Министерката за труд и социјална политика, Мила Царовска во својство на копретседавач се обрати на затворањето на 10.Европски регионален состанок на Меѓународната организација на трудот, што се одржа во Истанбул.
Од Министерството за труд и социјална политика соопштија дека Царовска ја истакнала важноста на социјалниот дијалог во напорите за намалување на сиромаштијата и обезбедувањето на пристојна работа.
Во рамки на регионалниот состанок, Царовска остварила и билатерални средби со турската, бугарската и хрватската делегација. Покрај размената на искуства, на средбите било договорено и потпишување меморандуми и програми за меѓусебна соработка во иднина.
Eвропскиот регионален состанок се одржува на секои четири години и на него учествуваат трипартитните конституенти – влади, работодавачи и работници од 51 земја. Состанокот е со цел да се дискутира за клучните економски и социјални прашања во овој дел од светот, како и заради утврдување на регионалните приоритети на Meѓународната организација на трудот.