Центар нема да ги вклучи граѓаните во изработка на планот со кој треба да се избришат 60 – катниците кај „Холидеј Ин“

Од:

Општина Центар нема да формира партиципативно тело за да ги вклучи во изработката на планот „Ново Маало 2“ граѓаните и невладините организации откако за тоа, во понеделник, ги предупреди Државната комисија за спречување на корупција.  Градоначалникот на Општината, Саша Богдановиќ, вели дека нема таква законска обврска за овој план.

„Во моментот кога почна ревидирањето на стариот и подготовката на нов план важеше стариот Закон за просторно и урбанистичко планирање кој не предвидува вакво партиципативно тело. На планот веќе се работи, изработувачот веќе ни достави еден предлог на кој имавме забелешки и му го вративме на доработка. Во оваа фаза не планираме допрва да формираме партиципативно тело. За ова веќе имавме состаноци со Државната комисија за спречување корупција и детално им објаснивме дека не сме имале таква обврска, но тие очигледно поинаку толкуваат “, вели градоначалникот Богдановиќ за „А1он“.

На паркингот пред „Холидеј Ин“ нема да се градат 60 – катници во никој случај, но нема да биде ниту парк, вели градоначалникот Богдановиќ

Со планот „Ново Маало 2“ Општина Центар најави дека ќе ги избрише трите 60 – катници спроти хотелот „Холидеј Ин“ предвидени со планот кој сега е под мораториум. Иако веќе имале еден предлог – план, градоначалникот Богдановиќ не кажува со какви објекти ќе бидат заменети 60 – катниците.

„Нема да има 60 – катници во никој случај но нема да биде ниту парк. Ние дадовме ограничувања со квадратурата за тој дел, а како ќе ја распореди, на колку катови, зависи од планерите. Таму има над 300 сопственици кои не се против 20 отсто зеленило, но секој вели стави кај комшијата, освен тоа сите бараат поголеми градби“, вели градоначалникот.

Планот го изработува планерската куќа „Билд урбан“ за еден денар од квадратен метар, а треба да се уреди површина од 8,9 хектари. Токму поради ниската цена, предмет за овој случај, на сопствена иницијатива, отвори Државната комисија за спречување корупција. Утврдија дека и покрај ниската цена нема повреда, но тоа остана простор за коруптивни зделки меѓу планерите и сопствениците на земјиштето. Антикорупционерите препорачаа градоначалникот и Советот на Општина Центар да внимаваат новиот ДУП да биде усогласен со ГУП и да се формира партиципативно тело кое ќе ја вклучи јавноста во планирањето.

Градоначалникот Богдановиќ, уште еднаш објасни дека планерите ниската понудена цена ја образложиле со тоа што сакале да го внесат планирањето на овој ДУП како референца во своето портфолио, а Законот за јавни набавки налагал да ја одберат најниската понудена цена.

Би можело да ве интересира

Уставен суд ја укина Одлуката за суспензија од примена на ДУП во Општина Куманово

Истражување: Дел од општините имаат неважечки Генерални урбанистички планови

Орце Костов

Општина Карпош пред Уставен суд ќе го оспорува ДУП-от кој го донесе Општина Ѓорче Петров

Арсовска: Кривични за градоначалникот на Ѓорче и министерот за транспорт – „Нема да дозволиме еколошка катастрофа на Скопје“

Анита Петровска Рајковиќ

(ВИДЕО) Три хемиски фабрики во новиот ДУП за Ѓорче – „Загрозен животот на карпошани“, Јакимовски бара Уставен да го укине

Анита Петровска Рајковиќ

Герасимовски: Ја украсивме општина Центар, граѓаните имаат потреба од позитивна атмосфера

Орце Костов