Брзата помош ќе нема предност додека минуваат министри за Самитот на ОБСЕ: Животот на пациентот е помалку важен од тој на политичарите

Од:

Македонија како претседавач на ОБСЕ во 2023 година го организира досега најголемиот политички настан во историјата на кој ќе присуствуваат над 70 министри за надворешни работи, меѓу кои и државниот секретар на САД, Ентони Блинкен и неговиот колега од Русија, Сергеј Лавров, но се очекува сообраќаен хаос поради блокирањето на улиците поради минувањето на бројните делегации од скопскиот аеродром кон хотелите и Спортскиот центар „Борис Трајковски“.

Минатонеделната посета на генералниот секретар на НАТО, Јенс Столтенберг ги покажа системските слабости во сообраќајното уредување кога на една од раскрсниците во Скопје, возило на Итната помош чекаше да помине делегацијата со првиот човек на воениот сојуз во кој членува и Македонија.

Видео од тој момент предизвика жестоки реакции на социјалните мрежи, но кога е во прашање минување на делегација, животот на пациентот е помалку важен затоа што апсолутна предност на минување сепак има возилото со придружба и тоа е регулирано со закон.

Ова е регулирано во член 139 од Законот за безбедност на сообраќајот на патиштата:

(1) За возила на службата за брза помош, на противпожарната служба, на полицијата и на Армијата на Република Македонија, кога со посебни уреди даваат светлосни и звучни знаци, не се применуваат одредбите на овој закон на обврската за врзување со безбедносен појас (член 23 став (1)), за забрана за користење на мобилен телефон и други уреди (член 24 став (1)), ограничување и начинот на менување на брзината (членови 34 ставови (1) и (2), 35 ставови (1) и (2) и 36 став (1)), за забрана на престигнување и обиколување на колона возила (член 50) и за забрана за пресекување на колона пешаци (член 125 став (1)). Тие возила имаат право на рвенство на минување во однос на сите други возила (член 41), освен во однос на возилата под придружба (член 138) и возилата што се движат низ крстосница на која сообраќајот е регулиран со светлосни сообраќајни знаци или со знаци на униформиран полициски службеник, под услов да не ја загрозуваат безбедноста на другите учесници во сообраќајот“, стои во Законот.

Пешаците, пак, се должни да се тргнат од коловозот, да ги пропуштат другите возила, а по потреба и да запрат додека не поминат тие возила, а истото се однесува и за возачите кои треба да обрнат внимание на возила кои возат во придружба на армиски или полициски возила со употреба на сини светла. Тие по потреба треба да запрат додека не поминат возилата со придружба.

Во Македонија придружба добиваат возилата во кои се превезуваат домашни или странски државници (претседатели на држави, влади, парламенти, владетели-суверени и други носители на официјални државни функции), кои се во работни, официјални и протоколарни посети на земјава и на странски делегации од понизок ранг од интерес и во работни посети во организација на нашата држава.

„Дали политичар или друг функционер кој брза некаде е поважен од човечкиот живот? Тоа е неморално и неетички! Тоа е само доказ дека функционерите ги носат законите само поради себе и се ставаат пред борбата за човечки живот“. Ова прашање беше поставено во Босна и Херцеговина од многу јавни личности затоа што и нивниот закон за безбедност е сличен со македонскиот.

Дел од пратениците побараа во босанскиот парламент измени во Законот за основи во безбедност во сообраќајот, но истите не поминаа. Кај нас во Македонија никој не покренал иницијатива да се избрише или измени овој член од законот.

Бројните делегации ќе значат затворање на дел од булеварите и пренасочување на возилата кон други раскрсници. За да го избегне ова, Владата донесе неколку одлуки за скратено работно време во јавната администрација и го прогласи 30 ноември за неработен ден за сите институции и училишта, освен за градинките.

Самитот веќе отповика неколку термини на закажани рочишта во Основниот кривичен суд Скопје, помеѓу кои се и судењата за „Ласкарци“, „Жан Митрев“ и „Титаник“. Истите се откажани поради одлуката на Владата 30 ноември да го прогласи за неработен ден на јавната и државната администрација, односно поради одлуката на Владата да се работи со скратено работно време до 12 часот на 29 ноември .
Годишната конференција на ОБСЕ предизвика сериозни проблеми и во редовното функционирање на економските оператори и болниците. Дел од компаниите ги презакажаа доставите на производи за следната недела, дел од сервисите за автомобили и гуми нема да работат. Пациенти од внатрешноста се пожалија дека се одложуваат и прегледи на клиниките за следната недела поради настанот.

Би можело да ве интересира

ОБСЕ/ОДИХР со позитивна оценка за изборниот ден, процедурите за гласање се почитувале во голема мера

Нови 22 коли за итната медицинска помош и вработувања, најавува министерот за здравство Меџити

Ќе се набавуваат 22 нови амбулантни возила, најголема набавка за итната помош во историјата се пофали Меџити

Блинкен и Лавров се разминаа во Скопје, САД и Русија спротивставени за иднината на ОБСЕ, за Украина, Балканот

Габриел не сакала да биде на иста маса со Лавров и затоа предвреме заминала од Скопје

Горан Наумовски

Хипи: Луѓето сакаат да бидат на евроатлантската траекторија бидејќи веруваат во слобода и демократија