Четворица полицајци се повредени вчера на протестот против францускиот предлог пред Владата информираше Министерството за внатрешни работи.
– Во СВР Скопје било пријавено дека во врска со ненајавениот јавен собир, кој се одржал во период од 19.00 часот до 22.10 часот во Скопје биле констатирани неколку нарушувања на јавниот ред и мир. Околу 16.50 часот, пред Владата на РСМ, неколку лица го запалиле знамето на Европската Унија. Околу 19.35 часот дел од учесниците на протестот го нарушиле јавниот ред и мир со фрлање на разни предмети и пиротехнички средства кон објектот на Владата, а дел од нив ја оштетиле и уништиле заштитната ограда. Околу 20.30 часот дел од учесниците на протестот се упатиле кон зградата на Собранието на РСМ каде фрлале со тврди предмети кон зградата на Собранието и кон полицискиот кордон, при што биле повредени четири полициски службеници кои биле пренесени во Градската општа болница „Св.Наум Охридски“ за укажување на лекарска помош се вели во соопштението од МВР.
Подоцна во текот на ноќта било пријавено и дека има оштетување на прозорец на зградата на Владата.