И таму имало лавови- разликата е само што тие се од поодамна. На самитот на Европската народна партија во Брисел. Фото: EPP, 2014
Уникатно истражување за тоа како граѓаните на Македонија гледаат на премиерот Никола Груевски и како политичар и како човек.
Пишува: Сашо Орданоски
Во декември 2013 г., за потребите на една пообемна студија, бев во прилика да спроведам опсежно истражување за перцепцијата на македонската јавност и нејзиниот однос кон лидерот на десната популистичка артикулација во Македонија, Никола Груевски¹. Ги меревме корелациите и концентрациите на политичките ставови во јавноста во однос на неговите лични квалитети, неговите политички и лидерски карактеристики и за насоката во којашто ја води државата. Перцепцијата воспоставува одреден динамичен однос меѓу лидерот и неговата околина, со можност за интерпретација на појавата што е предмет на перцепцијата – со други зборови, колку што ги меревме перцепциите на јавноста за Груевски, толку ја меревме и самата јавност во однос на тоа од кои елементи ги гради тие перцепции за него.
Низ 15 прашања поставени на анкетираните (мнозинството прашања беа со можност за избор од повеќе наведени опции) направивме обид да ја евалуираме перцепцијата на јавноста – особено кај етничките Македонци, кон кои најмногу апелира политичкиот ангажман на лидерот Груевски – во однос на харизматичниот капацитет на долгогодишниот македонски премиер, неговите говорнички вештини, чувствата што ги предизвикува кај испитаниците, перцепцијата за неговите главни карактерни особини и искреноста на неговите намери, впечатокот за нивото на увидот во проблемите што ги решава, самостојноста во донесувањето на одлуките, како и неговата подготвеност за донесување компромисни решенија во домашната политика. Меѓу другото, прашавме и за тоа дали испитаниците мислат дека тој ја обединува или дека ја разединува нацијата, како и за неговата политика, специфично, кон барањата на етничките Албанци во Македонија.
За овде да не се занимавам премногу со методолошките аспекти на истражувањето, сепак треба да кажам дека – во соработка со еден од најугледните и најискусни македонски истражувачи, директорот на агенцијата БРИМА, психологот Ѓорѓи Кимов – отидовме и чекор понатаму: поединечно испитуваните варијабили од погоре наведените и други прашања ги обединивме на „повисоко“ ниво, конструирајќи т.н.синтетички варијабили. Со нив ги вреднуваа перцепциите за личните особини на Никола Груевски², а нивната обработка ни даде можност сумарно да ги класификуваме одговорите во 6 степени на интензитет, кои се движат од максимално позитивни, до максимално негативни евалуации.
„На овој начин се овозможува мерење на вкупната позитивна или негативна валенција, т.н. дистрибуција на психолошката енергија, и според полот на испитаниците и според интензитетот на нивните ставови, затоа што синтетичката варијабила дава информација и за пониските валенции, односно помалата позитивна или негативна психолошка енергија којашто е ’врзана‘ за Никола Груевски“, вели Ѓорѓи Кимов, водачот на истражувањето.
По пат на сличен методолошки алгоритам добивме и други синтетички варијабили што се занимаваат со евалуацијата на говорничките ефекти врз јавната перцепција за Никола Груевски; евалуација на чувствата што тој ги предизвикува во јавноста; како и евалуација на неговите карактерни особини. Дијапазонот во кој тие се оценувани е низ 8 степени, од високо позитивна евалуација (3+), умерена (2+) и ниско позитивна (1+), преку мешовит тип на евалуација (+/–), кон ниско негативна (1-), умерено негативна (2-) и високо негативна евалуација (3-), заедно со оние кои не евалуирале (0/0).
Вака вреднувани и обединети, овие три евалуации (кои во себе содржат повеќекратна можност за вредносни избори) конструираат нова варијабила за „јавната перцепција на психолошкиот профил на Никола Груевски“.
