Агенцијата „Брима Галуп“ ги демантира медиумите кои објавија дека анкетата со водство на СДСМ и Беса од 6,2 отсто пред ВМРО-ДПМНЕ не била спроведена. Од агенцијата објаснуваат дека не ја објавиле анкетата, но ја спровеле во наведениот период.
„Ве известуваме дека БРИМА четири пати годишно редовно спроведува Омнибус истражување повеќе години. Во рамките на ова истражување е и секцијата за социо-политички стандардизирани прашања во рамки на Политичкиот Барометар на БРИМА. Овие податоци кои се сопственост на БРИМА ги нудиме на потенцијални клиенти кои се заинтересирани за нив. Истражувањето во јунскиот бран се спроведе од 5 до 14 јуни 2020 со телефонска анкета (CATI) со национално репрезентативен примерок N= 1174 испитаници на возраст 18+ години. Понудата ја прифати еден од клиентите со ексклузивно право на користење и објавување. Наводите дека Брима воопшто не спровела анкета не се точни. Уште еднаш објаснуваме дека Брима не ја објавила анкетата а истата ја спровела во наведениот период. Дополнително Брима на 05 Јули 2020 има пратено до сите медиуми информација – корекција во која се појаснува точниот датум кога анкетата е спроведена“, стои во реакцијата на агенцијата „Брима Галуп“.
Дописот на Брима доаѓа откако уредникот на емисијата „Заспиј ако можеш“, Горан Момировски во емисијата објави дека медиумите објавиле лажна анкета и побара да се поведе постапка за медиуми поради како што кажа, непочитување на Изборниот законик.
Потоа, ваквата информација беше реобјавена на повеќе портали како „Курир“, „Нетпрес“, „Јавно“, „Вечер“ со сензационалистички наслови како „Брима Галуп воопшто не спровела анкета, “водството“ на СДСМ е измислено!“, „Брима Галуп воопшто не спровела анкета, СДСМ ‘води’ само на непостоечки анкети“, „Момироски ексклузивно: Брима Галуп воопшто не спровела анкета, СДСМ ‘води’ само на непостоечки анкети! (Видео)“.