Низ историјата имаме многу примери кога во клучни моменти луѓето знаеле да се издигнат над сите тортури и притисоци од страна на властодршците и да тргнат во решавачка битка со деспотот. Денес сведоци сме на една таква битка. Битка каде целиот народ се обединува, каде партиите ги исклучуваат сите внатрешни и лични интереси, каде сите неистомисленици и поранешни политички опоненти си подаваат рака и седнуваат на маса со една единствена цел, да се спаси државата од оваа криминално-мафијашка структура која прави ршум веќе седма година.
Камшикот од оваа ненародна власт го почувствуваа сите, тука не беа поштедени ниту „нивните“. Тие само имаа една „привилегија“, да бидат втори по ред, па им беше дадена можност прво да гледаат од страна, им се приреди театар на кој поединци ракоплескаа кога жртви беа сите оние неподржувачи на режимот. Лудуваа, пресреќни, жедни за наредниот чин и во „патриотски“ афект и безумие како да се дел од момент во кој се решава судбината на милиони луѓе. И навистина беше таков момент.
Се промени судбината на целата држава. Останавме слепо црево. Потоа, откако ги уништија малите и средни претпријатија нарачаните инспекциски служби, откако основните човекови права загарантирани со Уставот на Р.Македонија останаа напишани само како поим, откако без никакви докази се монтираа неколку случаи и беа приредени атрактивни спектакуларни апсење што воедно, беше досега најголемата политичка пресметка на власта и отворена злоупотреба на институциите кои ги приспособија да служат исклучиво како алатки за потребите на фамилијата во реализацијата на своите монструозни криминални планови, конечно, демократијата го доживеа својот колапс. Се соголија до коски граѓаните на секакви можни најподли начини и сето тоа во името на патриотските реформи, а многумина сеуште уживаа во портокаловите реклами одбивајќи да видат што се случува околу нив, милуваа да живеат, гледајќи преку розовата провладина медиумска призма во „најразвиената, најнапредната, најправедната, најсилната, најмоќната држава во светот“, предводена од пастирот, но чекаа да ги почувствуваат сите тие убавини, и таман ќе требаше да осетат, тој Бранко, Америка, Европа или незнам кој друг, се нешто ќе ни ја сматеше водата.
Е потоа заигра мечката во сечиј двор. Буџетот требаше од некаде да се полни. Владата го дуплираше надворешниот државен долг , а внатрешниот четирикратно го зголеми. Тука не сопреа. Секој три месеци ја задолжуваат државата со нови кредити, а секој први, за да најдат пари за пензии и плати, се издаваат нови обврзници. Го стигнавме врвот во иновативноста. Се измислија казни за се и сешто, од парична казна за родителот ако детето избега од час до парична казна ако сушиш гаќи на тераса. Патриотските фискални каси навистина се покажаа патриотски, по потреба работат исклучиво за државата, им излегуваат во пресрет на инспекциските инквизитори.
Само денар плус или минус, и отиде се во неповрат. Вртоглавечки казни се изрекуваат, станува се по неподносливо и невозможно да се опстане. Кога државната каса е празна, пари мора да се најдат од некаде. Паѓаат наредби и инспекторите како хиени се впуштаат по плен, денес или ќе ја исполни квотата со изречени казни или ќе летне од работа. Работнички права? Нема… Кој не верува, нека се обрати до синдикатот да му помогне. Удрија и по инвалидите, од мизерните до сега 4.300 денари што ги добиваат за туѓа нега, 2.500 денари ќе даваат за преглед да проверат дали случајно проодиле. Гнасните методи на фамилијата за грабање не познаваат ниту хуманост ниту човечност. Остваруваме!
Живееме во едно ненормално општество каде реалноста е забранета, не смее да се увиди а уште помалку да се прифати. Колку посилно тропа сиромаштијата на вратата, толку посилно ечат рекламите за нови инвестиции кои ќе овозможеле да се вработат илјадници граѓани и ќе се давале европски плати. Од инвестициите до сега имаме само црвени панделки одвеани по падините кои останале од сечените ленти каде се сликал премиерот со својот заштитен знак, лопатата. Паралелно, бидејќи веќе се искористија сите домашни амбициозни нешколувани квази актери и истите препознатливи се за широката јавноста, почнавме да увезуваме „патриотски“ криминалци за уште еднаш да се „потсетат“ граѓаните дека освен пастирот, немаат друга опција.
Илјадници млади и цели семејства пребегуваат во европските земји во потрага по парче леб. Останати без егзистенција, социјално уништени, принудени поради изолационата политика, благодарение на негрижата на Владата за своите граѓани, благодарени на режимот и „преродбата“ . Тотална бесперспективност и мрачна иднина. Државниот завод за статистика излегува со загрижувачки податоци, наталитетот е намален а морталитетот во пораст. Никаков прогрес, единствено регрес во сите сфери од општеството.
Дотолку вистинито и во подем, што дури и во владините фингирани извештаи забележано и признато. Станавме држава која го држи приматот на најголем број ребаланси на буџетот, беснее страшна дезориентација и отсуство на било каква реална економска проекција. Нацијата ни старее. Блокирани сме и изолирани од сите случувања и процеси. Нашите граѓани во бегство од таквата изолација одат во соседна Бугарија по пасош и се декларираат како бугари за да можат да ги користат бенефитите од тоа што значи да си европски граѓанин, а тука провладините медиуми и спин мајстори ни попуваат за тоа како ЕУ еве само што не се распаднала, а ние, големите македонци, по дифолт ќе имаме најголема корист од тоа, но треба да почекаме. За каква патриотска политика може да стане збор тука? Поголемо зло за националните интереси на Р.Македонија неможеше никој да и нанесе. Поголемо зло на македонскиот народ никој неможеше да му направи.
После сите спинови, после сите поскапувања, после јавното луксузирање на Владата со нивните мегаломански налудничави проекти преку кои се испраа тешки милиони евра, обидот да се ретушира една цела историја и античка шизофренија во која се изгуби цела нација, намален стандард и борба за гол опстанокот, граѓаните го препознаа најголемото историско предавство, нивната изиграна доверба, нечовечност, психопатија. Препознаа патолошко манипулативно лажење во својата најекстремна форма, бескрупулозно, дрско и подло до срж. Сите понатамошни притисоци и негативни владини кампањи ја отсликуваат се повеќе нивната слабост и севкупен неуспех, отсуство на лидерство и ограниченост.
Ова е период на севкупно обединување. Период кога сите заедно треба да го дадеме својот придонес за нашата иднина. Силата е во граѓаните. Тие се факторот кој одлучува. Ова е период каде од едната страна има исфрустрирана патетично-авангардна дефанзивна герила која кулуминира со историска еволуција на новото отпадничко новинарство а од другата страна е здравиот разум. Ова не е борба на опозицијата. Ова е борба на граѓаните на Р.Македонија.
Наташа Стеваноска
М-р по безбедносни науки