Потпретседателот на Владата на Република Македонија, Фатмир Бесими, попладнево на средба во Европската комисија, од страна на комесарот за преговори за проширување, Јоханес Хан, доби извештај на неколку страници за тоа кои реформи неформалната Влада на Европската унија бара од Македонија итно да ги спроведе пред издавање на октомврискиот прогрес-извештај за напредокот на земјата во евроинтеграциите.
Како што јавува дописникот на МИА од Брисел, Бесими по средбата потврди во изјава за МИА дека Хан му ги предал заклучоците на ЕК направени врз база на последните случувања во Македонија, но и на анализата на ескпертот Рајнхард Прибе, поранешен директор во Директоратот за проширување на ЕУ, за тоа што се е потребно нашата држава да стори за да добие препорака за отворање на преговорите за членство во Унијата и оваа година.
Бесими, кој денеска во европската престолнина се сретна и со Кристијан Даниелсон и Жан-Ерик Паке од Директоратот за проширување, како и со европратениците Едвард Кукан, Ричард Ховит и Иво Вајгл, од комесарот Хан добил порака да им пренесе на политичките лидери во Македонија да се почитува договорот од 2- ри јуни постигнат со негово посредство во Скопје и врз негова основа да се изгради конечен договор за ставање на крај на политичката криза во земјата.
– Поконкретни пораки на денешните средби добив на последниот состанок со еврокомесарот за преговори за проширување Јоханес Хан, од кого ми беше врачен на рака извештајот за Република Македонија со итни и приоритетни мерки за земјата што исто така ќе биде разгледан и на Советот за општи работи на Европската унија во текот на наредната недела, рече Бесими во изјава за МИА.
На прашањето за каков извештај се работи и дали тој содржи т.н. бенчмаркови што Комисијата и ги става на Македонија како услов за добивање на нова препорака за отворање на пристапните преговори, Бесими со одговор:
– Се работи за документ од неколку страници што опфаќа повеќе области. Пред се независност и неселективност на судството, потоа извештај во однос на државните служби за безбедност во Република Македонија и соодветни реформи што се потребни таму, како и реформите во однос на изборниот процес, слободата на медиумите и изразувањето. Се работи за извештај на ЕК што е апдејтиран со најновите случувања и извештајот што е подготвен од експертот на Еврокомисијата Рајнхард Прибе што ги става главните приоритети што Македонија треба да ги направи итно во текот на овој период, потенцира македонскиот вицепремиер за евроинтеграции.
Бесими вели дека главна порака од серијата средби што ги имаше денеска во Брисел е тоа дека во ЕУ се сериозно загрижени за настаните во Република Макеоднија во однос на политичката состојба. Притоа, преку него бил испратен апел за фокус во реформите во однос на евроинтеграциите и се бара политичкиот дијалог да си го завземе своето место.
– Главно е дека Македонија во Брисел има поддршка за реформите во европските интеграции, но тука се сериозно заинтересирани да видат конкренти чекори во однос на реформите и да видат успех во однос на политичкиот дијалог. Тие сметаат дека договорот постигнат на 2 јуни годинава во Скопје е валиден документ и дека политичките партии треба да останат фокусирани во имплементацијата на тој документ што е исклучително важно за реформскиот процес на Република Македонија во однос на евроинтеграциите, заклучува Бесими.
Од кабинетот на еврокомесарот Јоханес Хан, испратија соопштение по сребата со потпретседателот на македонската Влада, во кое се посочува дека „двајцата разговарале за актуелната политичка криза во земјата, со цел да се поддржи напредокот во дијалогот на политичките партии кои се вклучени во истиот”.
– Комесарот го повтори својот повик до сите партии, во интерес на својата земја и нејзините граѓани, да најдат траен политички компромис, изграден на договорот што веќе го постигнаа на 2. јуни. Тие, исто така, разговараа и за приоритетите на итна реформа на земјата, што Комисијата ќе ги следи внимателно во наредните месеци, се наведува во соопштението од Еврокомисијата за средбата Хан-Бесими.