Премиерот Никола Груевски, по повод муслиманскиот празник Курбан Бајрам, упати честитка до поглаварот на Исламската Верска Заедница Реис Улема Хаџи Сулејман Реџепи.
„Како и секоја година, така и оваа, празникот нека донесе среќа на сите верници од исламска вероисповед и нека ве води добрата мисла по вистинскиот пат. Бог нека ги чуе и нека ви ги исполни молитвите и желбите за свет исполнет со вредности, правда, љубов и милост. Хуманоста и толеранцијата и сите добри карактеристики кај човекот нека бидат ваше секојдневие, а вашите срца нека бидат исполнети со вредностите за соживот, разбирање и слога во нашата земја”, вели претседателот на владата во честитката.
„Мултирелигиското општество, почитувањето на различностите и заедничките цели и вредности кои ги споделуваме како граѓани на Република Македонија претставуваат наша компаративна предност пред светот. Македонскиот модел овозможува услови за развој на потенцијалите на секој поединец. Во духот на заедништвото, сите ние граѓаните на Република Македонија, од сите вери и нации, да продолжиме со реформите и модернизацијата на земјата, со напорите за обезбедување на економски развој и унапредување на стандардот на граѓаните, услови за развој на културата, образованието и останатите општествени дејности, и изградба на силна и напредна Република Македонија како дел од европското и евроатлантско семејство. Уште еднаш, испраќајќи најискрени честитки, на сите верници од исламската религија ви посакувам благослов, среќа и убави празнични денови. Нека Ви е честит големиот муслимански празник!”, се вели во честитката на премиерот Груевски по повод Курбан Бајрам.