Министерот за одбрана Зоран Јолевски на вработените во Министерството, припадниците на Армијата на Република Македонија и сите граѓани им го честита 24 Мај – Денот на сесловенските просветители.
– Писменоста е најголемата цивилизациска придобивка. Делото на браќата Кирил и Методиј ни овозможија да зачекориме во светот на цивилизираните нации, нации кои имаат развиена култура и традиција, нации кои преку писменоста ја негуваат својата долга историја, нации кои придонесуваат кон глобалниот развој. Нивното дело е водилка и за нас како Министерство и Армија, во нашите напори за континуиран развој на нашите кадри. За мене како министер за одбрана врвен приоритет е постојаното унапредување на знаењата и вештините на вработените и затоа од самиот почеток пристапивме кон забрзан развој на Воената академија, како столб на образованието во Армијата на Република Македонија“, посочува министерот Јолевски во честитката.
Министерот додава дека му причинува задоволство фактот дека припадниците на Армијата, секогаш и секаде покажале дека потекнуваат од земја која има високо развиено воено образование, што е и предуслов за високо развиена Армија.
– Квалитетот на нашата Воена академија е добро познат во регионални рамки, што се препознава и преку образованието на кадри за вооружените сили на Црна Гора, Босна и Херцеговина и Косово. И, ние не застануваме тука – целта е нашата гордост – академијата „Генерал Михаило Апостолски“ да биде препознаена во европски и глобални рамки, стои во честитката.