Со отсуство на анализа, на комплексно пренесување, на вкрстување со реалната ситуација во Република Македонија, во отсуство на откривање на контрадикциите на дадените изјави, како и во отсуство на новинарски прашања, медиумите стануваат дел од манипулацијата на јавноста.
(Ова е втор дел од анализата на Проф. д-р Мирјана Најческа за употребата на меѓународните документи од страна на новинарите. Како пример е земена последната Резолуција на Парламентарното собрание на Советот на Европа (Док. 13227) донесена на 7.06.2013 година. Првиот дел со наслов „Меѓународните документи се анализираат и користат“ можете да го најдете овде.)
Пишува: проф. д-р Мирјана Најчевска, експерт за човекови права
Анализа, анализа, анализа
4. Најпроблематичен елемент во медиумското пренесување на информацијата за донесениот извештај претставува отсуството на анализа и откривање на контрадикторностите во изјавите на претставниците на власта во врска со извештајот и содржината на истиот.
Одделни медиуми уште во насловот “Македонската делегација позитивно го оценува извештајот на ПССЕ“ се задржуваат токму на реакцијата на македонската делегација и посебно ставот на делегатот Александар Николовски (24Вести, ТВ Канл5, Макфакс, Приметиме, … ).
Во дел од медиумите е пренесена информација дека:
“Шефот на македонската делегација при Парламентарното собрание на СЕ, пратеникот Александар Николоски, исто како другите членови на делегацијата кои учествуваат во дебатата Игор Ивановски, Ермира Мехмети Деваја, изразија задоволство од извештајот и рекоа дека е реален, при што секој од нив ги изложи своите видувања на ситуацијата.“
Под насловот “Македонската собраниска делегација во Стразбур позитивно го оценува извештајот на ПССЕ“ дадена е изјавата на Александар Николовски за МИА според која:
“Имаме навистина еден позитивен извештај, кој што реално ги отсликува состојбите во Република Македонија и тој дава комплетна слика за неа“,
дека
“Тој смета дека овој извештај треба да е добар патоказ како да се однесуваат и ЕУ и европските институции и како да се однесува Грција.“
(Во Извештајот практично единствено се искажува надеж дека Грција ќе се однесува пофлексибилно).
Сепак, кулминација е дека
“Николоски исто така нагласил дека го поддржува извештајот затоа што во него се вели дека сериозни реформи се прават во насока на зајакнување на владеењето на правото, се имплементира вработување засновано на заслуги во јавната администрација, постои силна борба против корупцијата, се имплементираше декриминализација на клеветата, со спроведувањето на Охридскиот рамковен договор се подобруваат односите меѓу сите етнички заедници во Македонија“.
Најпроблематично е известувањето на МАКФАКС, во кое е даден интегралниот текст на говорот на Александар Николовски, без ниту едно прашање, без никаква анализа или проблематизирање на дадените изјави.
Остануваат непоставени прашањата:
– За контрадикторностите во изјавите на членовите на делегацијата и потполно спротивставеното разбирање на содржината на резолуцијата (на пример, изјавата на Игор Ивановски според кој
“Во него се нотирани голем број сериозни забелешки и критики за голем број области во Република Македонија. Македонија останува и понатаму под мониторинг на Советот на Европа, а Советот на Европа ќе го зголеми своето присуство преку отворање на канцеларија во Скопје што ќе треба да и помогне на државата, токму во промената на голем број забелешки и проблеми во областите битни за граѓаните“);
– За тоа врз што се базира изјавата на Николовски дека е ова многу позитивна резолуција (кој е соодносот меѓу позитивните и негативните елементи во истата)?;
– Дали може да се бара одговорност за негативните заклучоци содржани во резолуцијата;
– Кои се конкретните мерки кои власта има намера да ги преземе согласно дадените заклучоци и препораки?
