Четири пиштоли пронајдени во становите на Груевски

Од:

При претресот во становите на експремиерот и азилант, Никола Груевски биле пронајдени и пиштоли, дознава неофицијално „А1он“. Според извори од истрагата, во станот биле затекнати четири пиштоли, кои биле одземени од истражителите. Освен нив, одземена е и документација која треба да и помогне на истрагата за предметот познат како „Плацови на Водно“. Засега, непознато е дали Груевски имал дозвола за поседување на оружјето.

Засега, нема ниту потврда ниту негирање за оваа информација. Обвинителката Вилма Русковска за „А1он“ вели дека не знае што било затекнато во станот, како и што било одземено.

Како што веќе објавивме, во становите на Груевски биле пронајдени и уметнички дела, како и макети за проектот „Скопје 2014“. Претресите се правеа вчера по наредба од обвинителката Лиле Стефанова која го води случајот „Плацови на Водно.

Претресите се правеа во два станови кои се водат на Надежда, мајка на Груевски. Другите два станови, кои се поврзуваат со Груевски, а за кои Обвинителството има докази дека се негови, се водат на секретарка на познат бизнисмен близок до Груевски и фирма на која таа е управител.

Пред да избега во Будимпешта, Груевски во 2018 година склучил договор за закуп со формално-правната сопственичка на становите. Според неофицијални информации, договорот за закуп е направен за Груевски да ги користи становите без да плаќа кирија. Становите претходно се замрзнати за да не може да се отуѓуваат.

Истрагата ќе треба да покаже дали овие два стана за кои Груевски има склучен договор за закуп, без да плаќа кирија, се негови и купени од пари што членовите на ВМРО-ДПМНЕ ги уплаќале како членарини и донации во партијата. Тоа е и една од причините за што е направен претресот.

По претресот од Обвинителството, Никола Груевски од Будимпешта се огласи и кажа дека немал никаков скриен иимот, стан, земјиште. Според него, ако тој имал цел да живее во голема удобност, имал можност заедно со неговото семејство да се пресели и да живее во државната вила.

Никола Груевски е само еден од осомничените во случајот „Плацови на Водно“, каде што се сомничи дека сторил кривично дело перење пари. Освен него, се гонат и ексдиректорот на УБК, Сашо Мијалков, кумот на Груевски, Ристо Новачевски, бизнисменот Орце Камчев, како и сопственик на офшор-компанија. Истрагата се води од октомври 2020 година. Според Обвинителството, во периодот од 2006 година до 2012 година Груевски како претседател на ВМРО-ДПМНЕ за себе прибавил над 1 милион и 300 илјади евра од членовите на партијата.

 

Би можело да ве интересира

„Репортинг Демокраси“: На безгрижните денови на Груевски можеби им се ближи крајот

Ана Ололовска

Можно е замрзнување на имотот и блокирање на сметките на Груевски во странство

Кристијан Ландов

Груевски отворил фирма, ќе развива бизнис во Унгарија

Жарко Настоски

Груевски за плацовите на Водно: Нема докази, ништо не сум купил или продал

Жарко Настоски

Ново писмо од Будимпешта, Груевски пак се жали дека Заев е криминалец што го прогонува

Жарко Настоски

Спасовски: Претходното раководство на МВР смислувало заговор за атентат на Груевски

Габриела Димковиќ-Мишевска