Седам, размислувам, се јадам од внатре, се нервирам и немам решение за сите овие мои емотивни состојби. За да ми олесни ќе споделам со вас што е тоа што ме мачи, што е она што постојано ме тишти.
Затоа и ова што го пишувам нема наслов, оти ако имаше не ќе има имаше што да ме тишти. Секој ден едни исти информации, различни се разбира, бидејќи доаѓаат од две страни. Едната страна не кара, како да сме мали деца, не учи што не треба да направиме, а што погрешно правиме. Другата страна не не кара, другата страна се обидува со нас да комуницира како да сме возрасни! А дали сме? Дали сме дораснати да се соочиме со историјата која треба да се пишува, со историјата која треба да не мотивра?
Не можам да разберам како може вака да се однесуваме! Како? Неодговорно. Најодговорно тврдам дека се однесуваме неодговорно. Зошто? Па многу едноставно. Дозволивме полумедиокритети и понатаму да ни го кројат животот. Дозволивме истите да не фрлат во дилема дали е исправно тоа што правиме, а правиме ОТПОР. Дозволуваме да не депримираат за што помалку да не има. Па како не ни е јасно дека тоа и е целта на власта т.е. позицијата. Таа не би била тоа што е ако нема своја вистина и која се обидува да ни ја подметне ( модерно се викало ова спинување) и да не тера да ја прифатиме нивната вистина. Да, лесно им е и секој нивни збор да го верифицираат како вистина. Па не за бадијала се власт. Цело време ги повикуваат Пратениците од опозицијата да се врателе во Парламентот! Јааааааа мајката! Зошто? Досадно им е. Нема кого да тепаат. Страв им е дека од досада ќе почнат меѓу себе да се подјебаваат и тепаат. Тоа и го прават ама скришно. Кога сме веќе кај скришното би сакал и неколку збора за овој феномен, типичен за Трпе и Трпана.
Па добро бе, Драги мои , до кога ќе се криеме?! До кога ура ќе викаме!? До кога ќе дозволуваме алкохолот од нас да прави јунаци, херои. Не, Драги мои, не се признава тој патриотизам и херојство. И двете нешта имаат соучесник – ракијата и виното. Не, не, немојте да ми кажувате дека во виното е вистината. Буриња сум испил барајќи ја, ама не ја најдов до ден денешен ( ах, зошто мораше во Пандорината кутија да остане најгрдото нешто- надежта).
Ај сега и вака. Многумина не излегуваат на протести, седат по ќошиња скриени плашејки се за својата ГОЛА егзистенција, плашејки се дека ќе бидат избркани од работа ќе останат без корка леб! Е па да ви кажам дека животот не се состои од јадење корки, има и убави нешта во животот. Да и корката е средство за преживување , ама не бајатосана, а таа ни ја даваат постојано. Имам една многу драга, за мене Личност, која ми има кажано дека не излегува, се крие затоа што се плаши заради корката. А една душа прекрасна, Убавица на која може и Мисицата светска да и позавиди, арно ама се плаши.
И на крај морам да им се обратам на уплашените и на неопределените.
Драги мои уплашени, постојаната уплашеност е особина на кукавицата, а кукавиците од страв секој ден умираат и си го арчат животот во таа уплашеност дека може нешто лошо да им се случи. Но, заборавате дека имате фамилии, не сте сами со вашиот страв. Дали не сте егоисти мислејќи само на себе. Јас да преживеам а за другите…….. ве заболе, а? Ами што правиме со децата кои ги имаме и кои не не молеле да се родат и се производ на многу кратко наше сладостратие проследено со стенкање. Дали немаме никаква одговорност кон субјектот наречен син, ќерка, внук…. Дали немаме одговорност кон нашите предци кои коските ги оставиле за оваа земја? Денеска е петок, а утре 16-ти токму тие со сиот багаж од години ќе протестираат. Како не ни е срам.
Се обраќам до, уским, неопределените. Зошто уским!? Затоа што и кучето мое е определено и им реагира различно на добрите и на лошите луѓе. Нема неопределени. Оние кои постојано тврдат дека се до даска неопределени се опасни. Денес треба да бидеш крајно неопределен ако си ќутук, ако си , се извинувам, глуп и не сфаќаш што ти се случува. Нема нерешителност. Дојде време на џа или бу. Од секогаш сум бил неопределен, ама тоа било знак дека сум требало да бидам бидејќи сум немал причина да се определувам. Работата сум им ја оставал на професионалците. Ама , бидејќи, дилетанти ја превзедоа и ја водат играта повеќе не сум неопределен. И неможам да бидам бидејќи имам потомство, бидејќи не сакам да живеат во јад, страв и беда. Не сакам мојот внук да биде ваков полити……… пардон, криминалец. Сакам мојот внук да биде чесен граѓанин на оваа напатена, не античка Македонија, сакам истиот да ме направи горд прадедо. Е затоа се определив за страната која неможе да ја докаже вистината бидејќи е „само” опозиција.
Бидејќи за овие технократи друга освен нивната друга вистина не постои.
Затоа драги мои упласени, драги мои неопределени исфрлете ги тие мртовечки категории и почнете да живеете. Пружете отпор.
Уф, ми олесна.
Марин Гермов