Претседателот на Република Македонија Ѓорге Иванов упати честитка до Архиепископот Охридски и Македонски г.г. Стефан и до православните верници по повод големиот христијански празник Богојавление – Водици.
– Водици е празник кој нè потсетува на значењето на светата тајна на крштевањето како еден од столбовите на нашата вера. На овој голем празник да не ги заборавиме основите на нашето верување и да продолжиме со почитување и залагање за вистинските духовни вредности. Славејќи го Христовото крштевање да го прославуваме и нашето духовно раѓање и да ја потврдиме смислата на нашите животи, се вели во честитката од претседателот Иванов.
На денот кога ги осветуваме нашите води, како што се истакнува претседателот во честитката, најискрено да посакаме во нашите срца да се вселат мирот, хармонијата и разбирањето, трпението и милосрдието.
– Инспирирани од овој голем празник и натаму ревносно да продолжиме да споделуваме со сите наши ближни и со сите наши сограѓани чекорејќи напред кон остварување на заедничките цели, вели претседателот Иванов.