Бојан Јовановски – Боки 13 во вторник ќе може да присуствува на судењето за предметот „Рекет“. Градската општа болница „8 Септември“ соопшти дека Јовановски е здравствено добар и дека планираат да биде пуштен од болницата в понеделник.
„Лицето Бојан Јовановски беше хоспитализиран во нашата установа од 26.11.2019 до денес, петок, 29.11.2019 со упат издаден од докторот во ординацијата во КПВ ‘Шуто Оризари’. Сместен е во апартман во одделението за интензивна нега заради почитување на безбедносните протоколи, а не поради тежината на неговата здравствена состојба. Лицето Бојан Јовановски во моментот е во добра општа состојба и здравствена кондиција, а во установата останува сè додека не се комплетираат резултатите од спроведените испитувања. Во план е да биде пуштен од болничката установа ГОБ ‘8 Септември’ најдоцна до понеделник, 2.12.2019 година“, соопштија од болницата.
Првото судење за Јовановски е закажано за вторник, 3 декември. Според обвинението, од ноември 2018 година до април 2019 година обвинетиот Бојан Јовановски, познат како Боки 13, го искористил пријателството со шефицата на СЈО, Катица Јанева, и ѝ влијаел да го ослободи од притвор осомничениот бизнисмен Орце Камчев во предметот „Империја“.
Јанева му ја олеснила положбата во истрагата на Камчев, па предложила да му се укине притворот и да му се определи поблага мерка, куќен притвор, при постоење неизменети околности.
Во натамошниот тек на постапката Јанева планирала да му даде својство на заштитен сведок и да ја запре истражната постапка или да склучи со него предлог-спогодба за вина за полесни кривични дела и Камчев да плати незначителен износ на штета и да му се врати пасошот.
Обвинетиот Зоран Милевски постојано договарал средби меѓу Бојан Јовановски и брачната двојка Орце и Ана Камчеви, а за возврат за посредувањето примиле награда од 1,5 милион евра во разни апоени, и тоа од Ана Камчева половина милион евра, а од Орце Камчев 1 милион евра.
Јанева ова го прифатила и за себе прибавила значителна имотна корист, и тоа предмети, мебел во износ од приближно пет илјади евра, кој за неа го набавил Боки 13, и готовина 50.000 евра.