Директорот на Комисијата за односи со верските заедници и религиозни групи, Валентина Божиновска денеска упати честитка до претседателот на Еврејската заедница на Република Македонија, Берта Романо-Николиќ по повод Ханука-големиот празник на светлината.
– Ханука е симбол на еврејското национално опстојување и на повторната обнова на верската слобода. Ова е многу важно бидејќи верската слобода денес е фундаментално човеково право кое го препознаваат сите религии и верски заедници. Низ историјата, Евреите претрпувале незапаметени прогонства и неизмерни страдања, но сепак, тие и натаму опстојуваат благодарение на почитта на верата и желбата да се сочува традицијата. Пораката на Ханука е универзална, се вели во честитката.
Потребно е, се наведува во честитката, да бидеме благодарни на она што го имаме, да ја чуваме и негуваме нашата вера преку реафирмација на нашите заеднички заложби во градењето на еден подобар свет за сите.
– И најважно, овој голем празник да не потсети дека ниту една сила не е доволно моќна да ја урне верата и достоинството на еден народ и неговото исконско право на сопствено уверување и самоопределување. Поздравувајќи Ве со традиционалниот поздрав Ханука Самеах уште еднаш Ви го честитам овој голем празник посакувајќи Ви празничните денови да ги поминете во кругот на Вашите најблиски, со многу радост, светлина и љубов, стои во честитката на Божиновска до Романо-Николиќ.