Премиерот Никола Груевски денеска до граѓаните на Република Македонија и до македонската дијаспора упати честитка по повод 11 Октомври-Денот на востанието.
– Пред нас е чествувањето на празникот 11 Октомври, Денот на народното востание, денот кој е симбол на големата народно-ослободителна борба која во 1941 година му стави крај на фашистичкиот окупатор, ден кој е симбол на големата победа базирана на вредностите на слободата и човечкото достоинство. Сенародна борба против фашистичкиот окупатор е пример за пркос и желбата да се опстои на вредностите во кои искрено се верува, вели во честитката Груевски.
Тогаш борбата, како што посочува премиерот, придонесе Македонија да го дочека крајот на Втората светска војна на страната на победниците, големата коалиција на европски земји поборници на мирот, слободата, демократијата и почитувањето на човековите права.
– На овој ден пред 72 години, како и многупати претходно, ја потврдивме и означивме својата повеќевековна борба за самобитноста и самостојноста на Република Македонија. Прославувајќи го овој ден и сеќавајќи се на жртвите, ние со чест и благодарност се поклонуваме пред ваквата борба и пред олтарот на сите паднати борци за слободна и самостојна Македонија, и продолжуваме со нашите заложби и труд за продолжување на мисијата која значи постојано создавање на нови дела и вредности. Со оваа борба нашиот народ на најдобар можен начин го докажа својот државотворен капацитет и право на изградба на самостојна, суверена и слободна држава, што беше резултат и на сите претходни востанија и индивидуални гестови на лична саможртва, вткаени во битието на нацијата, стои во честитката.
Прославувајќи го 11 Октомври, се наведува, одаваме почит кон славното дело на нашата историја, но во исто време се инспирираме за успех, истрајност и лична жртва за напредокот и развојот на современа Република Македонија.
– Тоа што некогаш беше борба за слобода, денес е борба за повеќе инвестиции, за повеќе капитални проекти, за подобра транспортна инфраструктура, за креирање на нови работни места, за подобро здравство, образование, земјоделие, за поголема и пообемна соработка со земјите од регионот и светот, за интеграција и полноправно членство во Европската Унија и НАТО Сојузот. Тоа е идеалот кој денес е исправен пред нашата генерација и ние мораме да одговориме најдобро што можеме, впрочем како што тоа го направиле нашите предци, со срце, со љубов за својата земја и со многу напорна работа, наведува Груевски во честитката.