Борче Трајковски, познат како Боки Бургија напиша отворено писмо до премиерот и го објави на својот профил на Фејсбук. Писмото го објавуваме интегрално.
„Вчера се најави почетокот на крајот на една неуспешна политичка кариера или приказна, сеедно. Апстинентите се одважија, неутралните се определија. Кон “гнасните комуњари“ и кон “рошавата гнаса“ се приклучија сите оние кои НЕ гледаат непријатели во политичките противниците, како ТИ што гледаш, друже Боксер. Се приклучија и оние кои НЕ сакаат да мразат свои сонародници затоа што ТИ сакаш да бидат мразени. Затоа што само тебе можат да ти посметаат да останеш на „престолот“.
Да мој Боксеру, се приклучија и сите оние кои знаат и сакаат да мислат слободно, оние кои знаат да критикуваат и да поднесуваат критики, да бидат самокритични, и сите оние кои ја осетија твојата злобна и докрај расипана потреба да останеш на оваа позиција со само една и единствена цел – Да не’ разединиш до степен на братоубиствена чистка, да не’ втурнеш во гнасна омраза која води кон себеистребување, па ако таткото во семејството е ДПМНЕ-овец, тогаш децата не смеат ниту да помислат да бидат “комуњари“, а камо ли сопругата. За соседите и останатите роднини, што да ти зборувам…
И воопшто не ти беше битно дека и ЈАС и ДПМНЕ-овецот одиме во иста црква, дека заендо се молиме на истиот Бог, палиме свеќи за починатите и живите, се молиме за здравје, за подобра иднина и подобар живот, дека истите попови ни крштаваат деца, не’ венчаваат, не’ погребуваат.
Боксеру, тебе не ти беше воопшто битно што до скоро си одевме сосема слободни на семејни слави, на родендени, на свадби и погреби. Тебе не ти беше битно ништо од ова што ние сме го практикувале до скоро, како непрекршлив аманет на нашите претци, туку, со сета енергија, поддржуван единствено од твоите комплекси и суета, од желбата за власт, пренесувани преку тројцата мускетари и О’дртањанка, како единствени мегафони на твоите сурови и разединувачки идеи, седма година не’ туркаше во правец, дури и на свадба да не каниме први братучеди затоа што се докажани “комуњари“, а камо ли на куќна слава.
Затоа што ТИ си ги прогласил за најголеми непријатели кои ти ја нарушуваат комоцијата на „престолот“. Сите кои не се со тебе, МОРА да се непријатели, а не политички неистомисленици, противници. Е па друже Боксер, заврши таа твоја расипана кампања. И не му се секирај многу, овој пат нема да бидеш поразен, ти тврдам. Ќе бидеш столчен, прегазен, на избори, разбирасе, и ова ти го тврдам…“