Груевски се огласи: Не постои никаков скриен имот

Од:

Азилантот и експремиер Никола Груевски се огласи по претресите во четири станови кои се поврзуваат со него, лоцирани на Бихаќска, каде што живееше пред да избега од Македонија. Тој објави дека двата стана кои ги изнајмиува, а за кои „А1он“ објави дека според договорот не плаќа закуп, се во сопственост на лице со кое тој нема поврзаност. Груевски смета дека немало потреба од претрес во 06 часот изутрина, време кога неговите деца и сопруга биле во станот, освен ако целта не била нивно вознемирување. Тој негира дека е вистински сопственик на становите кои се изнајмени.

„Како што на јавноста одамна и е познато јас низ годините наназад користев два стана во сопственост на мојата мајка купени на кредит пред дваесетина години. Покрај тоа, во одреден период имав извршено и закуп на два други стана на истиот кат каде живеев а од кои имав потреба, и кои се со помала квадратура, за што поседувам договор за закуп од сопственик со кој немам никаква поврзаност. Не постои ништо друго надвор од тоа. Не постои никаков скриен имот, стан или земјиште. Ниту сум купил, ниту платил, ниту продал било какво земјиште, стан или друг движен и недвижен имот, што впрочем може да се провери и во катастарот“, објави Груевски.

Во однос на истрагата позната како „Плацови на Водно“, вели дека не му паднало да памет да земе пари од партијата или од членарини на членството за да купи имот, како што се сомничи.

„Впрочем ако целта ми била да живеам во голема удобност имав можност како премиер заедно со семејството да се преселам и десетина години да живеам во многу поголема, побезбедна и поудобна државна вила, што не го направив. Подолг период власта врши притисок, уцени и закани врз лица да ги натераат да бидат лажни сведоци дека нешто што е нивно или нечие, било мое. Употребуваат најбрутални методи од најниски лични уцени и тешки закани по нивната слобода, семејство и имот, па до одредување притвори и други нечовечки методи. Целта им е да ме обвинат за некаков скриен имот а со тоа и за перење пари, за ‘да докажат’ некакви перење пари кое не постои“, додава Груевски.

Тој негира дека сторил кривично дело перење пари, за што се сомничи во случајот отворен од страна на Обвинителството за гонење на организиран криминал и корупција“.

„Освен што е потребно да докажат дека нешто наводно поседувам а кое не е пријавено, за да ме обвинат со квалификација “перење пари”, согласно Законот, потребно е да докажат и од каде се парите за истото да се купи. Оттука немајќи што друго да кажат или смислат, одат на тоа дека сум користел партиски пари, што е безочна лага и невистина. Тоа го прават затоа што не знаат што друго да смислат за да ја затворат лажната конструкцијата за која имаат исклучително политички мотиви и која е дел од политичкиот прогон против мене и обид за мое оцрнување и преставување во очите на јавноста тоа што не сум. Покрај ова, во услови на секојдневни криминални афери на власта, неработење, национални предавства и неуспеси, тотално потфрлање со справувањето со пандемијата и (не)набавката на вакцини, пописот кој го започнаа со закон од кој е јасно дека се остава простор за големи манипулации, прогонот го користат и како алатка за дефокусирање на јавноста од реалните проблеми и неуспеси на власта“, пишува Груевски на „Фејсбук“.

Инаку, „А1он“ веќе објави дека двата станови кои се на истата адреса и спрат каде живееше Груевски, тој ги изнајмил во 2018 година пред да избега од Македонија. Според наши информации, становите се водат на секретарка која работи кај познат бизнисмен, близок до Груевски. Во четирите станови утрово беше извршен претрес, а беа одземени и предмети.

 

Би можело да ве интересира

Груевски: Македонија станува протекторат, народот прави црни листи на избори, а не други држави

Врховниот суд пресече за „Плацеви на Водно“ – за Груевски останува казната од Апелација

Османи: Груевски треба да биде во Македонија и тука да се соочи со правдата

Горан Наумовски

(ВИДЕО) Стојаноска за средби Заев-Мицкоски: Не можам ниту да потврдам ниту да демантирам

Александар Тодески

Џафери: Добив материјал со измените на Кривичниот законик, но не од Груевски

Орце Костов

Мицкоски: Преписката со Груевски не ме прави среќен, но нема да прифатам валкани сценарија за промена на Уставот

А1он