МАКЕДОНСКАТА ЈАВНОСТ САКА ДА СЕ ПОТЧИНИ
Разликата помеѓу генералната евалуација на личните особини на Груевски и перцепцијата на неговиот психолошки профил е во тоа што при вреднувањето на личните особини вклучивме и три други посебни димензии: интуитивната (перцепцијата на харизматичноста), евалуацијата на искреноста (како главна премиса за прифаќање или одбивање на личноста на Груевски) и, конечно, преку мерењето на перцепцијата за храброста и верноста на Груевски, направивме мерење на авторитарната субмисивност на испитаниците, како оцена за тенденцијата за некритичко почитување на авторитет. И од ова, а и од други минати истражувања – на пример, врзани за перцепцијата на авторитетот на починатиот македонски претседател Киро Глигоров или добро познатите наоди од претходни истражувања за состојбата со високите авторитарни тенденции во свеста на македонската јавност – знаеме дека механизмот на потчинувањето на авторитет има помалку врска со самиот Груевски, а повеќе со развиената предиспозиција со масовно-психолошки размери за потребата и подготвеноста на поголем дел од македонската јавност да се предаде на еден лидер (авторитет) којшто ќе ја преземе одговорноста за носење одлуки за кои јавноста, несигурна во последиците, нема сопствен капацитет за соочување со нив. Да потсетиме, Московиси тврдеше дека лидерот е повеќе потреба на масата, одошто негов/нејзин талент и умешност да ѝ се наметне. Затоа, испитаниците во создавањето на својата перцепција подлегнале на одредена сугестија што егзистира во општествената клима за Груевски. Со други зборови, варијабилата за психолошкиот портрет дава информации како испитаниците, тргнувајќи од сопствените карактеристики, непосредно го перцепираат Груевски, а другата варијабила дава дополнителни информации за влијанијата кои доаѓаат од актуелниот општествен контекст.
Идеални услови за промоција на харизматична личност е состојбата во која незадоволството во јавноста се генерализира и како последица на тоа довербата во институциите е намалена, а кај граѓаните доминира незадоволство. Но, не е во прашање пасивно незадоволство – апатија – туку незадоволство полно со енергија во потрага по личност која може да ги промени состојбите. Во врска со тоа Серж Московиси, во „Време на толпата“, вели: „Околностите во кои се појавува таков авторитет се извонредни. На тоа му претходи жесток слом на постоечкиот систем на владеење и разочараност во институциите кои ја губат својата виталност. Јавноста (масите) тогаш имаат впечаток дека сѐ околу нив се руши. … Општествениот живот се одвива вон вообичаените текови…“ Ова доведува до високо ниво на масовна и хронична фрустрација, а во такви ситуации луѓето покажуваат склоност кон прифаќање на „едноставни решенија за да ги пресечат проблемите, постојано влошувани со компромиси и сомнителни активности [на политичките лидери и партии]… јавноста и не знаејќи бара човек кој е способен да го забрза текот на работите, повторно да го состави идеалното и реалното, можното и неможното. Со еден збор, да го сруши постоечкиот поредок, кој го чувствуваат како состојба на неред и целото општество да го врати кон вистинските цели. Тогаш воскреснува потребата за извесен вид на авторитет кој би бил во состојба однатре да ја промени ситуацијата. А лидерите надарени со харизма одговараат на таа потреба.“
Кимов предупредува дека потрагата по таков авторитет е процес со колебања и осцилации, не се случува преку ноќ, а тој процес може да се одвива пократко или подолго, но е со упорна тенденција да се одвива сѐ додека толпата не го „најде“ авторитетот на кој ќе му ја довери својата наклонетост. „Луѓето повеќе ги привлекуваат разните привиди за излез од вистинските проекти за излез од состојбите, заради што и на политичкиот пазар нема сериозна понуда. Асортиманот се сведува на евтини, стереотипни и неоригинални решенија. До кога така? Сѐ додека не се појави нов политички субјект во чиј центар ќе сјае лидерот со харизма која резигнацијата, пасивноста, очајот и растечката апатија ќе ги трансформира во мобилизирачка надеж во чиј епицентар ќе биде волјата да се излезе од непрегледната долготрајна криза“, вели Кимов.
ГРУЕВСКИ Е БЛИЗОК ДО ОБИЧНИОТ МАКЕДОНЕЦ
За илустрација, во нашето истражување идеализираната слика за Груевски меѓу етничките Македонци е индицирана дури кај 38% од овие испитаници (кај нив Груевски позитивно е вреднуван во сите три испитувани компоненти: како говорник; во однос на чувствата што ги предизвикува; и неговите карактерни особини – и тоа со 3 до 9 позитивни валенции од 9 можни во сите три сета на прашања за психолошкиот портрет на Груевски), додека кај етничките Албанци сликата за Груевски е спротивна – кај нив 37% од испитаниците сосема го ценат за неприфатлив, што значи дека во сите три комплети на прашања кои се однесуваат на психолошкиот профил вреднувањата се негативни.
Резултатите од анкетата на поединечните прашања откриваат дека Груевски во македонската јавност ужива многу висок процент на позитивна перцепција во врска со неговите лични и политички карактеристики. Две третини од етничките Македонци (65,4%) сметаат дека тој е харизматичен, а кај тој сегмент на популацијата превладува мислењето дека тој зборува на разбирлив начин, близок до обичниот човек, со едноставна и убедлива реторика. Еден дел од испитаниците Македонци (35,2%) смета дека тој е „решителен, полн со самодоверба, со способност да ги привлекува колебливите“. Соодветно, 56,6% од етничките Македонци го оценуваат Груевски како човек со многу или целосно искрени намери; во таа етничка група 61,8% мислат дека тој има увид во проблемите на обичните луѓе во Македонија, иако кај Македонците е поделена оцената за тоа дека во донесувањето на одлуки, Груевски е сосема самостоен (39,4%), односно дека е подложен на влијанија повеќе одошто се прикажува во јавноста (39,4%). Збирно, дури 65,5% етнички Македонци се изјасниле дека Груевски донекаде или во голема мера е подготвен за донесување на компромисни решенија во домашната политика.
