Чантата „Луј Витон“, сивиот кауч на Катица Јанева и 1,5 милиони евра во кеш: Денеска пресуда за случајот „Рекет“

Од:

Специјалното јавно обвинителство (СЈО) падна во заборав, а со тоа можеби и сите надежи за расчистување на големите корупциски случаи во државата. Сите отворени случаи за еднодецениските сомнежи за криминал како да останаа скриени и нерелевантни, кога првиот човек на СЈО, Катица Јанева, лани беше спроведена во истражниот затвор во Шуто Оризари, под сомнеж дека со Бојан Јовановски – Боки 13, изнудувале пари од бизнисменот Орце Камчев со цел да биде олеснета неговата положба во случајот „Империја“ каде што тој се јавуваше како осомничен.

Денеска ќе се знае дали Катица Јанева и Бојан Јовановски се виновни или не и дали тргувале за личен бенефит во случајот „Рекет“. Помина речиси една година, а фамозните еден и пол милион евра уредно спакувани во чантатата „Луј Витон“ не се знае каде точно завршиле.

Првично, стануваше збор за шпекулации – почна од Кики, Фрики и Коки, а потоа во јавоста одекна снимка, кон почетокот на август минатата година – стотици илјади евра наредени на маса во „Луј Витон“ чанта, но и Јовановски и Зоран Милески-Кичеец, како си одат од домот на бизнисменот Камчев со чантата во раце.

„Ќе биде се во ред“. Ова се слушна во вториот сет објавени разговори, а на снимките наводно го кажува тогашната шефица на СЈО, Катица Јанева, за да го смири Камчев, осомничен во „Империја“. И тоа е се што јавноста можеше да го слушне од Јанева за овој случај.

На 15 август МВР го уапси Јовановски на излез од Македонија на граничниот премин „Богородица“ а во Скопје е уапсен Зоран Милески – Кичеец.

Неколку часа подоцна Јанева преку соопштение ја информира јавноста дека дава оставка од функцијата шеф на СЈО. Колегите од СЈО не ја штитат, напротив, се обидуваат да го заштитат само угледот на институцијата формирана за да го расветли криминалот и корупцијата, но сето тоа завршува неуспешно – СЈО згаснува, а обвинителите се вратени во матичните обвинителства, каде што продолжуваат да ги водат старите предмети.

На 21 август 2019 година, полицијата влегува на три локации, во СЈО и во домовите на Јанева во Гевгелија и во Скопје. Таа е уапсена, и одредена ѝ е мерка притвор. Запленетиот сив кауч најверојатно долго ќе остане во меморијата на македонските граѓани.

Истрагата траеше неколку месеци, информациите се оскудни, а шпекулациите се погласни. Јанева и Јовановски не даваат искази во истрагата.

Лани во октомври, шефицата на Јавното обвинителство за гонење на организиран кирминал, Вилма Русковска, го поднесува обвинението против Јовановски, Јанева и Милески. Самоуверено тврди дека се собрани сите докази – Јовановски се товари за примање награда и перење пари, Јанева за злоупотреба на службената положба и овластување, а Кичеец за примање награда.

Зимоска, на 3 декември, почнува судскиот процес за „Рекет“, под будното око на јавноста.

„Имаше еден филм Чарлиевите ангели. Имаше една госпоѓа Катица Јанева која влезе во тој филм, мислејќи дека никој ништо не и може. Но, влезе во мрежата на само наречената естрадна ѕвезда Бојан Јовановски, познат како Боки 13. Обвинителството ќе докаже дека тоа го сторила од алчност и затоа ќе презентира несоборливи докази. Со тоа не се посрамоти само себе си и не ја злоупотреби функцијата специјален јавен обвинител, туку ја предаде довербата на народот“, рече Русковска пред преполната судница зборувајќи за својата колешка.

За време на судењето, паднаа меѓусебни навреди меѓу двете колешки, тешки зборови кои ја разбрануваа јавноста, но ништо од тоа не одеше во прилог кон обелоденувањето на вистината.

Изненадување беше кога Зоран Кичеец – Милески ја призна вината, а неговиот предмет беше издвоен и тој доби тригодишна затворска казна. Тој никогаш не излезе да сведочи.

Половина година траеше судењето за случајот „Рекет“ – рочиште по рочиште, вкупно четириесетина. Јовановски се жалеше на лоша здравствена состојба, бараше домашен притвор, Јанева со качулка на главата беше пренесена во домашен притвор, а во меѓувреме, за време на судењата, јавноста беше сведок на лични навреди и дисквалификации и препукувања.

Се редеа сведоци, но најголемо внимание предизвика Камчев и неговата сопруга Ана, кои тврдеа дека биле жртви на уцена и дека се бореле за правдата во Македонија. Русковска пак, одеше со спротивна теза, дека Камчев го монтира случајот за да се спаси од случајот „Империја“.

Процесот заврши пред две недели.

Русковска во својот завршен збор кажа дека недвосмилено е докажана вината на Јовановски и Јанева, одбраната на став дека нема никакви докази за сторен криминал и дека целиот обвинителен акт се темели на исказот на Камчев кој по секоја цена се обидувал да се спаси од затвор.

Судскиот процес финишираше, а трагата на парите, еден и пол милион евра кои Камчев тврди дека му ги дал на Јовановски, не беше откриена.

Во меѓувреме СЈО престана да постои, исто како и приказната за македонските „Чарлиеви ангели“. Судските процеси се во тек, но со видно намалено внимание од страна на јавноста која очигледно ја загуби вербата во правосудниот систем во државата.

Би можело да ве интересира

Маж од Битола и се заканувал и изнудувал пари од сограѓанка

Пандов: Јанева има право пак да побара да работи надвор од затворот, нека побара

Катица Јанева го загуби правото да работи надвор од затворот „Идризово“

Катерина Ѓуровски

Боки 13 ги отфрла наводите за пријавата за загрозување на сигурноста, демнење и лажно пријавување

Катерина Ѓуровски

Притворен рекетар од Скопје кој од жртвата барал 180.000 евра

Апелација ја укина пресудата за „Меѓународен сојуз“, случајот се враќа на повторно судење