Препораката на Европската Комисија, за отворање на преговори за членство со Македонија без натамошно одлагање, е сигнал до Македонија и до Грција што побргу да се реши спорот за името, изјави министерот за одбрана на Република Македонија Фатмир Бесими, по неговите средби во Вашингтон.
Во Вашингтон министерот Бесими одржа предавање на универзитетот „Џон Хопкинс“, во кое упати пораки за меѓусебно разбирање и соработка кон Грција, како и за исполнување на даденото ветување – членство на Република Македонија во НАТО.
За време на прашањата, гласно смеење во салата предизвика грчки учесник кој на министерот Бесими „му одржа предавање“ за грчката историја на Македонија и ги обвини македонските власти за иредентизам, покажувајќи фотографии од мапи на древна Македонија во македонските училишта и од собири на македонската дијаспора во северна Америка, јави МИА.
„Македонија и Грција имаат секојдневна размена, во туризмот, за шопинг, за бизнис, со грчки инвестиции. Мојата сметка е во грчка банка, секое утро автомобилот го полнам со бензин од грчкиот инвеститор Окта. Да, треба да најдеме решение и Македонија да стане членка на НАТО, што е во интерес и на Македонија и на Грција. Потоа, како партнери, може да најдеме решение и за ваквите прашања. Јас верувам во добри односи, и мора да разберете дека ваквите мапи не претставуваат закана“, одговори министерот Бесими.
Во поддршка на овој став се јави и албанскиот амбасадор во САД Гилберт Галанџи, кој рече дека балканските земји треба да гледаат во иднината и дека историјата може да донесе само проблеми. Галанџи, сепак, наведе дека мајката на Александар Македонски била Албанка.
Бесими рече дека бил критикуван во Македонија поради поклонување на споменик на припадниците на ОНА, но и од албанската заедница во Македонија поради посетата на Белград и средбите со српски претставници кои учествувале во војната на Косово.
– Јас сакам да работам за иднината, и плаќам политичка цена за тоа, изјави министерот Бесими.
За време на својата посета, министерот Бесими учествуваше на форум на млади лидери на универзитетот Јеил, зборуваше на универзитетот Харвард и имаше средби со претставници на дијаспората и во Атланскиот совет на САД.