По пуштањето од притвор, новинарот на „Лајм“, Бесим Ибрахими за Цивил Медиа изјави дека полицијата вршела физичко и психичко насилство врз него.
Тој вели дека само ја извршувал неговата задача како репортер и дека не бил директно инволвиран во протестите.
„Во саботата известував за мојот весник за тоа што се случува на протестите.
Кога демонстрантите почнаа да фрлаат со камења јас бев на 200 метри подалеку. Јас мојата работа како новинар си ја вршев професионално. Од специјалната полициска единица ми наредија: „Легни! Што бараш тука!“. Јас им кажав дека сум новинар.
Сепак ме приведоа и потоа ме тепаа, 2-3 пати ме удираа со пендрек, по рацете и нозете. Ме третираа на нечовечен начин, не ми дозволуваа да одам, туку ме влечеа по земја. Не врзаа со лисици, не пикнаа во возило и не знам во кој правец не возеа. Беа страотни моменти. Ни се обраќаа со „умрете Албанци“, „ќе ве убијам“, „шиптарско ѓубре“.
Беа застрашувачки моменти, кои врз некого може да остават психички последици“, изјави Ибрахими за Цивил Медиа. Според него, МВР го обвинува дека фрлал со камења, го криел лицето со блуза и бил дел од демонстрантите, што тој категорично го отфрла и тврди дека само ја вршел својата работа како новинар.
Ибрахими поминал 24 часа во полициската станица во Кисела Вода. Тој додава дека заслужни за неговото ослободување се дел од интернет порталите кои постојано известувале за неговиот случај, како и претседателот на Здружението на новинарите на Македонија Насер Селмани и директорот на „Лајм“ Фејзи Хајдари.