Нема режим од југословенскиот наваму што не ме затворил. Останав жив, за да можат различни режими да се изживуваат со мене и со мојата визија за поинаква Македонија. Би сакал да ја искористам оваа можност да им простам на своите прогонители.
Екс министерот Љубе Бошкоски ова го кажа во завршните зборови на судењето за „Ровер“ процесот во кој тој е обвинет за помагање на убиството на Марјан Тушевски и Киро Јанев во 2001 година.
Бошкоски побара ослободителна пресуда, зашто и според него, судскиот процес е апсурден, доказите никакви. Тој кажа дека е единствениот политички затвореник во Европа заедно со поранешната премиерка на Украина Јулија Тимошенко.
Бошкоски се осврна на заштитениот сведок, кој и во овој процес се појави исто како и во „Кампања“. Според него, како и одбраната, на ваков начин секој за се може да биде осуден. Но сепак, Бошкоски ослободителната пресуда ја бара и зошто заштитениот сведок во овој судски процес немаше одговори кога се сретнале тој и Орце Коруновски, не знаеше време и година, уште повеќе што ниту слушнал ниту видел нешто од средбата која според Бошкоски никогаш и не се случила.Бошкоски бара ослободителна зашто и никој од сведоците не го посочи дека го видел или слушнал за делото за кое се товари.
Бошкоски напомена дека во Македонија нема правна држава и дека судските одлуки се носат по налог на власта.
Екс министерот се товари дека преку Орце Коруновски дал зелено светло и го помогнал убиството на Марјан Тушевски и Киро Јанев. Обвинителството освен заштитениот сведок кој кажа пренесена изјава што слушнал, не обезбеди опипливи докази, освен претпоставки. Сите сведоци кои без изведени пред судот, за Бошкоски дека е замешан во убиството рекоа дека слушнале преку медиумите или „дека така се зборувало низ градот“.