ДВИГАТЕЛ НА МЕЃУ-ЕТНИЧКАТА КОНФРОНТАЦИЈА
Што се однесува до обединувачките политички капацитети на Груевски, илустративен е примерот со острата етничка поделба околу тоа какви чувства предизвикува премиерот кога говори: кај Македонците тој предизвикува оптимизам (36,8%) и задоволство (28,5%), додека кај Албанците чувствата се дијаметрално спротивни со 44,7% кај кои предизвикува незадоволство и 26,7% револт. Оттука, јасно е дека чувствата во етнички поделената јавност во Македонија околу тоа дали Груевски „ја обединува или ја разединува нацијата“ – дури и со дилемата што подразбираат Македонците, а што Албанците, под поимот „нација“ во прашањето – се радикално спротивни: 65,8% Македонци сметаат дека Груевски ја обединува, а 66,8% Албанци сметаат дека тој ја разединува нацијата. Тој тренд на меѓусебно етничко темелно „неразбирање“ меѓу Македонците и Албанците во државата може, до некаде, да се следи и низ прашањето за оцена на политиката на Груевски во однос на барањата на Албанците во Македонија – дека води вистинска политика сметаат 41,9% од Македонците, наспроти 56,1% од Албанците кои веруваат дека политиката е погрешна; но, не треба да се занемари ни релативно високиот процент на Албанци, Македонци и други – 27,5% – кои сметаат дека Груевски води нејасна политика.
На прашањето Дали би купиле автомобил на старо од премиерот Груевски?, високи 47,6% од испитаниците одговориле дека никогаш не би купиле старо возило од Груевски (кај Македонците тој процент е 39,1%, а кај Албанците 69,8%), додека оние кои би купиле во зависност од цената се 29,2% (34,7% Македонци и 21,6% Албанци). Оние што би купиле, без разлика на цената, се 7,8% (10,3% Македонци и 2,3% Албанци). Не знаат близу 12% од анкетираните. Како што се гледа, иако низ претходните прашања констатиравме високи проценти на впечаток за харизматичност и искреност во јавноста за личните особини на Груевски, на ова прашање кое, всушност, го мери степенот на довербата во Груевски, нивоата на поддршка се видливо помали. Тоа се должи на рационалниот процес што се „отвора“ кај испитаниците кога треба да ја вреднуваат „понудата“ за купување стар автомобил од лидерот, наместо превладувачки емотивниот однос кога се одговара само на прашања врзани за неговата личност и неговиот карактер.
(Крајот во утрешното продолжение)
_________________________________________________________________________________________
¹ Истражувањето, нарачано од мене, беше спроведено во првата половина на месец декември 2013 г. од страна на агенцијата БРИМА, македонски член на Галуп Интернешнл, по пат на телефонска CATI (Computer Assisted Telephone Interview) анкета на 500 полнолетни и случајно избрани испитаници (325 етнички Македонци, 123 етнички Албанци и 52 припадници на други етнички групи), со испитанички примерок изготвен врз основа на податоците од пописот на населението во 2002 г. од страна на Државниот завод за статистика.
² Композитот го сочинуваа прашањата за Груевски: 1) дали е харизматичен политичар; 2) преку наведување на три особини, од понудени седум композитни карактеристики, да ги опишат неговите говорнички квалитети, а потоа 3) низ понудени десет опции и избор на три од нив да опишат какви чувства предизвикува кај нив говорот на Груевски; 4) три особини што најдобро го опишуваат неговиот карактер; 5) оценување на неговата искреност; и 6) оценување на неговата храброст и верност кон народот.
Оваа новинарска лекција е изработена во рамките на Проектот на УСАИД за зајакнување на медиумите во Македонија – Компонента Сервис за проверка на факти од медиумите, имплементирана одМетаморфозис. Новинарската лекција e овозможенa сo поддршка на Американската агенција за меѓународен развој (УСАИД). Содржината на новинарската лекција е одговорност на авторот и не ги одразува ставовите на Метаморфозис, УСАИД или Владата на САД. За повеќе информации за работата на УСАИД во Македонија, ве молиме посетете ги веб-страницата (http://macedonia.usaid.gov) и Фејсбук-страницата на УСАИД (www.facebook.com/USAIDMacedonia).