Министерката за труд и социјална политика Мила Царовска ја предводи трипартитната делегација од Република Македонија составена од претставници од Владата, претставник од Сојузот на синдикатите на Македонија, од Конфедерацијата на слободни синдикати на Македонија и претставник од Организацијата на работодавачи на Македонија на 106-тата Меѓународна конференција на трудот во Женева која се одржува во периодот од 13 до 16 јуни 2017 година.
На конференцијата се дискутира на повеќе теми како што се примената на конвенциите и препораките, вработување и пристојна работа за мир и отпорност, трудови миграции, дискусија за стратешките цели на фундаменталните принципи и права на работа, а на дневен ред се и Програмата и буџетот за 2018-2019 година.
Во рамките на конференцијата министерката за труд и социјална политика Мила Царовска се обрати до делегатите на темата „Трудови миграции“ при што рече дека територијата на Република Македонија е традиционално емиграциско подрачје и дека во последниот период емиграцијата во основа се одвиваше под влијание на повеќе социо економски фактори.
„Во последните години, трајната емиграција остана релативно голема, односно стапката на емиграција изнесува 26,8%, а значителен пораст забележа и привремената емиграција во странство, поради вработување, семејни причини, школување или по други основи. Структурата на миграцискиот контингент според род и возраст, укажуваат на значителни промени во релативно краток временски интервал, при што учеството на жените во вкупниот миграциски контингент значително е зголемен. Во однос на образовната структура на мигрантите и натаму продолжи емиграцијата на високообразованите кадри, а тоа го потврдува и brain drain („одлив на мозоци“) индикаторот на Светскиот економски форум, според кој Македонија се наоѓа во групата на десетте земји со најголем интензитет на brain drain. Во изминатот период овој тренд во Република Македонија достигна загрижувачки димензии при што континуирано се зголемуваше бројот на младите, средношколци и студенти, како и високообразовани кадри кои размислуваа или планираа да заминат во странство“, рече министерката за труд и социјална политика Мила Царовска пред делегатите.
Имајќи ја во предвид глобализацијата и трендовите Република Македонија пристапи кон Стратегијата за Југоисточна Европа 2020, со цел спроведување на политики кои имаат за цел намалување на невработеноста во државата со посебен фокус на младите бидејќи стапката на невработеност кај младите е се уште висока и секој втор млад човек е невработен.
„Би сакала да нагласам дека Република Македонија, како и повеќето земјите од Југоисточна Европа кои се карактеризираат како земји на емиграција, се соочува со проблемот на голем миграционен потенцијал кај населението кој својата времена миграција мошне често ја трансформираат во трајна миграција при што се губи еден витален и значаен дел од населението. Не ретка е и појавата каде што обучените работници во земјата на дестинација прифаќаат да работат на работни места под нивните квалификации, при што, во ваквите случаеви, нивниот потенцијал се пропушта и во земјите каде што доаѓаат и во земјите од каде што заминуваат. Поради сето ова наша обврска е на граѓаните да им дадеме вистински информации доколку се решат да побараат вработување надвор од границите на нивната држава и да ги заштитиме нивните работнички права“, подвлече Царовска.
Таа информираше дека Република Македонија има донесено „Резолуција за миграциската политика на Република Македонија 2015 – 2020“ каде што ги посочи приоритетите поврзани со миграцијата, и потенцираше дека врвните приоритети во политиките за вработување на новата реформска Влада на Република Македонија ќе бидат насочени кон справување со младинската невработеност, како главна причина за масовното иселување на младите.
Според Царовска фокусот ќе остане на циркуларната миграција со цел задржување на виталниот дел од населението во рамки на државата и ненарушување на системите за социјално, пензиско и здравствено осигурување, а европската перспектива и постепената интеграција во Европската унија е клучен елемент на политичкиот и економскиот развој на секоја држава.
Во насока на продолжување на долгогодишната и плодна соработка со Меѓународната организација на трудот министерката за труд и социјална политика Мила Царовска оствари средба и со директорот на Меѓународната организација на трудот за Европа и централна Азија Хајнц Колер.