БЕЛЕШКИ ЗА ПОПУЛИЗМОТ: Парите се отепувачка за политиката уредувачка

Од:

Во периодот 2010-2013 г. секојдневно се затвораа или се преземаа оние медиуми што имаа критички однос кон политиките на Груевски, а во тоа главно средство беа заканите и парите.

 

Пишува: Сашо Орданоски

 

Полека, но сигурно, се заокружува приказната за тоа што се случи со македонските медиуми по доаѓањето на власт на ВМРО-ДПМНЕ во 2006 г. Силно помогнати во освојувањето на власта од електронските и печатените медиуми на газда Велија (и некои други газди, де!), во првите неколку години од владеењето ДПМНЕ се пресметуваше со политичките опоненти во СДСМ и вон неа, систематски „освојувајќи“ ги сите позиции во и вон државниот апарат и победувајќи на секои наредни избори со подобар резултат. По разидувањето на интересите меѓу Груевски и Рамковски некаде околу 2009 г. – главно заради недоразбирањата околу поделбата на државните ресурси и ресори на влијание – газда Велија помисли дека тој и неговата медиумска империја се посилни од власта. Расплетот на таа драма сите го посведочивме во директен телевизиски пренос: со селективна и демонстративна примена на правните, инспекциските и полициските сили, медиумите на газда Велија беа затворени или згаснаа во 2011 г.

Потоа власта прејде во агресивно преземање на сопствеништвото или уредувачките политики во најголемиот дел останати електронски и печатени медиуми во Македонија. Во периодот 2010-2013 г. секојдневно се затвораа или се преземаа оние медиуми што имаа критички однос кон политиките на Груевски, а во тоа главно средство беа заканите и парите. Законите се менуваа преку ноќ за да се легализира оваа криминална операција. Милиони евра јавни пари завршија по разни провладини и владини џепови, а за другите уредно се поднесоа стотици вакви или онакви кривични и прекршочни пријави, процесуирани низ коридорите на познатото македонско независно судство.

 

15-20 МИЛИОНИ ЕВРА ГОДИШНО ЗА ВЛАДИНИ РЕКЛАМИ

Владата стана најголемиот огласувач низ медиумите со 15-20 милиони евра годишно – ова сега што признаа дека даваат по 7-8 милиони годишно веднаш множете го најмалку со два! – а медиумите станаа еден од најголемите спонзори на партијата на власт: само на последните избори дури 40-тина локални и регионални медиуми донирале пари за Груевски, а оние на национално ниво веќе не се ни прашуваат колку рекламно време ќе им се земе. На последните избори коалицијата на ДПМНЕ располагаше со 13 пати повеќе пари наменети за пропаганда од коалицијата на опозицијата, а власта само во печатените медиуми објави 16 пати повеќе реклами од опозицијата. Самото ВМРО-ДПМНЕ е петиот најголем огласувач на македонскиот медиумски пазар!

Во таква ситуација, уредувачката политика на најголемиот број медиуми во Македонија стана сопственост на владејачката врхушка. На тие медиуми им остана само да се грижат за одржување на хигиената во своите простории, бидејќи и за количеството шеќер во кафето вртат телефон кај Протуѓер.

За сите автократски режими, па и за овој на Груевски, многу е важно владеењето со медиумите. Преку контрола на информациите што се дистрибуираат во јавноста и преку гушење на други информации кои публиката не смее да ги чуе и види, се шири систем на уверувања („етос“) коишто треба да придонесат да се создаде атмосфера во државата дека не само што е прифатлив начинот на кој владее Груевски, туку дека тој е и легитимен, дека нема подобра алтернатива и дека, дури и да ја има, фаталистички, ние не ја заслужуваме (Вебер). Потребата од слободата отстапува пред потребата за стабилност, а демократијата станува грда именка што може да ти го расипе денот или кариерата. Речиси целото општество бара status quo, затоа што има и полошо! Па, и со 300 евра се живее, плус тегла ајвар и по некој домат!

 

„ЌЕ ВЕ НАРЕДИМЕ КАКО ШИШИЊА!“

Старо правило е дека пропагандата не ве учи што, туку како да мислите и дека секоја успешна пропаганда повеќе ресурси ќе потроши на тоа што не треба да се дознае во јавноста, одошто за тоа за што треба јавноста да се информира. Во напорот да се легитимира секој потез, секој проект или секоја одлука на безгрешната власт – без разлика на катастрофалните последици од таквите политики – веднаш пред провладините медиуми (а кога треба и пред некоја зграда) се исправаат правоверни дијабетичари, кои молат да им се смени инсулинската терапија; поштари и пожарникари кои се против штрајкот во образованието; млади лекари кои се против најавата за штрајк на „старите“ лекари; екологисти кои бараат повеќе загадување, итн. Принципот со кој се владее е непомирлива поделба на општеството на наши и „непријатели“, со конфликтот како главен метод за решавање на општествените процеси. За ништо нема разговор и договор, а камоли компромис! Таквата политика станува секојдневна „казнена експедиција“ кон секој кој помислил дека може да мисли со своја глава, вон тоа што ќе му биде соопштено во Дневникот на ТВ Сител. Вистинската и квалитетна дебата во медиумите речиси е загушена, а на нејзино место дефилираат некакви мижи-бутај Миленковци и Јанковци – и нивните печатени еквиваленти – кои своето полтронство го нудат како замена за она пред што би требало да бидат исправени првенците на Груевски: прашања за одговорноста во владеењето, последиците од таквото владеење и, најважно, каде се парите?

Таквото секојдневно водење на политиката, што во економијата се нарекува како модел на zero sum game – победникот зема сѐ и резултатот мора да е 100:0 за тие што се на власт – води кон состојба чијшто расплет најдобро ја опишува неодамнешната изјава на Љубе Бошковски: „Кога ќе победиме, ќе ве наредиме како шишиња и ќе ви судиме!“ Всушност, оваа власт знае дека, кога ќе дојде „второто полувреме“, илјадниците очајници навистина ќе ги наредат како шишиња, но се плашат дека веројатно нема ни да им се суди. Затоа и немаат намера кој било – по демократски и мирен пат – да ги победи. За Груевски и екипата, прашањето за останување на власт станува прашање на гол опстанок, веројатно не само политички. За тоа е добро да се има уважување, бидејќи Ѓаволот одамна ја однел шегата.


Оваа колумна е изработена во рамките на Проектот на УСАИД за зајакнување на медиумите во Македонија – Компонента Сервис за проверка на факти од медиумите, имплементирана од Метаморфозис. Колумната e овозможенa сo поддршка на Американската агенција за меѓународен развој (УСАИД). Содржината на колумната е одговорност на авторот и не ги одразува ставовите на Метаморфозис, УСАИД или Владата на САД. За повеќе информации за работата на УСАИД во Македонија, ве молиме посетете ги веб-страницата (http://macedonia.usaid.gov) и Фејсбук-страницата на УСАИД (www.facebook.com/USAIDMacedonia).

Би можело да ве интересира

Реален здравствен систем, а не експлодирана ракета на годината-петарда

Ана Ололовска

Погледот на Балканот кон Брисел, а намигнувањето кон Москва не е добра можност

Наум Локоски

Блажески: Солза, лажеш, ти никогаш не би се качила на гајби и буриња, освен ако не мислиш дека тие се мостот до удобна фотеља

Ана Ололовска

Македонските политичари да не се прават Англичани пред Тереза Меј

Ана Ололовска

Врне во душите на македонскиот народ, ама здравството нема да потоне

Ана Ололовска

Азески, време е да се пензионираш, заедно со својот дијалект!

Ана Ололовска