Божин Павловски: Големо будење на Македонија по граѓанска основа

Од:

Поголем број читатели на македонските весници во дијаспората ме прашуваат дали е умно да го одложат своето патување во Македонија за некои подобри времиња. Ја користам оваа прилика да ги охрабрам сите нив во намерата без одлагање да си ја посетат својата прва татковина, која токму сега минува низ големо демократско будење по граѓанска основа. И самиот веќе се подготвувам по 34. пат да заминам од Австралија во Македонија, на својот вообичаен шестмесечен работен престој.

За овие неполни 30 години 9 свои романи создадени во далечни земји си однесов во својата прва татковина. Оваа година современата македонска држава полни 70 години несметана еманципација. Само три години е помлада од мене, така што ми ги буди спомените од раната младост, кога имав задоволство да се дружам со херои за кои народот испеал песни, каков што беше генералот и подоцна академик Михајло Апостолски, на пример.

Или со академикот Блаже Конески, кој изврши кодификација на македонскиот литературен јазик, претходно нормиран од Крсте Мисирков во 1902 година. Или со Милтон Манаки, нашиот филмски и народен мудрец. Низ многу тешки премрежиња мина нашата мила татковина, но, ако е за унери, само ова сегашново премреже ќе изобилува со хумор и сатира, покрај мачнините, што е здраво за нацијата и ја одразува нејзината зрелост. Се разбира, не можеме да го споредуваме квалитетот на демократијата во Австралија со квалитетот на демократијата во Македонија. Овде гласањето на сите видови избори, од федерални, републички и локални, е вистински празник без ниту еден прекршок.

Овде премиерот на најголемата држава, Нов Јужен Велс, си поднесува оставка само затоа што затаил подарок, едно шише скапо вино. Веројатно и македонската демократија во некоја блиска иднина ќе го издигне на повисоко рамниште моралот на политичарите. Македонија е земја обдарена со сите природни и човечки убавини, но таа колната сиромаштија предолго одржува ропски менталитет кај некои граѓани.

Полека, за жал многу полека, работите ќе си дојдат на своето место. Нашата мала држава е преполна со образовани и свесни граѓани кои сепак нема да дозволат манипулации под дејство на бедата. Освен тоа, половина од граѓаните на Македонија живеат во земјите со развиена демократија и остваруваат природно зрачење во своите разгромени семејства. Затоа, верувајте им на своите браќа и сестри во старата татковина и одете да ги охрабрите, да им помогнете. Верно ќе се чувствувате како дома.

Би можело да ве интересира

Реален здравствен систем, а не експлодирана ракета на годината-петарда

Ана Ололовска

Погледот на Балканот кон Брисел, а намигнувањето кон Москва не е добра можност

Наум Локоски

Блажески: Солза, лажеш, ти никогаш не би се качила на гајби и буриња, освен ако не мислиш дека тие се мостот до удобна фотеља

Ана Ололовска

Македонските политичари да не се прават Англичани пред Тереза Меј

Ана Ололовска

Врне во душите на македонскиот народ, ама здравството нема да потоне

Ана Ололовска

Азески, време е да се пензионираш, заедно со својот дијалект!

Ана Ололовска