепции со фактичката ситуација. На тој начин, едно истражување кое треба да помогне во лоцирањето на Македонија и градењето на идните политики, станува извор на манипулација и дезинформација.
Освежување во читањето на статистиките, претставува интересот и пренесувањето на податоците за висината на платите во Република Македонија од страна на порталот “Нова“, меѓутоа и тука недостасува една поширока анализа и вкрстување на податоците како по временска линија, така и со податоци од претходно спомнати статистички анализи.
Колумнистите (посебно оние кои не се експерти за дадената област) често си дозволуваат многу слободно читање на бројките и нивно претставување во потполно апсурден контекст. Само како пример може да се наведе колумната под наслов “Бројки и факти за иселувањето и наталитетот“ на Влатко Ѓорчев (1 и 2). Во слободниот приказ на бројките, колумнистот избегнува да ја направи видлива врската меѓу елементите: економски развој – вработување/еманципација на жената – фертилитет и не ја дава врската со социјалната сигурност и квалитетот на живеење (сиромаштијата), ниту пак со должината на животниот век. Во заклучокот колумнистот ги истакнува “семејните вредности, традицијата, верата…“ кои многу лесно можат да бидат поставени токму како антипод на вработувањето/еманципацијата на жената.
Посебен предизвик за секој читател е ситуацијата кога исти податоци се читани на различен начин од страна на различни медиуми и водат до различни (некогаш и потполно спротивни) заклучоци како резултат на нивното еднострано прикажување.
АНКЕТИТЕ СЕ ТОЛКУВААТ КОЈ КАКО САКА
Како пример може да се посочи читањето на последната анкета направена од страна на Институтот “Димитрије Чуповски“. Во дел од медиумите се појавија наслови: Само 25% од граѓаните на Македонија го поддржуваат „Ск 2014“, додека пак во други: Анкета: Граѓаните со поддршка за проектот Скопје 2014 и владините роуд шоуа.
Ниту едното ниту другото читање не може да биде наречено аналитичко или објективно. Меѓутоа, она што посебно паѓа во очи во конкретниот случај е податокот дека новинарите воопшто не се интересираат за методологијата на прибирање на податоците и за релевантноста на самите податоци.
Имено, ниту еден новинар не го проблематизира прибирањето на податоци преку телефонска анкета од аспект на анонимноста и можноста за снимање, посебно во контекст на Република Македонија и анализите кои покажуваат високо ниво на страв на граѓаните.
Во ниту еден од медиумите не се дадени податоци за составот на анкетираните по етничка, возрасна, полова и образовна припадност (ниту пак е дадена врска до оригиналните документи од каде што би можеле да се видат овие податоци).
Отсуствува анализа на самиот облик на зададените прашања кој не само што не дава можност за алтернатива или мерење на согласноста, туку во одредени случаи исклучува (или асимилира) цели групи граѓани (како што е случајот со прашањата кои се однесуваат на верските заедници).
СИТЕ ЗНААТ ШТО Е МИСИЈАТА НА МПЦ И ИВЗ, НЕЛИ?
Отсуствува анализа и на содржината на прашањата. На пример прашањето: Дали сметате дека раководството на МПЦ (ИВЗ за муслиманите) ја исполнува својата мисија кон христијаните (муслиманите) во земјата?“ е крајно проблематично од аспект на содржината во кое останува нејасно што се подразбира под поимот мисија, или пак прашањето: „Кој лик на Скопје повеќе ми се допаѓа“, во кое испитаниците треба да направат избор меѓу “новиот“, во кој е вклучен „Скопје 2014“, и “стариот“ лик на Скопје, каде што нема простор за луѓето на кои не им се допаѓа ниту стариот ниту новиот лик на Скопје?
Всушност, пред било кое пренесување податоци од вакви „анкети“ новинарот би требало да набави кратка оцена од експерт за веродостојноста на анкетираниот примерок и применетата методологија. На тој начин, читателот однапред е предупреден со колкава верба треба да ја прими таквата вест.
Исто како и читањето на законите, читањето и анализирањето на бројките (посебно оние презентирани од страна на државата), може да биде моќно орудие, па дури и оружје во рацете на медиумите. Она што во никој случај не смее да се направи е просто да се пренесе презентацијата на одредени бројки без објаснување, анализа и прашања. Бројките можат да имаат различни значења и да водат кон многу различни заклучоци. Само ако се прочитаат на соодветен начин. Можеби за пример може да послужи песмата на Арсен Дедиќ „Ако по глава на жител…“.
Оваа анализа е изработена во рамките на Проектот на УСАИД за зајакнување на медиумите во Македонија – Компонента Сервис за проверка на факти од медиумите, имплементирана од Метаморфозис. Анализата e овозможенa сo поддршка на Американската агенција за меѓународен развој (УСАИД). Содржината на анализата е одговорност на авторот и не ги одразува ставовите на Метаморфозис, УСАИД или Владата на САД. За повеќе информации за работата на УСАИД во Македонија, ве молиме посетете ги веб-страницата (http://macedonia.usaid.gov) и Фејсбук-страницата на УСАИД (www.facebook.com/USAIDMacedonia).
Автори на фотографии:
Фотографија: Alex Ford
Фотографија: Jasn