Комисијата за односи со верските заедници по повод празникот Божик испрати честитка до верниците од католичка вероисповед, Скопската бискупија и бискупот скопски и апостолски егзарх Киро Стојанов.
– Во овие возвишени и најсреќни денови дозволете ми вам лично, на сите верници кои го слават Божик, да ви упатам искрени честитки по повод раѓањето христово – Божик. Кога Бог го создаваше човекот и светот, до него дојдоа ангелите кои го советуваа да се откаже од неговата замисла, зошто човекот по својата природа е грешен и неговите дела ќе го налутат севишниот. Но тој, во својата љубов и милост, не дозволи неговото најсовршено создание да потоне во гревови, туку го испрати својот син, Оној кој пострада за другите, за да можат тие да се спасат и да се радуваат на Неговата љубов, стои во честитката.
Во неа се додава дека сега пред празникот сите ја чувствуваат големата Светлина која Бог, пред околу 2.000 години ја испрати во светот.
– Спасителот, Исус Христос, имаше храброст и вера да посведочи за Божјата вистина и да се жртвува за неа. Неговата вера поместуваше планини, а неговата љубов ги раздвижуваше срцата на духовно гладните, победувајќи ги стравот и предрасудите, разликите и поделбите, ропството и омразата. Преку неговиот пример нашата вера во Бога се зацврсти, а љубовта, взаемна почит и толеранција во моментите кога ни е најтешко добија вистинска смисла, стои во честитката.
Во честитката Комисијата порачува дека сега за време на Божик, во молитвите, треба да ги отвориме нашите срца да ја примат веста за неговото раѓање, и во духот на мирот и заедништвото да се радуваме на љубовта со која бог нè благослови.
– Христовото раѓање е чудо над чудата, празник над сите празници. Денот на неговото Раѓање е ден кога голема светлина му се откри на светот, а темнината беше немоќна во нејзино присуство. Прво скришно во пештерата во Витлеем, а потоа и во целиот свет одекна големата вест за раѓањето Христово и ја поттикна идејата дека изворот на радоста лежи скриен во секој од нас само доколку ги отвориме нашите срца кон Него. Само преку љубовта кон ближните и взаемното почитување, без оглед на меѓусебните разлики, можеме да опстанеме во светот кој е несовршен. Секој од нас, без оглед на која вера и припаѓа е божје чедо и ја поседува дарбата да се радува на божјата љубов. Преку споделување на радосната вест за Христовото раѓање и нејзиното празнување, го будиме овој духовен извор на радоста и спасението, се вели во честитката од Комисијата за односи со верските заедници.