Искористување на актите
5. Што не пренесоа, не објаснија, не анализираа и не го искористија понатаму во комуникацијата со власта, во презентирањето на одделни случувања во Македонија и во остварувањето на контролната улога која треба да ја имаат медиумите, од Резолуцијата на Парламентарното собрание на Советот на Европа најголем број (а во одделни сегменти и апсолутно сите) медиуми во Република Македонија:
– Дека треба да започнат (не да продолжат, не понатаму да се развиваат, туку за прв пат да бидат иницирани) инклузивни политики со кои ќе се надмине разединетоста на општеството по политичка и етничка линија (тоа значи дека општеството е поделено по политички и етнички линии и дека не постојат политики кои го адресираат проблемот);
– Дека Советот на Европа жали заради континуираното опстојување на сегрегирано образование по етничка линија затоа што тоа ја намалува кохезијата на идните генерации (тоа значи дека власта овозможува поделените училишта во Македонија во кои ќе се создаваат генерации неспособни да живеат и да работат заедно заради различната етничка припадност);
– Поврзано со горното е барањето политичките и општествените чинители да се воздржат од употреба на националистичка реторика (тоа значи дека во моментов има многу чинители кои ја употребуваат оваа реторика);
– Дека е потребно итно спроведување на пописот на население (тоа значи дека власта избегнува да направи попис на населението);
– Дека македонските власти треба да гарантираат полна слобода на медиумите посебно кога се има предвид слабоста на медиумскиот сектор, зависноста на медиумите од јавното рекламирање, недоволни професионални стандарди (тоа значи дека во моментот нема полна слобода на медиумите, а медиумите се зависни и злоупотребени и од власта и од политичките партии);
– Деполитизацијата на јавниот живот е голем предизвик (тоа значи дека во моментот постои политизација на јавниот живот);
– Дека треба да зајакнат напорите на властите за воспоставување на систем базиран на заслуги и транспарентни критериуми при избор и именување (тоа значи дека во моментот изборот и именувањето на државните службеници и функционери не се прави според заслуги и врз основа на однапред познати критериуми, ниту пак во транспарентна постапка);
– Дека оние кои се на власт имаат главна одговорност за воспоставување дијалог со сите сегменти на општеството и политичките партии (тоа значи дека не смее да се префрла одговорноста на опозицијата);
– Дека е потребна натамошна работа за да се обезбеди независноста и непристрасноста на правосудниот систем, односно, македонските власти треба да создадат услови за креирање неселективен систем на правда (тоа значи дека судовите и јавните обвинителства работат во корист на оние кои се на власт, а сите делови на правосудниот систем, вклучувајќи ја и полицијата, се селективни во спроведувањето и примената на законите);
– Дека дел од договорот од 1 март е промена на изборното законодавство врз основа на препораките на ОБСЕ и Венецијанската комисија, а посебно промени со кои ќе се адресираат проблемите поврзани со замаглувањето на границите меѓу државата и партијата, како и зајакнување на правните механизми за заштита на администрацијата од притисоци и закани во текот на изборите (тоа значи дека постои мешање на партијата на власт и државата, дека администрацијата е злоупотребена во текот на изборите и дека без да се промени изборниот законик би се соочиле со истите забелешки за легитимноста на изборите од 2011 година);
– Дека се загрижени за контроверзниот закон за лустрација и бараат спроведување на одлуката на Уставниот суд (тоа значи дека актуелниот закон не обезбедува демократски начин на делување и може да биде искористен спротивно на идејата за лустрација на Советот на Европа, како и дека не се спроведува одлука на Уставниот суд);
– Дека борбата со дискриминација треба да се однесува и на дискриминацијата врз основа на сексуална ориентација (тоа значи дека не само што не треба да се носат закони со кои ќе се загрозува еднаквоста на луѓето со различна сексуална ориентација, туку треба да се носат закони и да се спроведуваат политики со кои ќе се обезбеди поголема еднаквост);
– Дека Советот на Европа е загрижен за мерките кои Македонија ги употребува за справување со “лажните“ баратели на азил затоа што правото на луѓето да ја напуштат сопствената држава е човеково право гарантирано со чл. 2 од Протоколот 4 на ЕКЧП и Советот на Европа (тоа значи дека Македонија ја прекршува ЕКЧП со спречувањето на луѓето да ја напуштат државата);
– Дека Советот на Европа сериозно се сомнева дека Република Македонија има политичка стабилност за да може да ги спроведе потребните реформи и дека треба да биде поддржана во консолидирањето на демократијата (тоа значи дека постои процес на разнишување на демократијата и Македонија нема сили сама без надворешна помош да ги направи потребните промени со кои би ги воспоставила европските стандарди).
Секој од горните сегменти може да биде искористен за формулирање соодветни прашања кон носителите на власта, како рамка на идна анализа на опфатената норматива и практика и како алатка во остварувањето на контролната улога на медиумите.
Со отсуството на анализа, на комплексно пренесување, на вкрстување со реалната ситуација во Република Македонија, во отсуство на откривање на контрадикциите на дадените изјави во врска со резолуцијата (посебно со изјавите на носителите на власта), како и во отсуство на новинарски прашања формулирани врз основа на горните забелешки и препораки (и поставени до соодветните носители на власта), медиумите стануваат дел од манипулацијата на јавноста.
Оваа анализа е изработена во рамките на Проектот на УСАИД за зајакнување на медиумите во Македонија – Компонента Сервис за проверка на факти од медиумите, имплементирана одМетаморфозис. Анализата e овозможенa сo поддршка на Американската агенција за меѓународен развој (УСАИД). Содржината на анализата е одговорност на авторот и не ги одразува ставовите на Метаморфозис, УСАИД или Владата на САД. За повеќе информации за работата на УСАИД во Македонија, ве молиме посетете ги веб-страницата (http://macedonia.usaid.gov) и Фејсбук-страницата на УСАИД (www.facebook.com/USAIDMacedonia).