По повод 8 Април, Меѓународниот ден на Ромите, генералниот секретар на СДСМ , Александар Кирацовски упати честитка до припадниците на ромската етничка заедница во Република Северна Македонија.
„Дозволете ми, во мое лично име и од име на СДСМ, на сите вам припадници на ромската етничка заедница, да Ви го честитам Меѓународниот ден на Ромите, 8 Април.
Ромите се интегрален дел од македонското општество, и од денот на независноста па до денес даваат несебичен придонес во градењето на заедничко општество на рамноправни граѓани.
Со правилни и исправни политики, денес во Република Северна Македонија, Ромите се рамноправни со останатите граѓани, ги уживаат придобивките да го негуваат својот јазик и да ги развиваат својата култура и традиции и активно да учествуваат во креирањето успешни политики.
Денес, единствената ромска општина е во нашата држава и е пример за работа во интерес на граѓаните и локалната самоуправа.
Пред нас се уште постојат предизвици, но како одговорна партија остануваме доследни на концептот на едно општество за сите. Само со заедничка работа можеме да ги зачуваме и надградуваме различностите кои се богатство на нашата мултиетничка и мултикултурна држава, со која секогаш сме се гордееле. Нашата заедничка Македонија е нашиот заеднички дом, за сите граѓани.
Нека е честит 8 април – Меѓународниот ден на Ромите.“