Ги повикувам сите жени од нашата држава, независно за која политичка партија гласале во минатото, на овие избори, на 15 јули да го дадат нивниот глас за партијата која што во изминатите две и пол години покажа дека знае да ги почитува жените, да ги унапредува нивните права и да го врати нивното достоинство. Време е за 50:50, за силни жени коишто рамноправно учествуваат во создавање на силно општество. Жени заокружете на 15 јули бројот 3 за женска солидарност, за обединетост, за нашата подобра иднина, повика денеска носителката на листа во ИЕ 1 од коалицијата „Можеме“ Мила Царовска од партиското седиште на СДСМ.
–Родовата еднаквост беше наша обврска и приоритет минатите години. Донесовме нов Закон за прекинување на бременоста со кој го враќаме правото на секоја жена да решава за своето тело. Ја ратификувавме Истанбулската конвенција. Со носење на нов Закон за спречување на насилството врз жените се трудиме насилството да биде казнето на секој чекор, но не застануваме тука. Ние рушиме стереотипи и препреки и се бориме за еднакво учество на жените секаде каде што се носат важни одлуки. Имаме најголем број на министерки во Владата од нашата независност до денес. Имаме највисок процент на учество на жени во Парламентот. Имаме во речиси сите структури на нашата партија одличен процент на жени повисок од 40 проценти. Дали е ова доволно? Не., истакна Царовска.
Таа нагласи дека во следниот мандат продолжуваат да се борат за еднакви права на жените и мажите, еднакви плати на жените и мажите и еднакви обврски на жените и мажите.
-Се обврзуваме за време на кризата да ја задржиме минималната плата на висина од 14.500 денари, а по завршувањето на кризата се враќаме на нашите вредности и минималната плата треба да порасне до 40 проценти до крајот на мандатот. Ова директно засега околу 90.000 наши сограѓани, во најголем број жени. Токму нив ВМРО-ДПМНЕ им се заканува дека ќе им ја намали минималната плата за 2.500 денари и тоа не смееме да го дозволиме. Нудиме стратегии за директна поддршка на женското претприемништво, како и на младинското претприемништво преку форма на грантови во висина од пет до 15 илјади евра за почеток на сопствен бизнис, нов бизнис, рече Царовска.
Од пред седиштето на владејачката партија, таа вети 20 проценти годишно зголемување на поддршката на жени земјоделки, воведување родова рамноправност и во спортот, 30 проценти жени во органите на управување во 2020 година, а 50 проценти до 2024 година. Вети четириесет проценти застапеност на жени на сите извршни функции кои се именуваат од страна на владата. До крајот на 2023 година, рече Царовска, ќе обезбедиме најмалку 7.500 места за деца во градинка. Градинката ќе биде бесплатна за децата од семејства со ниски приходи. – Со згрижување на децата во градинка не само што ги заштитуваме децата, туку овозможуваме и жените да се вклучат директно на пазарот на труд, додаде кандидатот за пратеник и носителката на листа во ИЕ 1 од коалицијата „Можеме“.