Предлог-текстот за законот за амнестија кој што вчера беше усвоен на владина седница се однесува за кривични дела сторени до 20 септември оваа година, а ќе се носи по редовна постапка.
Портпаролот на владата, Миле Бошњаковски појасни дека датумот произлегол од јавната расправа и укажувањата на експертите.
– Не се предвидува амнестија за лица правосилно осудени на казна доживотен затвор, како и за сторители на кривично дело „убиство“ од член 123. Не е предвидена амнестија за кривични дела против избори и гласање, за кривични дела против половата слобода и половиот морал, за кривични дела против државата, за кривични дела против јавниот ред, како и за кривични дела против човечноста и меѓународното право, изјави Бошњаковски.
Со овој закон би биле ослободени приближно 670 правосилно осудени лица на казна затвор од шест месеци, додека на 3.097 лица казната ќе им биде намалена за 30 отсто.