Борче Давитковски поднесе оставка на функцијата претседател на комисија формирана да ги истражи собраниските настани од 24 декември, пренесе Макфакс.
Давитковски, оставката од функцијата ја поднесува поради тоа што не успеал да обезбеди мнозинска поддршка од членовите за препораките и заклучоците што ги подготви во соработка со двајцата експерти од Европската Унија.
Неговите препораки предвидуваа одговорноста за инцидентите да биде поделена и тоа власта да биде одговорна за исфрлањето на новинарите и пратениците од собраниската сала, а опозицијата да биде одговорна за блокирањето на работата на Собранието.
Оставката му е врачена на претседателот на државата Ѓорге Иванов, под чие покровителство беше формирана Комисијата, а беше услов од политичкиот договор од први март со кој се постигна учество на опозицијата на локалните избори.
Комисијата има уште еден месец рок да донесе заклучоци, но со оглед на фактот што остана без претседател, најверојатно ќе биде предложена пауза од 10 дена, во кои би требало да се консолидира.