Советникот од Охрид, Дејан Блажески, апелира до судиите и адвокатите да застанат во одбрана на правниот поредок на државата, лична одбрана и одбрана на дигнитетот на професијата, со цел да не дозволат да бидат предмет на манипулации за политички поткусурувања на поединци.
Еве што стои во соопштението:
Како советник од опозицијата, ревносно се борам за зачувување на дигнитетот на одговорната функција советник. Имено, на вчерашната седница на Советот на општина Охрид, покрај што беа изнесени навреди и клевети кон советниците од опозицијата од страна на Секретарот на општина Охрид, тој во својата изјава обвини и судии и адвокати. Цитирам: “Да бев јас на суд знаев како да ги бранам, откога сме ние ниту еден судски процес немаме изгубено, затоа што не се договараме со адвокати и судии и за се’ друго за да нанесеме штета.”
Оттука, јасно се провлекува прашањето: со кои судии и адвокати е договарано? Изјавата се однесува на правниот спор што го има ОУ „Григор Прличев“ – Охрид.
Од друга страна, апелирам до судиите и адвокатите да застанат во одбрана на правниот поредок на државата, лична одбрана и одбрана на дигнитетот на професијата, со цел да не дозволат да бидат предмет на манипулации за политички поткусурувања на поединци. Меѓу другото, убеден сум дека постојат и судии и адвокати кои ја вршат својата работа ревносно, чесно и одговорно.
Доколку, пак, Секретарот Спасески, поседува информации барам јавно да ги соопшти . Сето останато упатува или на клевета или на прикривање на вистината? Затоа, го повикувам Спасески или да ја повлече изјавата или да се објасни со кои судии и адвокати е договарано?
Потсетувам, секретарот Димитар Спасески треба да знае дека како лице вработено во Општината одговорно за правните работи, за разлика од советниците, нема имунитет за работи кажани од советничката говорница.