Претседателот Ѓорѓе Иванов по повод 8 април – Меѓународниот ден на Ромите, упати честитка до припадниците на ромската заедница во Република Македонија.
– Одбележувањето на Меѓународниот ден на Ромите во Република Македонија е чествување на заложбите за афирмирање и вклученост на ромската заедница во современите општествени текови. Подигањето на свеста за интеграцијата во општеството е една од главните цели преку кои се врши подобрувањето на социјалната и економска положба на Ромите во Македонија. Заложбата за зголемување на свеста за значењето на образованието, еманципацијата на жената, како и подобрувањето на социјалната состојба се дел од политиките и светските стандарди за континуиран и хуман развој на општеството, се вели во честитката од Иванов.
Наша визија, како што додава македонскиот претседател, е социјално интегрирање на ромската заедница преку активно вклучување и унапредување на принципите на еднаквост, солидарност, недискриминација и заштита на човековите права и слободи.
– Ромите се лојални граѓани на Република Македонија и заедно со другите граѓани придонесуваат за развојот и за демократијата во неа. Уверен сум дека и во иднина, како и досега, заеднички ќе дејствуваме кон градење еднакви можности за сите, почитувајќи го принципот на еднаквост, недискриминација, промовирајќи ја заштитата на правата и владеењето на правото, вели Иванов во честитката.