По дефиниција Собранието на РМ претставува претставнички орган на граѓаните. Тоа недвосмислено значи и потврдува дека пратениците имаат за обврска на најдобар можен начин да ги претставуваат интереси на граѓаните. Таа обврска првенствено ја има позицијата која со мнозинство пратеници „владее“ со Собранието.
1. Во едни такви услови, во услови кога Претседател на Држава си зема за право да отповика спроведување на судски постапки за огромен број на лица и за кои има сериозни сомневања за сторени недозволени дејанија, недозволиво, понижувачки и спротивно на функцијата на Собранието во својство да ги претставува интересите на граѓаните, претставува моментот пратеник да се произнесува дека Претседателот со своите одлуки го нема прекршено Уставот на РМ – воопшто не посочувајќи од каде произлегува таквиот став.
Имено, Уставот, како највисок правен Акт во Државата, е поделен на сегменти кои ги регулираат сите општествени моменти и односи, со свои Амандмани во правец на дополнување на тие односи. Во едни такви околности, пратеникот има обврска да објасни на граѓаните кои делови од Уставот се начнати со ваквите одлуки на Претседателот и од кои причини тие не се прекршени, а не со голо презентирање дека Уставот на државата му дава право на
претседателот да носи и такви одлуки.
Голото презентирање дека Уставот не е прекршен, кај широките народни маси тоа се нарекува со народен јазик – „гола вода“.
Понатаму, на еден народен пратеник, кој треба да ги остварува интересеите на граѓаните, секако треба и мора да му биде познато, дотолку повеќе кога се работи за Правник, дека граѓаните МОРА да ги знаат причините на Претседателот кои го натерале на еден таков чекор, за кои подоцна ќе заклучат и самите граѓани дали таквиот чекор е промислен или е непромислен.
Од тие причини, и презентираниот став за тоа дека „…претседателот Иванов имал причини кои што ние можеме или не можеме, треба или не треба да ги знаеме…“, претставува став за чаршиски муабет, но никако став изречен од собраниска говорница, изречен од народен пратеник кој има обврска да ги штити интересите на граѓаните и како таков, и овој став на овој пратеник може да се третира исклучиво како – „гола вода“.
Истовремено, ваквиот став е недозволен од причина што не му е дозволено на Претседателот на Државата да создава било каква политика без знаење на народот. Република Македонија е членка на Обединетите Нации и е потписник на Повелбата на Обединетите Нации. Токму оваа Повелба најстрого ги забранува тајните преговори, но ја прокламира
јавноста на севкупното однесување. Иако станува збор за однесување во меѓународната заедница, ОН се одговорни и за мирот и стабилноста и во секоја одделна членка, па на тој начин тајните преговори не се дозволени ниту во рамките на една Држава.
Заради тоа….. народот мора да знае. Чии интереси штитиш ТИ пратенику? Со ставот дека се бара од иницијаторите на иницијативата за одговорност на Претседателот да ја повлечат истата, со образложение дека после произнесувањето на
пратениците од позицијата било сосема јасно дека оваа иницијатива нема да помине во Собранието, од самиот старт овој пратеник го искажа резултатот, но во овој момент резултатот можеби и не е толку битен – битни се дискусиите кои ќе се искажат од собраниската говорница. Токму тие дискусии ќе претставуваа темел за понатамошно постапување – постапување од страна на секој претставник од позицијата, да се произнесе за тоа од кои причини ќе гласа „За“ или „Против“, но со добро припремено „Образложение“, затоа што од тоа Образложение ќе зависи и личната одговорност која ќе ја понесе од тој момент.
Чекорот на Претседателот секако е непромислен, секако е неуставен, но тоа граѓаните мора да го дознаат првенствено од пратениците, кои се обврзани да работат во интересите на граѓаните.
Народен пратенику Илија Димовски…вака не се води држава и затоа ДОСТА Е.
Адвокат-М-р. Стојанче Геровски