Пловејќи низ островите на сирените, Одисеј ги врзел своите луѓе за да не подлегнат на совршените еротични гласови од фантастичните и преубавите сирени. За да не ги снајде судбината на мажјакот на црната вдовица. Така тој ги спасил своите луѓе кои беа на пат да го трампаат животот за гола екстазна лага.
Актуелната власт, настојувајќи да ја имитира таквата античка пловидба, не само што луѓето на бродот не ги врзувала за да не потпаднат како жртви на сирените, туку уште повеќе ги стимулира и провоцира во насока на опасниот транс. Така што не е можно да се предвиди како ќе завршат занесените жедни еротичари, а и бродот заедно со нив.
Изминативе години од кога е ова власт на кормилото на Македонија ги имаат сите шанси да се запишат во аналите на историјата како катастрофален бродолом и општа хаварија, оти во сите овие години се случувале бројни историски порази на државата. На бродот кој веќе со години плови без компас му се уриваат повеќе важни јарболни столбови.
Уривањето на првиот носечки столб се случи кога власта ја пропушти шансата државата да ја внесе во НАТО, со што ќе се отвореа силни развојни перспективи. Државите од поранешниот источен блок, направија големи скокови во сферата на директните странски инвестиции во првата година по зачленуваwето во Алијансата. А нам, поради дефицит на државнички капацитет на првите луѓе од владата, сега ни бегаат и тие инвеститори за кои веќе си мислевме дека се сигурни. Се повлекуваат потенцијалните инвеститори од Израел, Италија, Турција, Ирска итн. А австриската компанијата ЕВН избега во соседството каде што склучи договор за изградба на хидроцентрали во вредност од милјарада евра. Изгледа му било доста од нашите голи политикански игри.
Уривањето на вториот носечки столб на државата се случи поради фактичкото елиминирање на Коридорот осум од регионалната инфраструктурна агенда, кој според сите добри познавачи на балканската геополитичката карта претставува спасоносен појас за Македонија. Сега како стојат работите овај коридор е клинички мртов. Европската Унија овој коридор го има ставено во трајно мирување и веќе неколку години не предвидува никакви финансиски средства. Него единствено можеше да го спаси само нафтоводот АМБО, но и тој мега-проект веќе е во кома. Нема шанси да се стартува со неговата изградба без државата да се зачлени во колективните безбедносни системи. Американците макотрпно настојуваат да ја спасуваат ситуацијата вршејќи притисок врз Бугарија за одлагање на започнувањето на работите за изградба на конкурентниот нафтоводот Бургас – Александропулис, за кој силно се залагаат Русите и Грците.
Со изградбата на нафтоводниот проект Бургас – Валона, Македонија ќе се здобиеше со силна регионална геополитичка и економска позиција. Тоа не само што од старт за Македонија ќе значеше околу 400 милиони долари директна странска инвестиција, туку како што ќе изјави Тед Фергусон (претстедателот на тој проект) – преку ноќ ќе заживееше Коридорот 8 за чија изградба се потребни околу осум милјарди евра, средства што ни во сон не можат да се обезбедат без споменатиот нафтовод. Освен тоа само поради транзитот на нафтата државата годишно ќе добиваше над 40 милиони долари. Исто така ангажмани ќе најдоа многу градежни фирми, еколошки и осигурителни компании, услужни дејности, хотели, мотели, ресторани, продавници итн. Експертите проценуваат дека за две години сто илјади луѓе ќе се вработеа во компонентите на овај нафтовод и Коридорот 8.
Но, тоа си е тоа. Кај болна власт не проагаат паметни проекти. Па оттука огромни се шансите Македонија да остане балканско слепо црево без реална развојна перспектива. Во меѓувреме додека ние го трошевме времето со антикоманијата, Грците го заземаа просторот финализирајќи поголем број компоненти од нивниот проект „Виа игнација“. Впрочем, добрите светски познавачи на состојбите многу добро знаат дека впрочем Грците и не ги интересира толку името колку што тоа им служело како успешна стапица и мамка за елиминирање на Македонија од големите коридорски игри.
Имено, Грците со години силно го излобираа одложувањето на изградбата на Коридорот 8 со цел да ги пренасочат средствата кон модерниот автопат Александрополис – Игумениц (во Јонското море), кој пат ќе ги поврзува Средниот и Блискиот исток (богати со стратегиски енергенси) со Италија и Европа. На Грците им е многу добродојдена наводната непопустливост на македонската влада за името, оти потребно им е уште малку време за да ги заокружат нивните проекти. Потоа многу лесно ќе се согласат со какво и да е решение за името, кое нам ништо нема да ни помогне. Македонија ќе остане грчки сообраќаен зависник, оти копајќи по минатото ја поткопувавме иднината.
Уривањето на третиот носечки столб се случи поради неодогворната политика во сферата на меѓуетничките односи. Играјќи популистички со етничките чувства на граѓаните како дел од политичката манипулација, Република Македонија си игра околу теренот со жив песок. Таа од регионален лидер за добри меѓуетнички односи сега стигна до тоа фактички да и се врати меѓународниот мониторинг во оваа чувствителна сфера. Ни во 2001-та година не сме имале вакви сериозни дезинтеграциони процеси во државата како што имаме сега.
И конечно сме на пат да го урнеме и четвртиот столб. Контролирањето на медиумите и воопшто манипулацијата со јавноста може да предизвикува уривање и на тој столб. Големо осиромашување на населението е опасен детонатор над кој седиме. Сите влади кои ги контролирале медиумите завршиле лошо, оти слободните медиуми контролирано ги пуштаат сите видови групни фрустрации пред да се претворат во критична маса за експлозија.
Сега се повеќе луѓето се освестуваат дека залудно го барале рајот на сред пеколот, па оттука нивните реакции можат да бидат опасни. За разлика од нашите водачи, Одисеј луташе со цел и без својата Итака. Ние лутаме без компас и без цел. Освен ако за цел ја сметаме личната цел. Ама ние граѓаните тешко сфаќаме дека судбината не е прашање на случајност туку на избор.
Мерсел Биљали